20 април, 2024
ПочетнаКАРИЕРАКако до работа од соништата

Како до работа од соништата

rab8

Постојат три начини за да ја добиете работата која ја сакате и која ќе биде добро платена. Важно е да воведете само три константи во вашиот пат кон бизнисот и кариерата.

 

Контакти, кредибилитет и компетентност: Колку повеќе контакти имате, толку е поголема шансата да ја добиете работата која ја сакате. Колку повеќе луѓе познавате и повеќе луѓе знаат за вас, толку е поголема веројатноста дека ќе дознаете најмалку 85% од работите пред тие да бидат официјално објавени.

Затоа е важно да се одржуваат контактите, и да се биде член на група или здружение. Барајте луѓе за препорака. Соопштете им на вашите пријатели, роднини и познаници дека сте во потрага за (нова) работа. Потрудете се сите кои ги познавате, да знаат дека сте во потрага по нова работа.

 

Вашите контакти се ваш адут. Повеќето работни места никогаш не доаѓаат во облик на оглас за работа, само поради тоа што “некој некого познава”. Мислите дека немате широк спектар на контакти? Едноставно во секоја прилика потенцирајте дека барате нова работа – и со тоа ќе создадете контакти. Притоа можете да побарате од соговорниците да ви дадат некој совет. Секој сака да се чувствува корисен.

 

Вашиот углед е многу важен

Кредибилитетот е важна константа што мора да ве следи во текот на вашата кариера. Кредибилитетот е составен од вашиот углед и карактер. Воедно, ова е најважниот квалитет кога барате препораки (информации за потенцијалното работно место), или помош од своите познаници.

Бидете постојани во се што правите, и притоа придржувајте се до највисоките етички стандарди. Не зборувајте и не правете нешто што отстапува од овие правила. Имајте на ум дека луѓето ќе сакаат да ве препорачаат за некоја работа, само ако се 100% сигурни дека нема да ги посрамотите со вашето однесување или постапки.

 

Бидете добар во она што го работите

Со други зборови, бидете компетентни. Од клучно значење за вашата работна иднина е каков сте биле на претходните работни места, но, исто така, какви ќе бидете во текот на разговорот за нова работа. Освен вашиот карактер, вашето ниво на компетентност е втората најважна работа за успех во вашата кариера. За да го постигнете тоа, пожелно е постојано усовршување на знаењата и вештините (доживотно учење).

 

Седум најбарани квалитети

Секој вработен има одреден степен на искуство. Врз основа на тоа, секој треба да има добра идеја, за она што мора да го усоврши. Во прилог ви претставуваме листа од седум клучни квалитети:

 

1. Интелегенција

Студиите спроведени на оваа тема, покажуваат дека 76% од придонесот и продуктивноста на вработените,  произлегуваат од нивниот коефициент на интелигенција. Интелегенцијата е способност за планирање, поставување на приоритети, решавање на проблеми и успешно извршување на работата. Интелигенција се однесува на степенот на “здравиот разум”, вашата практичност, и способноста за решавање на секојдневните работни предизвици. Вашата интелигенција најдобро може да ја покажете со поставување на квалитетни прашања, затоа што тоа е одраз на љубопитност (главна карактеристика на интелигентните луѓе). Колку повеќе поставувате мудри прашања и внимателно ги слушате одговорите, толку попаметно делувате.

 

2. Карактеристики на лидер

Лидерство може да се дефинира како спремност и желба за прифаќање на одговорност. Тоа е способност на преземање на контролата, доброволно преземање на задачи, како и преземање одговорност за постигнатите резултати. Одлика на лидерите е да не прават исклучоци. Своите квалитети на лидер покажувајте ги во моментот кога сакате да преземете одговорност за целата компанија, и се обврзувате на повисок квалитет на изведба на работите.

 

3. Интегритет

Ова е најважниот квалитет за долгорочен успех во бизнисот, и почнува со тоа кога прв пат ќе бидете искрени со себе. Тоа значи дека сте совршено искрен со себе си, но исто така и во односот со другите. Подготвени сте да ги признаете своите предности и слабости. Подготвени сте да ги признаете грешките што сте ги направиле во минатото. Лојални сте. Никогаш не кажувајте нешто лошо за поранешниот работодавач или лице со кое сте работеле. Дури и ако сте добиле отказ од претходната работа, не велете ништо лошо за работодавачот.

 

4. Допадливост

Работодавците сакаат луѓе кои се топли, срдечни, со кои е лесно да се работи, и лесно создаваат добар однос со другите. Работодавците бараат луѓе кои можат да се приклучат на тимот и да бидат дел од “семејниот бизнис”. Таквите луѓе се обично попродуктивни на работното место. Важна улога во ова има тимската работа. Вашето искуство во тимската работа и вашата подготвеност да учествувате во тимска работа, може да ви бидат најатрактивните професионални квалитети кога сте во потрага по (подобра) работа.

 

5. Компетенција

Компетентноста е исклучително важна за успех. Тоа е “база” на се она што се случува со вашата кариера. Едноставно кажано, компетентноста е способност да ја завршите работата – добро. Тоа е способност за да се утврдат приоритетите, одвојување на важните од помалку важните факти, и способноста за посветеност (концентрација) на работата “од почеток до крај.”

 

6. Храброст

Способност да се преземат ризици. Волја за прифаќање на предизвици, преземање на големи или целосно нови активности, во кои постои висок степен на неизвесност и на можност за неуспех. Храброст е способност за изнесување на мислења и чувства, па дури и во неповолни околности. Работодавачите се восхитуваат на луѓето кои не се плашат да го изразат своето сопствено мислење. Во текот на интервју за работа, храброст покажувате кога отворено поставувате прашања за компанијата, нејзината позиција на пазарот и вашата иднина во компанијата.

 

7. Внатрешна сила

Ова значи дека сте одлучни, и дека имате способност да издржите шокови на кои ќе бидете изложени кога работите ќе тргнат наопаку. Внатрешната сила ја покажувате кога ќе останете смирени и релаксирани за време на интервјуто за работа. Ова е добар показател дека ќе бидете кул и смирен во текот на решавањето на тековните деловни проблеми.

 

Најважен од се е вашиот карактер, кој е збир на сите ваши доблести – и тоа ќе биде од клучно значење во одговарот на прашањето: Дали ќе ја добиете работата која ја посакувате или не?  Откако ќе ја добиете работата, ваша работа е да продолжите да го подобрувате вашиот карактер, преку комуникација со други, важни луѓе во вашиот (деловен) живот.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП