29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Охрид одржан 4-тиот Саем за вработување

Во Охрид одржан 4-тиот Саем за вработување

rabota300

Во организација на Агенцијата за вработување на Република Македонија во Спортскиот центар „Билјанини Извори“ во Охрид денеска беше отворен 4-тиот Саем за вработување, активност насочена кон непосредно поврзување на работодавачите и лицата кои бараат работа и во крајна цел намалување на бројот невработени во земјата.

Манифестацијата е осмислена како можност за работодавачите да ја презентираат својата дејност, условите за работа и за вработување, потребите од работна сила и своите развојни планови, а истовремено да остварат контакт со заинтересираните посетители, кои ќе можат да остават свое CV, да дискутираат за прашања од интерес и сето тоа евентуално да резултира со засновање работен однос.

Влатко Поповски, директорот на Агенцијата за вработување, истакна дека наместо своевиден регистратор на слободни работни места, Агенцијата преку ваквите активности станува активен посредувач меѓу работодавците и невработените и сите лица кои бараат работа.

„Владата преку сите свои политики се обидува да најде што повеќе работни места, а преку оваа манифестација сакаме тие работни места да им ги презентираме на невработените и да им ги отвориме перспективите на сите кои бараат работа“, рече тој.

Основната цел на програмата е намалувањето на бројот невработени лица во земјата, создавање дополнителни можности за намалување на тој број, со нивно вклучување на пазарот на труд и со регулирање и решавање на проблемот околу нивното вработување.

„Овој саем за вработување претставува ретка можност да се направи непосреден спој меѓу работодавачите и невработените лица – работодавачите да ги искажат своите потреби од работна сила, условите за вработување, додека невработените да ги презентираат своите квалификации, вештини што ги поседуваат за нивно вклучување во производните процеси“, истакна Јован Баткоски, раководител на Центарот за вработување во Охрид.

Тој нагласи дека Саемот има и друга димензија, оттаму што нуди можности младите лица од завршните години на образованието да бидат поттикнати да го одберат идното занимање, односно преку сопствените интереси да ја одберат т.н. кариерна или професионална ориентација во нивното дообразување, зависно афинитетите и потребите на пазарот на труд.

Заменик-градоначалникот на Охрид Ангел Јанев од своја страна укажа дека работата не треба да се чека туку се бара, а дел од тие информации потребни за наоѓање работа да се бараат токму на вакви манифестации.

Во рамки на заемот како посебна активност се предвидени и форуми со работодавачи, на кој ќе бидат презентирани услугите и можностите за вклучување во активностите на Агенцијата за вработување, а работодавачите ќе можат да поставуваат прашања, но и да даваат свои предлози, низ интерактивно учество во дискусии кои се однесуваат на пазарот на трудот и вработувањето во државата, Саемот во Охрид опфати 70-тина компании и работодавачи од приватниот сектор од Охрид, Струга, Кичево и Македонски Брод, а свои презентации имаа и владини институции како и организации од невладиниот сектор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП