19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСАД се соочуваат со автоматско кратење на Буџетот

САД се соочуваат со автоматско кратење на Буџетот

automatic-budget

Од вечерва на полноќ во САД по автоматизам ќе стапи во сила намалување на Државниот буџет, со што во следните седум месеци средствата за буџетските корисници ќе бидат намалени за околу 85 милијарди долари, а до 2021 година за вкупно билион долари.

Иако принудното кратење на Буџетот ќе има негативни последици врз напорите за заздравување на американската економија, засега нема најави дека Конгресот би можел да постигне компромис за избегнување на автомсткото намалување на буџетските средства.

Во прилог на ваквата оценка оди и фактот што голем број сенатори и конгресмени уште од синоќа го напуштија Вашингтон и заминаа во своите домови за претстјниот викенд, од како Конгресот вчера ја затвори сесијата за оваа недела, по двата неуспешни обиди на демократите и на републиканците во Сенатот да гов одложат стапувањето во сила на овие мерки.

Американскиот претседател Барак Обама последниве денови се обиде да издејствува компромис меѓу републиканските и демократските членови на Конгресот, но таквите негови напори не дадоа разултат.

Демократите во Конгресот предлагаат намалување на буџетскиот дефицит преку зголемување на даноците за богатите Американци, додека републиканците инсистираат на остварување на таа цел преку кратење на државите трошоци и на реформи на јавните програми.

Претставник на Белата куѓа најави дека Обама денеска ќе одржи уште една средба со лидерите на двете партии во Конгресот, но не изрази оптимизам за можен договор.

Доколку не биде постигнат компромис, Обама ќе мора да потпише извршен акт за намалување на трошоците на сите владини и јавни институции – од Пентагон, па се до корисниците на социјална помош и на земјоделски субвенции.

– Влијанието на оваа политика нема да се почувствува преку ноќ, но ќе биде реално. Колку подолго овие кратења бидат во сила, толку поголема ќе биде и штетата, изјави Обама.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, ваквото буџетско кратење беше договорено во 2011 година, откако републиканците и демократите не успеаја да постигнат договор за намалување на огромниот долг кој изнесува 16,6 билиони долари. Согласно тогаш постигнатиот договор, под раководство на сенаторот Алан Симпсон и Ерскин Боулс, партиите имаат рок да постигнат решение за долгот додека тој да достигне околу 16,4 билиони долари.

Доколку нема договор, автоматски почнуваат тешки кратења на буџетот кои удираат врз приоритетни програми за двете страни – за армијата, која ја поддржуваат републиканците и на која се однесуваат околу 650 милијарди долари од вкупните средства што ќе бидат скратени од буџетот до 2021 година, но и за социјалните програми, кои се важни за Демократската партија.

Идејата на автоматското кратење беше да се натераат двете партии да соработуваат со цел да се избегне ваквата ситуација, но по минатогодишните избори претседателот Обама одби да преговара за ова прашање.

Со недели наназад, администрацијата на Обама предупредува на тешките последици од кратењето на Буџетот. Секретарот за транспорт Реј Лахуд изјави дека очекува закани по безбедноста на авиосообраќајот, секретарот за образование Арне Данкан рече дека учители веќе остануваат без работа, додека претседателот Обама изнесе долг список на административни служби, како ФБИ, граничната полиција и прехранбените санитарни инспекции, кои ќе бидат погодени  од кратењата.

Службата за имиграција и царина предизвика бура од реакции кога ослободи стотици илегални доселеници и криминалци кои требало да бидат депортирани во државите од кои дошле во САД, додека воената морнарица го одложи испраќањето на носачот на авиони „Хари С. Труман“ во Персискиот Залив поради немање пари.

Републиканците, од друга страна, бараат претседателот Обама да го почитува ветувањето дека, ако тие се сложат на зголемување на даноците за побогатите Америкаци, Обама ќе прифати дека буџетот мора да се скрати од сегашните рекордни нивоа.

Според Републиканската партија дури и со автоматското кратење, буџетот на САД за 2013 година ќе биде за два проценти повисок од минатогодишниот, поради што драматичните предупредувања за стотици илјади отпуштања во јавната администрација и повлекувањето на воени бродови од служба се неприфатливи.

Годишниот буџет на САД изнесува околу 3,5 билиони долари, но приходите се само околу 2,5 билиони долари, што остава дупка од билион долари секоја година.

Во меѓувреме, двете страни меѓусебно се обвинуваат за тоа чија идеја било автоматското кратење. Легендарниот новинар Боб Вудворд, чии текстови ја предизвикаа аферата „Вотергејт“ и оставката на претседателот Ричард Никсон, влезе во отворен конфликт со кабинетот на претседателот Обама, откако објави дека идејата за ваквото кратење во 2011 година дошла од претседателот и неговиот тогашен буџетски советник и актуелен секретар за финансии Џејк Лу.

По оваа изјава, Вудворд објави дека добил закана од Џин Сперлинг, висок буџетски советник во Белата куќа, кој му кажал дека „ќе зажали“.

– Пораката дојде од многу висока личност во Белата куќа. Многу ми е непријатно што Белата куќа им кажува на новинари дека ќе зажалат затоа што направиле нешто во што самите веруваат, изјави Вудворд.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП