19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМинистерот Незири во Црна Гора ги претстави инвестициските можности во Македонија

Министерот Незири во Црна Гора ги претстави инвестициските можности во Македонија

neziri foto

Министерот за економија Беким Незири на конференцијата „Економијата-основа за регионална соработка на Западниот Балкан“, која се одржа во Будва, Црна Гора, ги презентираше поволностите за инвестирање во Македонија, како уникатни во регионот.

На министерската панел дискусија на тема „Просперитет преку соработка – предизвиците на регионалната соработка на земјите од Југоисточна Европа на нивниот пат кон европската интеграција, министерот Незири истакна дека и покрај фактот што Македонија нема излез на море, сепак, е атрактивна за странските компании, а клучот за успехот се деветте функционални од единаесетте планирани ТИРЗ-ови, ширум земјава, кои нудат многу поволни услови за компаниите.

„Рамниот данок кој го воведовме и во моментов е еден од најниските даноци во регионот, како и поволностите кои вклучуваат даночно ослободување на профитот за целосно вршење на работата во зоната, одредени исклучоци од ДДВ за трговија во рамки на зоната и за увоз во зоната, даночно ослободување од личен доход за вработените, како и царинските поволности и исклучените трошоци за градежни зафати и други форми, беа причина за интерес на врвни компании за инвестирање во овие зони“, рече Незири.

Во контекст на ова, министерот Незири пред присутните колеги од регионот ги претстави придобивките за економијата во Македонија по отворањето на овие зони, при што покрај неколкуте илјади новоотворени работни места, тој истакна дека извозот од зоните надминал 750 милиони евра годишно, а до крајот на 2014 година се очекува да достигне вредност од над една милијарда евра.

Претставувајќи ги клучните електроенергетски интерконективни проекти и оние од транспортната инфраструктура, министерот Незири апелираше за поголема координација помеѓу државите во регионот, во реализирањето на проектите кои се од регионален интерес, како што се енергетското поврзување, автопатиштата и железниците.

Претседателот на германскиот Совет за инвестиции за Источна Европа, Екхард Кордес истакна дека германските компании се силни партнери и големи работодавачи на Балканот, но, сепак, невработеноста во регионот се уште претставува голем проблем за кој мора да се изнајде решение.

„Младите од Балканот се подеднакво интелегентни како младите од Германија, но нивниот капацитет не е искористен и на ова треба да се работи поинтензивно. Би сакал да истакнам дека еден од начините е со поактивно аплицирање за европските фондови, кои можат многу подобро да се искористат преку прекугранични проекти“, посочи Кордес.

Во текот на панел дискусијата на која учествуваа министрите од регионот, во чија надлежност се економијата и економскиот развој, од страна на претставниците на Германија и на Европската Унија беше потврдена евроатлантската перспектива на сите држави во регионот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП