Почеток на Кампот за иновации за климатски промени на кој, за време на викендот, ќе се развиваат десетте најдобри идеи од климатскиот предизвик „Твојот град – од тебе зависи“, беше значен во петок вечер во Иновативниот центар на Телеком.
Лидерите на избраните идеи ќе работат заедно со менторите, со цел од идеите да се направат модели и прототипови. Кампот ќе заврши во недела со доделување на награди за два проекти кои ќе покажат најголем потенцијал.
„Справувањето со климатските промени во различни сегменти – мониторинг, проценка на ранливост, адаптација, ублажување бара мобилизација, соработка и координација на национално и локално ниво на сите релевантни субјекти, опфаќајќи ја и единката како микро – елемент на општественото живеење. Тоа е и причината поради која сме сите ние тука денес – да ги слушнеме идеите од граѓаните и нивните иновативни предлози за справување со климатските промени. Од рециклирање на вода до чевли и велосипеди кои произведуваат енергија, широкиот дијапазон на иновативни решенија ќе ни помогне на сите да ги намалиме негативните последици од климатските промени и полесно да се адаптираме. Верувам дека ова е само почеток на една инспиративна соработка и нова ера на користење на иновативни решенија за подобра животна средина“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири на отварањето на Кампот.
На свечаниот настан присуствуваа и Луиза Винтон постојан претставник на УНДП во Македонија, Џихан Султаноглу, помошник генерален секретар на ООН и регионален директор на УНДП, Матс Стефансон амбасадор на Шведска, Џејмс Штајн, директорот на УСАИД и Димитар Трајанов декан и лидер на центарот за социјални иноваци.
Предизвикот е организиран од УНДП, Милиеуконтакт Македонија, Амбасадата на Шведска, УСАИД и Центарот за социјални иновации, а во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.