29 март, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Коста Петров, основач и извршен директор на Пи Ворлд

Интервју со Коста Петров, основач и извршен директор на Пи Ворлд

laq

Коста Петров е основач и извршен директор на ,,Пи Ворлд”, глобална креативна агенција основана во Македонија, со присуство во триесет земји во светот, меѓу кои се Катар, Мароко, Јордан, Азербејџан, Србија, Хрватска и Русија. Со над 5.000 продадени примероци, неговата прва книга ,,Се гледаме на врвот” беше најпродаваната книга во 2013 година, на Издавачки центар ТРИ и на најголемиот онлајн портал за купување книги во Македонија. Неговата втора книга, ,,Стравот”, издадена во септември 2013 година, го повтори успехот на ,,Се гледаме на врвот”. Таа вклучуваше документарец кој беше првиот македонски документарен филм комерцијално прикажуван во македонските кина. ,,Стравот” е достапна и на англиски јазик на најголемиот онлајн портал за книги во светот amazon.com. Во јануари 2014 година од страна на реномираниот Конгрес Магазин тој беше прогласен и за еден од 30-те највлијателни луѓе во индустријата за настани во Европа. За денар.мк Коста Петров говори што го поттикнало да основа своја компанија, кои се неговите почетоци на кариерата, кој пазар му претставува предизвик за работа, каде и кога се гледа на врвот и кој “врв“ би сакал да го освои.

 

Денар: Што те поттикна да отвориш своја компанија?

Искрено, никогаш немав амбиција да отворам сопствена компанија. Убаво ми беше кога работев за други. Платата си доаѓаше на први од секој месец и освен за потребите на моето семејство, не се грижев за ништо друго. Но за жал, универзумот имал друг план за мене. Во 2008ма година Дубаи го зафати огромна финансиска криза и јас немав друга опција освен да се вратам во Македонија и од тука да се обидам да започнам нешто. Менаџирање на настани е единствено што знаев да правам во животот и така со минимални средства ја основав компанијата Пи Ворлд. Не беше лесно да се направи тој чекор но денес, четири години подоцна и над 30 освоени земји, среќен сум што се одлучив на тој чекор. Водењето на сопствен бизнис е огромна одговорност и некогаш може да донесе многу болка но денес знам дека болката апсолутно вредеше.

lab

Денар: Кои се твоите почетоци во кариерата?

Кариерата ја започнав додека ја привршував четвртата година на Американскиот Универзитет во Прага. Работев на еден проект на Обединетите Нации но за моја среќа не се пронајдов во таа работа и шест месеци по моето дипломирање започнав да работам во најголемата европска компанија за организирање на настани во Прага. Само шест месеци подоцна бев регрутиран да работам за најголемата компанија за организирање на настани во Средниот Исток и така се преселив во Дубаи. Пред неколку години можеби ќе речев дека сосема случајно влегов во индустријата на настани но денес знам дека не постојат никакви случајности. Иако сум дипломиран политиколог никогаш не работев во политиката и сите мои соништа си ги остварив преку работата во индустријата за настани.

lac

Денар: Како глобална креативна компанија Пи Ворлд, имаш ли своја фаворит земја како пазар би сакал да се развиваш?

За четири години се позициониравме во 30 земји и навистина сум горд на нашата работа. Секоја нова земја ми е омилена. Оваа година влеговме во Турција, Катар, Мароко, Јордан и Иран. Искрено сум изненаден од Иран како земја бидејќи навистина имав негативна перцепција за ситуацијата таму се додека не ја посетив земјата пред неколку месеци и си поминав најубаво на свет. Иран е полн со прекрасни луѓе. Можеби со најгостопримливите луѓе во светот. Дефинитивно е земја која секој треба да ја посети. Јас одам повторно во ноември и едвај чекам да дојде тој момент.

lag

Денар: Каде и кога се гледаш на врвот?

Види мораме прво да дефинираме што е врвот. Врвот има различно значење за секој од нас. За мене врв е да имам мир во душата. И само тоа е врв. Не се фокусирам толку на парите или на тоа дали ќе доживеам некој зацртан успех или не. Сакам да го дадам својот максимум во се што правам и да си легнам на крајот од денот со мир во душата. Кога имаш мир во душата имаш апсолутно се што ти е потребно за да го постигнеш секој зацртан успех во животот. Без мир во душата, ништо во животот нема смисла.

laf

Денар: Дали кога ќе го достигнеш својот врв имаш нов „врв“ за искачување?

За мене врвот е мирот во душата и тоа е единствениот врв што постои за мене и секојдневно го искачувам и секојдневно паѓам од него но тоа не значи дека нема да се откажам од желбата да имам мир во душата. Верувам дека победници не се оние кои не доживеале порази туку оние кои никогаш не се откажале.

laa

Денар: Во среда, на 24ти септември, пред книжарница ТРИ, во 19 часот е твојата промоција на новото дело „Нашето последно кафе“, за кога е наменета книгата?

Дефинитивно, оваа книга е за сите борци. Книга за луѓето кои не се откажуваат. „Нашето последно кафе“ е за луѓето кои ја гледаат светлината и во најтемните моменти на животот. Приказна за бизнисот пријателството и мирот во душата. Ќе ми биде чест и задоволство сите мои драги читатели и пријатели да присуствуваат на промоцијата, отворено ги поканувам на 24ти септември пред книжарницата ТРИ, во 19 часот да бидат дел од настанот.

law

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП