19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРеформа во фитосанитарната област за заштита на земјоделците и населението

Реформа во фитосанитарната област за заштита на земјоделците и населението

seme

 Владата на последната седница усвоила измени на неколку закони од фитосанитарната област, со цел да се подобри и контролира квалитетот на семенскиот материјал, да се заштитат  земјоделците и здравјето на населението.

– Се изменуваат корпус закони чија цел е унапредување на заштитата на квалитетот на семето, пестицидите и ѓубривата и на тој начин оневозможување некој да направи економска штета врз земјоделците или да влијае и да ги загрози здравјето и безбедноста на граѓаните во Македонија преку употреба на неисправни фитосанитарни производи, рече портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев на прес-конференција.

Трговците на семенски материјали, ѓубрива и пестициди ќе бидат обврзани на видно место да го објават телефонскиот број на Државниот инспекторат за земјоделство на кој фармерите ќе може да пријават неправилност во прометот на земјоделските репроматеријали. Кампањата „Секој фармер контролор“ ќе има цел да ги информира за оваа новина.

Институциите ќе прават редовни и почести фитосанитарни проверки, во точно утврдени периоди и методи. Ќе се засилува и кадарот со вработување инспектори во оваа област, посебно за контрола на пратките што влегуваат на граничните премини. Лабораториите за утврдување контрола на семенскиот материјал ќе мора да бидат меѓународно акредитирани до 1 јануари 2015.

Интервенирано е и во казнената политика – најмалку двојно се зголемени паричните казни за прекршување и изигрување на законите од страна на  производителите или продавачите на семенски материјал, а десеткратно ако работат неовластено.

Со измени во Кривичниот законик се утврдени и построги затворски казни – за физичко лице кое произведува или продава материјали штетни за здравјето на луѓето или генетски модификувани материјали до 5 години, до 10 години затвор за правно лице што ќе го штити интересот на субјектот кој го крши законот,  меѓу 3 и 20 години затвор за нанесување сериозна материјална штета на имотот и посевите,  а за смртни последици поради противправни дејства казната затвор е од 5 до 20 години.

За лицата кои квалитетно и правно постапуваат во оваа дејност и ги почитуваат законите, предвидени се стимулативни мерки – субвенција од 5 денари за секој произведен и продаден расад кој е одгледуван и продаден врз квалитативни и меѓународно верификувани стандарди. Од оваа година Владата ќе покрива и половина од вкупните трошоци за секој субјект кој ќе сака да организира репродуктивен центар за семенски материјал. 

На новинарско прашање Ѓорѓиев одговори дека надлежните институции ревносно постапуваат со контролата на млекото и млечни производи од увоз и произведените во Македонија.

– Прелиминарните податоци покажаа дека сите производи кои се во економско-правен промет ги исполнуваат стандардите, односно дека нема опасност за граѓаните, но дополнително е направена репроверка, која е во тек и во текот на денов треба да излезат нови резултати кои би значеле потврдување на претходните. Кога ќе бидат добиени сите информации од лабораториите, ќе излеземе со конкретно објавување на  резултатите од проверките, за да знаат граѓаните дали има опасност или не да купуваат некој производ од млеко, рече Ѓорѓиев.

За увезените, посочи тој,  Агенцијата за храна и ветеринарство информираше дека ќе бидат уништени количините кај кои е забележано одредено отстапување од стандардите и дека ниту еден од нив не е ставен во промет во Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП