16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕврозоната првпат дебатираше за сценарио на грчко неплаќање долгови

Еврозоната првпат дебатираше за сценарио на грчко неплаќање долгови

Image (73)

Претседателите на владите на членките од еврозоната првпат официјално дискутираа за можното сценарио со неплаќањето на долговите од страна на Грција во рамките на подготовките на состанокот на министрите за финансии следната седмица, изјавија во петокот неколку функционери за Reuters.

Во рамките на подготовката за состанокот на министрите за финансии на земјите членки на еврозоната следната седмица, претставниците на владите заклучиле во четвртокот навечер во Братислава дека постојат три сценарија за Грција на крајот од јуни, Според нив, најмалку веројатно е сценариото според коешто Грција и доверителите следната седмица ќе постигнат договор и така ќе го овозможат навременото завршување на правните процедури до крајот на јуни.

Второто сценарио предвидува повторено продолжување на актуелната програма за кредитирање која истекува до крајот на јуни, токму во времето кога Грција мора да врати 1,6 милијарди евра на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Третото сценарио предвидува прифаќање на можноста Грција дека можеби нема да може да ги исполни своите обврски, за што во четвртокот вечерта првпат официјално било дискутирано на високо ниво во Европската унија. На состанокот не е усвоен никаков конкретен заклучок, ниту одлука, истакнува Reuters.

Повеќето функционери оцениле дека малку е веројатно оти доверителите навреме ќе постигнат договор за реформите со Атина и дека ќе ѝ бидат исплатени 7,2 милијарди евра, колку што ѝ останаа на располагање на Грција во рамките на актуелната програма од меѓународна финансиска помош во износ од 240 милијарди евра, кој во февруари беше продолжена за четири месеци, а траншата е одложена од ланскиот август.

„Тоа би барало во текот на неколку дена да биде постигнат напредок кој не беше можно да биде постигнат изминатите неколку седмици. Реакцијата на Европската централна банка, Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и неколку земји членки беа извонредно скептични“, изјавил во петокот неименуван функционер запознаен со текот на разговорите.

Грчкиот претставник на средбата рекол дека Атина ќе стори сé што е потребно за да биде постигнат договорот на време, навеле функционерите. Тоа би значело постигнување договор пред средбата на Еврогрупата (министрите за финансии на земјите членки на еврозоната) на 18-ти јуни во Луксембург, којашто треба да го усвои. Притоа тие предупредуваат дека во тој случај исплатата на кредитите до 30-ти јуни за Атина би било тешко изводливо, бидејќи е потребно време да се довршат сите неопходни законски процедури.

Оттаму го скицирале второто сценарио, според коешто актуелниот пакет помош би бил продолжен за да се задржат 7,2 милијарди евра, односно 10,9 милијарди евра ставени настрана за докапитализација на грчките банки. Атина би добила пристап до овие суми откако ќе биде постигнат договорот за реформите.

Претставниците на некои земји од еврозоната рекле во Братислава дека владите сепак би требало да се подготват за третото сценарио, односно неплаќањето на долговите. „Првпат се расправаше за ‘планот Б’ за Грција“, рекол еден функционер. Уште други двајца потврдиле дека било дискутирано за таа тема.

Досега функционерите од земјите од еврозоната се воздржуваа од расправи за ова сценарио, дури и на состаноците зад затворени врати, како што беше оној од четвртокот навечер, и покрај тоа што одредени земjи, вклучително и Германија, самостојно се подготвуваат за таквото сценарио, истакнува Reuters. Дискусијата во Братислава имала повеќе теоретски карактер, бидејќи сценариото во коешто одредена членка не би ги плаќала своите долгови е без преседан во историјата на европската монетарна унија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП