25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија може да очекува придобивки од договорот за слободна трговија меѓу САД...

Македонија може да очекува придобивки од договорот за слободна трговија меѓу САД и ЕУ

A picture illustration taken in Warsaw shows a one euro coin on one U.S. dollar banknotes

Најавите на Соединетите Американски Држави и на Европската Унија за создавање на Трансатлантска слободна трговска зона, ќе имаат позитивни ефекти и врз соседните држави од двете страни на Атлантикот, вклучително и за Македонија.

Иако се очекува трговскиот договор да биде исклучително сложен, и преговарањето да трае со години, сепак, и во Брисел и во Вашингтон изразуваат силна поддршка за реализирање на оваа историска мерка, која може да помогне да се ублажат последиците од економската криза. Очекувањата се дека постигнувањето на договор за укинување на царинските и регулаторните ограничувања меѓу две од трите најголеми економии во светот, ќе придонесе за зголемување на бруто домашниот производ за половина до еден процент, и ќе создаде нов центар за развој на слободната трговија со Азија, Јужна Америка и Африка.

– Мислам дека полчитичарите и преговарачите од двете страни навистина сакаат ова да го сторат брзо. Си поставија многу амбициозна агенда. Приватно признаваат дека процедурата ќе трае подолго, но во исто време мораат да постават кратки рокови, за да вршат притисок врз преговарачите и врз функционерите и политичарите од двете страни. Ако ги поставиме роковите за две, три години од сега, што ќе постигнеме? Ништо нема да се случи сега, сите ќе чекаат разговорите и преговорите да почнат кога ќе се приближи крајот на рокот, изјави за МИА Фредрик Ериксон, угледен шведски економист и директор на Европскиот центар за меѓународна економска политика.

Ериксон појаснува дека договорот нема директно да се одрази врз државите кои не се членки на Европската Унија, како што е Македонија. Но, според него, посебниот статус кој земјите – кандидати за членство како Македонија го имаат во трговијата со Европската Унија, ќе значи дека Македонија може бргу да влезе во очекуваниот втор бран во кој ќе бидат опфатени соседните држави од двата континенти.

– Како прво, ниту една држава нема да биде автоматски вклучена во ваков трговски договор. Државите кои имаат договори за слободна трговија, или за асоцијација, или царинска унија со ЕУ, нема да бидат автоматски опфатени од овој договор, ниту позитивно ни негативно. Тоа значи дека ако овие држави сакаат да добијат слични трговски поволности со САД, ќе мора да склучат одделни договори со САД. Доброто е што мислам дека ќе има волја од страна на САД да ја вклучи и пошироката територија околу Европската Унија, која има силна пазарна поврзаност со ЕУ, а на сличен начин ова ќе биде можност и за Европа да гледа кон Канада и Мексико и да бара начин и нив да ги вклучи во атланскиот трговски договор. Мислам дека ќе видиме втор бран на ефекти кои ќе произлезат од овој транс-атлански договор, вели Ериксон, кој учествуваше во трибина за предложениот трговски блок организирана од либертаријанскиот институт Кејто во Вашингтон.

Овие ефекти би значеле дека македонските производи и услуги ќе можат, освен да бидат лесно и без плаќање на давачки да бидат пласирани на американскиот пазар. Секако, по евентуалното членство во Европската Унија, овој договор би важел и за Македонија.

– Кога ќе станете членка на ЕУ автоматски ќе станете дел од овој договор. Со влегувањето во ЕУ ќе ги прифатите сите договори претходно потпишани од ЕУ и ќе бидете принудени да ги почитувате. Договорот ќе се однесува целосно и еднакво на сите членки на ЕУ, вели Ериксон.

Сајмон Лестер од Кејто оцени дека договорот е дотолку повеќе важен што одамна не се случил значителен успех на поборниците за слободна трговија во светот. Учесниците во дискусијата оценија дека Светската трговска организација, која е задолжена да промовира намалување на трговските ограничувања низ светот, е практично надмината институција и дека живееме во пост-СТО свет, во кој сојузот САД – ЕУ како далеку најголем трговски блок на светот, ќе може да биде нов мотор за засилување на светската трговија. Сепак, Лестер предупреди на опасноста овие два светски центри, познати по огромното количество на регулативи и бирократски пречки кои ги произведуваат, да се заплеткаат во преговорите околу регулативите, но и околу земјоделските производи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП