24 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИЦените на становите непроменети

Цените на становите непроменети

stanovi22

Цената на становите засега нема да претрпи значителни промени и покрај интензивната изградба на нови објекти. Побарувачката моментно е намалена, а претежно се бараат станови со големина од 45 до 65 метри квадратни.

Тоа го тврдат дел од градежните инвеститори, присутни со свои понуди на  саемите за градежништво и за недвижности, што се одржуваат од денеска на Скопски саем.

– Цената на становите засега може да остане само на истото ниво и нема да се намалува, затоа што сите трошоци за купување парцели, за комуналии и за атрактивни локации не се намалуваат, а се зголемуваат цените на градежните материјали. Нема основа да се намалат цените, изјави Ванчо Чифлиганец, сопственик на „Адора Инжинеринг“.

Според него, цените на становите во Скопје, Охрид и во Струмица сега се на задоволително и нормално ниво. Оние што се елитни и квалитетно изградени  нема можност да се намалат, а оние кои се  изградени со помалку вложени трошоци имаат можност да ги намалат цените, но со тоа се губи квалитетот и сигурноста е помала, посочи Чифлиганец.

Скопје,  укажа, и натаму е најатрактивен град за купување станови, затоа што во последните години во него се градело многу и во него дојдоа многу луѓе од целата држава.

Со став дека наскоро ќе нема значителни промени во цената на становите е и Сеад Кочан, претседател на Комората за градежништво при Сојузот на стоопанските комори.

– Во наредниот период ќе има зголемување на побарувачката. Сега интензивно се гради, се влегува со елан, амбиција е дека потребите на луѓето ќе останат исти, посочува Кочан.

Според него, најдобро оди продажбата на становите со големина од 45 до 65 метри квадратни, а тие што не се продадени претежно се со поголема квадратура.

Во дел од фирмите за градежни материјали, пак, за наредниот период најавуваат намалување на цената  на производите.

– Градежните материјали од браншата што ја покриваме оваа година, сигурно ќе претрпат намалување на цените поради огромната конуренција од поранешните југословенски држави. Тоа се однесува на материјалите кои се за високоградба, лепила, плочки, фасадни материјали. Цената на тие производи и така е многу ниска, така што тука секој дел од денарот игра улога на пазарот. Се работи за некои минимални разлики, но во секој случај како домашна компанија сметаме дека треба да бидеме поконкурентни од другите, изјави Горан Јовановски, оперативен директор на Адинг Скопје.

Според него, состојбата во индустријата за градежни материјали од почетокот на годинава е речиси на исто ниво како лани. Очекуваат подобрување, но не со преголем оптимизам.

– Кризата што ја чувствуваме сега во Македонија, на странските пазари се почувствува многу одамна. Во Македонија да речеме можеби е и  најмалку  во однос на пазарите на кои сме присутни. Не гледаме некој посебен излез на странските пазари. Нашата стратегија ќе биде оваа година на македонскиот пазар, а странските пазари ќе бидеме среќни да ги задржиме на ланското ниво,  посочи Јовановски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП