19 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПознатата њујоршка зграда „Флетајрон“ ќе никне на влезот на Кисела Вода

Познатата њујоршка зграда „Флетајрон“ ќе никне на влезот на Кисела Вода

zgrada k.voda

Висококатница по урнекот на позната зграда „Флетајрон“ во Њујорк ќе се гради на влезот на Кисела Вода, на местото на поранешната фабрика „Цветан Димов“.

Ова го соопшти градежната компанија „Адора инженеринг“, на Саемот за градежништво што во вторник беше отворен на Скопски саем.

Компанијата земјиштето го купила на јавна лицитација, по цена од 2.200.000 евра, а ќе треба да платат уште 2.500.000 евра за комуналии. Изградбата би требало да започне ова лето.

„Се очекува во текот на градба, за една и пол година, на реализација на  проектот да бидат ангажирани околу 500 градежни работници, со што ќе дадеме голем придонес во македонската економија. Што се однесува на цените тие ќе се движат некаде помеѓу цените на становите во Карпош и општина Аеродром во Скопје, а Адора инженеринг ќе оди со стапка на профитабилност од 10 %.“, изјави Ванчо Чифлиганец, генерален директор на градежната компанија Адора инженеринг.

Тој додаде дека очекува овој проект во двете насоки, да оствари финансиски обрт од околу 40 милиони евра.

„Според архитектонскиот проект кој сега се работи, овој објект треба да биде со висина од 45 до 50 метри, со ексклузивни деловни простории, мезанин и елитни станови на 14 нивоа. Објектот ќе биде со препознатливиот квалитет на градба на Адора инженеринг, со потврдена асеизмичка стабилност, енергетска ефикасност А-класа, со примена на најновите технологии и трендови, кој на станарите ќе им понуди исклучително квалитетни и модерни услови за домување и бизнис“, додаде Чифлиганец.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП