25 април, 2024
ПочетнаКОЛУМНИКОЛУМНА: Утопија - М-р Раде Чоловиќ

КОЛУМНА: Утопија – М-р Раде Чоловиќ

6067-000007

Сабота е, викенд, но како по навика се будам рано како за на работа. Се вртам уште малце по кревет трудејќи се да не ја разбудам сопругата, но на крај станувам.

Си варам кафе, го земам списнието, месечникот Balkan financial news, и одам на тераса. Денес е деветнаесетти Септември две илјади и дваеста година, утротое свежо но не и ладно, па терасата ми е логичен избор за весник и утринско кафе.

Започнувам да го разгледувам весникот, се издава во печатено и електронско издание. Печатените изданија се на македонски, албански, српско-хрватски и англиски јазик, додека електронското издание е само на англиски јазик. Го издава денар.мк, се издава скоро една година, но веќе е еден од водечките весници во својата област. Весникот и тоа како е ценет на Балканот,како меѓу експертите така и меѓу другите граѓани. Весникот секогаш обработува провокативни теми, има издржани анализи, добри колумнисти и совети до младите претприемачи.

Ги читам насловите од насловната страна: „Западно-балканската економска заедница се поголема реалност“, „Се брендираат земјоделските производи од Македонија“, „Најавени инвестиции на иселениците во туристички комплекси во Албанија“, „За репрезантативните успеси во многу спортови на балканските земји придонесоа регионалните лиги“ ….

Ја дигнав главата од весникот, интерени наслови-помислив, навистина весникот вреди за сите пари.

Отпивам од кафето и започнувам со читање за Западно Балканската Економска Заедница (ЗБЕЗ). Во текстот се говори дека на прославата на денот на  Македонското востание, 11-ти Октомври, ќе присуствуваат претседателите на западно балканските земји: Македонија, Албанија, Косово, Србија и Црна Гора и како дел од прославата ќе биде и официјалното започнување на преговорите за основање на ЗБЕЗ. Се очекува преговорите успешно да завршат за не покасно од две години. Имено, заморени од чекањето да влезат во ЕУ, овие држави, се решени да формираат заедница по урнекот на ЕУ, со коориднирана надворешна и зедничка одбранбена политика.Целиот регион ќе биде зона на слободна трговија со усогласена даночна и економска политика, а паралелно треба да следи меѓусебна хомогенизација на законодавството и судството кое воедно ќе се хомогенизира со она на Европската Унија. Во земјите од Западен Балкан со зголемениот економски раст (БДП кај сите земји е зголемен за трипати во споредба со пред пет години), се чувствува замор од чекањето на членство, а кај граѓаните има и намалена желба за членство во ЕУ. Земјите се согласни, пред и по основањето на Заедницата, нивното зачленување во ЕУ да биде во пакет, односно по принципот сите или ниедна земја. По нивното зачленување во ЕУ, заедницата би се распаднала но воспоставените врски не би се прекинале и земјите би функционирале како лоби група внатре во ЕУ. За ЗБЕЗ интерес, иако прикриен, покажуваат и Бугарија и Хрватска, додека Турција отворено ја подржува идејата за формирање на оваа заедница и спремна е да стане нејзин партнер, со цел да развие уште подлабоки економски и политички односи.

free-trade

Интересно, а се сеќавам дека се започна пред пет години кога Македонија и Албанија го склучија таканаречениот „Договор за слободна трговија и пријателство“. Основата од каде што се тргна, беше дека двете земји се согласија да формираат заедничка компанија (по 50% сопственост) која ќе стопанисува со пристаништето во Драч на 99 години, со можност договорот да се продолжи и понатаму. Двете земји се обврзаа дека ќе инвестираат во доградба и проширување на пристаништето, што и бидна. Пари за тоа се најде од пристапните фондови на ЕУ како и преку задолжување на двете земји во меѓународните финансиски институции. Воедно се интензивира изградбата на коридорот осум, се изградија нови патишта и пруги. Најголема врева се крена околу делот на спогодбата кој гласеше: „За сите лоши работи во минатото двете земји не простуваат ниту сакаат да ги заборават, но иднината и одговорноста кон сегашните и идните генерации е поголема од оние од минатото, затоа нашите земји од сега натаму заедно ќе работаат на доброто и благосостојбата на граѓаните на двете земји ….“. Се сеќавам на реакциите во Македонија и Албанија, демек дека се издадени националните интереси, па протести, па трибини, па се јави со критики и дијаспората од двете земји, но на крај сепак храброста и визијата на лидерите на двете земји доведе до потпишување и реализирање на таа спогодба. Многу набрзо по започнување на изградбата на пристаништето и патиштата започна да се чувствува бенефитот во двете земји. После две години и Србија го потпиша истиот договор со Македонија и Албанија и земјите започнаа со изградба на заеднички гасовод кој ќе се приклучи на јужен тек и се друго е веќе историја.

Пивнувам од кафето и продолжувам понатаму, читам за брендирањето на македонските земјоделски производи.

Министерството за земјоделие на РМ заедно со неколку Земјоделски факултети при Универзитетите во Македонија и со поголемите компании, откупувачи на земјоделски производи и производители на храна, основаат таканаречена Лабораторија која ќе биде задолжена да ги брендира земјоделските производи, вино, ракија, како и месо, млеко и нивните преработки под брендот Производи од сончевата долина (Sunny valley products). За сите производи кои ќе се продаваат под овој бренд ќе се гарантира дека се произведени на 100% органски начин и дека се потполно здрави за јадење. Проверка на квалитетот на производите ќе се врши на откупните пунктови, фабриките но и директно на фармите, нивите и стаклениците. Преку Министерството за земјоделие ќе се организираат обуки за органско производство и ќе се евидентираат производителите на овие производи и истите ќе се субвенционираат. Субвенциите ќе бидат такви што државата ќе го откупи целото производство, односно ќе го откупи она што нема да го откупат откупните фирми кои имаат претходни договори со своите кооперанти. На тој начин, со државата како гарант дека ќе се откупи целиот принос, ќе се избегнат случаите да остануваат по нивите несобрани земјоделски производи и воедно ќе се гарантира претходно договорената откупна цена. Во исто време ќе се крои и политиката и стратегијата за сеење на култури кои се приносни. Се очекува дека на овој начин ќе се врати памукот, сончогледот, афионот, шеќерната репка и други култури кои исчезнаа или скоро исчезнаа од нивите во Македонија. Државата, откупените количини ќе ги чува во стокови резерви или ќе ги преработува во погони во државата или надвор. Како пример се наведува примерот со доматот. Па така, вишокот на домати државата ќе го продава на производителите на доматно пире или истиот домат преработен во доматно пире државата ќе го продава на производителите на кечап во земјава и странство.

Факултетите за земјоделие покрај организирање и спроведување на контролите на квалитетот преку своите институти, ќе работаат на зачувување и подобрување на домашните сорти на земјоделски производи. На тој начин ќе се добие производ кој ќе биде препознатлив по својот квалитет и баран на пазарот во Македонија и пошироко.

Rows of a Carrot Field

Приватниот сектор претставен преку компаниите за откуп и преработка, на овој начин ќе биде мотивиран ваквиот производ да го продаде и така да оствари максимална заработка, како за себе така и за државната каса (преку остварените добивки од даноците).

Конечно, отсекогаш сум тврдел дека компаративна предност на Македонија е можноста за  производство на здрава храна и туризмот. Баш би ми било драго ако се реализира овој проект.

Отпивам од кафето, зарем има надеж за ова парче земја?

Погледнувам во часовникот и сваќам дека за половина час треба да се најдам со мојот најдобар другар и старосват да одиме на тенис. Го допивам кафето и набрзина го пролистувам натписот за инвестициите на албанските иселеници во Албанија.

Со цел зголемени инвестиции во туризмот и тоа пред се привлекување на албанската дијаспора да инвестира „дома”, Владата на Република Албанија со даночни олеснувања и евтина кредитна линија договорена со Еевропската Инвестициона Банка ги мотивира иселениците да инвестираат во туристички објекти во Албанија. Услови за добивање на даночните олеснувања и евтин и поволен кредит се: физичкото лице да инвестира минимум 30% од сопствени средства донесени од странство, правното лице мора да покаже дека минимум 51% од основачкиот капитал се средства инвестирани од иселеници и друштвото да обезбеди минимум 30% сопствени  средства за реализација на проектот. Втор услов е минимум 50% од изведувачите на градежните работи да бидат албански фирми. Албанскиот министер за инвестиции планира да одржи повеќе средби со албанската дијаспора низ светот и се надева дека ќе успее да ги убеди своите сонародници да инвестираат во татковината. Исто така се надева дека со инвестициите, иселениците ќе донесат и знаења и искуства од земјите каде живеат. Се очекува износот на инвестициите во туризмот, само во првите две години да биде над 500 милиони долари.

Да не бев договорен да излезам, сигурно ќе читав уште од магазинот. Но вака со тешко срце го одлагам читањето и со прашање дали сличен проект за инвестиции на дијаспората е можен и кај нас го затворам весникот.

Ја земам опремата за тенис и излегувам од дома.

Да, да, конечно има надеж за ова парче земја.

 

Автор на колумната

mr-cholovic

М-р Раде Чоловиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП