28 март, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПотрошувачите се најнезадоволни од телекомуникациските услуги

Потрошувачите се најнезадоволни од телекомуникациските услуги

nezadovolni-poplaki

Потрошувачите во Македонија најмногу се жалат на услугите кај мобилната и фиксната телефонија и кабелските оператори по што следат поплаките кон ЕВН Македонија и Топлификација.

Ова беше истакнато на денешното традиционално одбележување на 15 Март, Светскиот ден на потрошувачот од страна на Министерството за економија на кое присуствуваа претставници од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), стопанските комори и други институции чии надлежности се поврзани со заштитата на потрошувачите. Годинава одбележувањето е под мотото „Заштита на потрошувачките права“.

– Во советувалиштето во Скопје лани, вкупниот број на советувања од ОПМ изнесува 1.266 од кои најголемиот дел се телефонски, лични советувања се 85, а по пошта и e-mail се пристигнати 152 советувања. Најголем дел од советувањата се во доменот на гаранцијата и рекламациите на прозиводите за кој не е проследен гарантен лист, овластен сервисер не го запазува рокот за сервисирање и производот го враќа неисправен, рече Марија Лончар од ОПМ.

Посочи дека како значаен проблем од потрошувачите се истакнуваат и немањето декларација на македонски јазик на сите производи и дека постои нечесно пазарно однесување особено кај промоцијата на производите, предпродажните услови и неисполнувањето на дел од договорите.

– За несообразноста на производот со неговиот квалитет има 178 поплаки, 173 поплаки се во делот на он-лајн услугите, 558 поплаки се кон јавните претпријатија и се однесуваат за застареност на побарување, правилниците утврдени од страна на Регулаторот, испорака на топлиснка енергија, раскинување на договори со кабелските оператори, нееднаквоста на наплата на потрошувачите кај корисниците на ЕВН Македонија со нови и стари броила, радиодифузната такса, 357 поплаки се во областа на гаранциите, а 178 се за неквалитетни производи и услуги, рече Лончар.

Најголем дел од потрошувачите кои по писмен пат побарале заштите од ОПМ, нагласи, си ги остваруваат правата, додека кaj оние кои побарале телефонски совети од Организацијата остварувањето е од 70 до 80 отсто.

Во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на потрошувачите, државниот секретар во Министерството за економија Анче Трифунов и претседателот на Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија, Ѓорѓи Јанчевски потпишаа кодекс за добро однесување на банките и штедилниците.

Кодексот, како што истакна Јанчевски, претставува доброволна рамка за регулирање  на работењето на банките и штедилниците со клиентите, правни и физички лица, и во него се утврдени минимумот страндарди и вредности за добро работење и фер  пазарно натпреварување. Има за цел да ги поттикне банките и штедилниците да постигнат што повисоки стандарди за доброто на совите клиенти.

Кодексот од утре ќе биде достапен за јавноста преку веб-страниците на Здружението за бакарство и на официјалните страници на секоја банка и штедилница членка на Здружението.

Во мај 2012 година на иницијатива на Министерството за економија, ваков кодекс веќе е потпишан со Групацијата на импортери на моторни возила при Сојузот на стопански комори на Македонија.

Како што информира извршниот директор на ССК Митко Алексов, целта на кодексот била да се воспостават стандарди на добро однесување и отворена комуникација спрема потрошувачите, зголемување на угледот и пропишување на идеи за одговорност, јавност, професионалност во работењето.

Државниот секретар Трифунов посочи дека целта на одбележувањето на Светскиот ден на потрошувачот е јакнење на свеста на потрошувачите во Македонија за заштитата на нивните права што им ги гарантира Законот за заштита на потрошувачите.

– Законот е усогласен со 13 директиви на ЕУ, а во 2011 година дополнет со уште две директиви за нечесно пазарно однесување и за наредби со кои се заштитуваат потрошувачите. Токму со последните две директиви се поттикнуваат трговците и давателите на услуги за воведување кодекс на однесување, рече Трифунов.

Тој нагласи дека Министерството има нова двогодишна програма за заштита на потрошувачите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП