25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНезири-Мета: Соработката меѓу Македонија и Албанија континуирано се интензивира

Незири-Мета: Соработката меѓу Македонија и Албанија континуирано се интензивира

neziri meta

Македонскиот министер за економија Беким Незири денеска во Тирана оствари средба со претседателот на Собранието на Република Албанија, Илир Мета.

На средбата од обете страни беше изразено задоволство од досегашната соработка меѓу двете земји, почнувајќи од трговската размена меѓу двете земји во вкупен износ од над 122 милиони долари за 2014 година, која е регулирана согласно ЦЕФТА Договорот, па сѐ до проектите кои придонесуваат за поголемо поврзување на Македонија и Албанија.

Акцент беше ставен на проектот „400 kV интерконективен далекувод (Македонија- Битола) – (Албанија – Елбасан)“, кој е ставен на листата на приоритетни проекти во рамките на Енергетската заедница во делот на електро-енергетската инфраструктура, а со чија изградба придобивки ќе имаат и албанскиот и македонскиот електропреносен систем со оглед дека е прва интерконективна врска помеѓу двата системи.

Незири истакна дека со изградбата на овој далекувод ќе се комплетира Коридорот 8 и ќе се подобрат напонските прилики во југозападниот дел на Македонија, ќе се избегне преоптоварување на одредени далекуводи, но и ќе се зголемат токовите на електрична енергија што придонесува кон развој на регионалниот пазар на електрична енергија, се вели во соопштението на министерството за економија.

На средбата било разговарано и за можностите за воспоставување на интерконекции во делот на природниот гас меѓу двете соседни земји, кои исто така ќе придонесат за сигурноста на снабдувањето на потрошувачите со енергенси, а во делот на патната инфраструктура акцентот беше ставен на проектите од Коридорот 8, меѓу кои и новиот автопат од Кичево до Охрид, со инвестиција од 374 милиони евра, кој започна да се гради во првата половина на 2014 и се предвидува да заврши за 45 месеци.

Незири и Мета ја истакнаа важноста од овој источно-западен крак, како важен заеднички приоритет за сите земји во регионот, бидејќи го поврзува транспортното движење од Јадранско до Јонско Море во Европа, со Црно Море и Азија.

Во делот на железничка инфраструктура, беше разговарано и за планот за изградба на комплетно нова железница на Кородор 8 до Албанија (Кичево-Лин) со должина од приближно 63 километри, за кој е превиден буџет од 8 милиони евра и е во фаза на изработка на основен проект од страна на шпанската консултантска фирма “TYPSA”, со која е потпишан договор кон крајот на минатата година. Согласно договорот подготовката на проектот е со времетраење од 24 месеци и се планира да се заврши во втората половина од 2016 година.

Според министерот за економија Беким Незири и претседателот на албанското Собрание Илир Мета, реализацијата на овие проекти ќе придонесе за уште поинтензивна соработка меѓу двете земји, особено на полето на економијата, продлабочени трговски врски, но ќе биде поттикнувач и за забрзан развој на регионот и негово побрзо интегрирање во европското семејство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП