19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПремиерот Груевски оствари повеќе економско политички средби во Индија

Премиерот Груевски оствари повеќе економско политички средби во Индија

132467769

Премиерот Никола Груевски за време на неговиот престој во Индија оствари повеќе политичко­економски средби на кои разговараше за зголемување на соработката и унапредување на односите меѓу двете држави.

На средбите се претставени и потенцијалите на Македонија и можностите што им се нудат на странските инвеститори кои ќе решат да го прошират своето производство во Македонија.

Во Џајпур на средбата со премиерката на индиската држава Раџастан, Васундара Раје, еистакнато дека Македонија има огромен потенцијал за економска соработка со Раџастан, која е најголема држава во Индија.

Премиерот Груевски посочи дека Македонија може да биде портата на индиските компании кон европскиот пазар, поради добрите бизнис услови кои се нудат, ниските трошоци за правење бизнис, поволните даноци, како и пристапот до 650 милионскиот пазар што е резултат на потпишаните договори за слободна трговија на Република Македонија со сите држави во Европа.

132467770

Премиерката Раје изрази благодарност за посетата и активното учество на премиерот Груевски на самитот Партнерство 2015 кој се одржа во Џајпур, главниот град на Раџастан. Таа посочи дека резултатите што ги има постигнато Македонија се значителни и претставуваат цврста и солидна основа за градење пријателство и интензивна економска соработка. Таа изрази уверување дека настапот на премиерот на самитот Партнерство 2015 привлекува внимание на многу индиски компании кои бараат можност за пласирање на своите производи на европскиот пазар и дека водењето бизнис во Македонија е една од најдобрите можности за остварување на тие планови.

Покрај ова, премиерот Груевски се сретна и со претседателот на Конфедерацијата на индиската индустрија Бенерџи Чандрајит на кого му се заблагодари за активната поддршка што ја дава Конфедерацијата за промоција на потенцијалите за инвестирање во Македонија, односно со нејзина поддршка се одржа бизнис форумот на македонската владина делегација во државата Ченаи, а ќе се одржи и бизнис форум во Џајпур.

132467771

Премиерот Груевски нагласи дека Македонија е отворена за создавање бизнис релации со индиските компании, а Чандрајит оцени дека Македонија е земја која направила многу на планот на економијата и се поголем број компании се заинтересирани за соработка и водење бизнис во Македонија. Тој истакна дека Индија е една од најбрзо растечките економии во светот со големи корпорации кои се насочени кон освојување на нови пазари, а Македонија нуди огромен потенцијал на тој план.

Конфедерацијата на индиската индустрија обединува 7.200 компании членки и над 100.000 индиректни членови компании. Тоа е значителна шанса за продлабочување на економската соработка, посочи Чандрајит.

Премиерот Груевски оствари средба и со економските министри од индиската влада, министерката за трговија и индустрија Нирмала Ситераман и министерот за железница на Индија Сурех Прабу. На состаноците е разговарано за можноста за соработка и создавање слови за водење бизнис на компаниите, како и за унапредување на заедничките односи меѓу двете држави.

Груевски истакна дека Македонија издојува значителен процент на средства за изградба на инфраструктура и посочи дека во моментот се градат три автопати и пруга кон Бугарија, но и оти се инвестира во останата патна инфраструктура. ­ Тоа е значително олеснување за граѓаните и влијае за поттикнување на економскиот развој, истакна Груевски.

Досега Македонија и Индија имаат потпишано договор за одбегнување на двојно оданочување на компаниите, но и договор за заштита на инвестициите. Во фаза на преговори за потпишување се и повеќе други договори од сферата на економијата, земјоделството и културата.

Во текот на денешниот ден македонската владина делегација ќе ги презентира можностите за инвестирање на бизнис форум во Џајпур кој се одржува во соработка со Конфедерацијата на индиската индустрија.

Раџастан има популација од 68.5 милиони жители и е по површина најголемата индиска држава. Бруто домашниот производ на оваа држава е со раст од високи 11.86 проценти споредено со минатата година. Главно е развиена цементната и минерална индустрија, текстилната индустрија, туризмот и земјоделското производство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП