24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕврозоната порача дека новите преговори зависат од референдумот, Варуфакис тврди дека ги...

Еврозоната порача дека новите преговори зависат од референдумот, Варуфакис тврди дека ги одобрилa новите предлози

evrozonataaatatata

Министрите за финансии на земјите од еврозоната извршија во средата притисок врз грчките гласачи и нивната влада, предупредувајќи дека преговорите за новата програма меѓународна финансиска помош зависат од резултатите од референдумот на кој Грците ќе се изјаснуваат за прифаќање или одбивање на предлогот на доверителите. Грчкиот министер за финансии, Јанис Варуфакис, пак, истовремено изјави дека Еврогрупата ги одобрила новите предлози на Атина за реформите, а ЕУ побарала повеќе детали за финансиските резултати.

„Ќе се навратиме на вашето барање за поддршка на финансиската стабилност и Европскиот стабилизациски механизам (ЕСМ), дури по и врз основа на исходот од референдумот“, порача претседателот на Еврогрупата (министрите за финанси од земјите на еврозоната – з.м.), холандскиот министер Јероен Дијселблом во писмото до грчкиот премиер Алексис Ципрадс, кој претходно во средата навечер во телевизиското обраќање до нацијата ги повика грчките избирачи да ги отфрлат досегашните услови за меѓународната помош.

Според тоа, условите за исплата на натамошните заеми би можеле да бидат построги, доколку Грците се изјаснат против предлозите на доверителите. Европските челници порачаа претходно дека изјаснувањето со „не“ би можело да го загрози опстанувањето на Грција во еврозоната, додека „да“ би значело поддршка на Европската унија. Се смета, исто така, дека поддршката за предлогот на доверителите би можело да значи и крај на петмесечното владеење на Ципрас и да му даде на Брисел пофлексибилен партнер за преговарање.

Писмото на Дијселблом е испратено како одговор на барањето на Ципрас за нов кредит кое само кусо време било разгледувано на состанокот на Еврогрупата која во средата навечер одржа телеконференција. Министрите се договориле дека повеќе нема да преговараат со Грција, додека не бидат познати резултатите од референдумот на 5-ти јули. Конференцијата се одржа кусо откако Ципрас во обраќањето на јавниот сервис повторно ја критикуваше „нивната уцена“ и ги повика Грците да им кажат „не“ на условите за програмата за помош, којашто инаку истече во вторникот откако по повеќемесечни преговори не беше постигнат договор.

Ципрас во вторникот, неколку часови пред истекот на програмата за помош и рокот Атина да ги плати ратите од 1,6 милијарди евра кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), побара нејзино продолжување под условите слични на оние кои претходно во петокот му ги понудија доверителите, но со битни отстапки, вклучително и задржување на пониската стапка на данокот за додадена вредност за островите. Еврогрупата одговори дека писмото стигнало предоцна за да може да се продолжи програмата, и тоа откако Ципрас го одби предлогот и закажа референдум.

Европски извори за Reuters изјавиле дека во средата за писмото на Ципрас не било детално разговарано, но оти постои консензус да не им се одговара на барањата на должниците. „Во овој момент едноставно тие предлози ги примивме на знаење“, соопшти Дијслеблом во посебна изјава.

Хаосот кој ги следеше петмесечните преговори со контроверзните изјави продолжи и ноќта кон четвртокот, откако по соопштението на Еврогрупата, грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис изјави дека министрите за финансии порачале дека новите предлози на Грција се реформите биле направени во вистинска насока, но побарале повеќе детали за финансиските резултати, го цитираше весникот The Wall Street Journal.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП