18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМицковски: Македонија нуди одлични услови за бизнис со даночниот пакет и квалификуваната...

Мицковски: Македонија нуди одлични услови за бизнис со даночниот пакет и квалификуваната работна сила

mickovski 222

Македонија нуди одлични услови за бизнис и веќе се покажува како одлична дестинација за автомобилската индустрија, вели во интервјуто за МИА, министерот за странски инвестиции Горан Мицковски. Тој посочува дека би сакал во Македонија да види повеќе компании од услужниот и финансискиот сектор, затоа што е битно за македонската економија да постои тој баланс меѓу производство и услуги. Очекува фокусот за привлекување инвестиции да биде насочен кон британскиот пазар и Југоисточна Азија…

Вие сте новиот министер кој се придружи на тимот на Владата кој веќе работи на привлекувње странски инвестиции. Кој беше предизвикот да се приклучите?

„По долгогодишна работа во финансискиот сектор чувствував потреба за нов предизвик и фокус кон проект од ваков тип со големо значење за државата и развој на нејзината економија. Затоа ми беше голема чест да добијам покана од премиерот Груевски да бидам дел од новиот владин кабинет со фокус на привлекување инвестиции од надвор. Инаку, идејата за овој аранжман не е нова, но од ред причини не можеше порано да се реализира. Мој впечаток е дека инвестицискиот тим на Владата работи одлично, целиот економски проект е многу важен за Македонија и чувствувам личен предизвик да помогнам со свое знаење и искуство истиот да се реализира“.

Зад себе имате богато искуство која ќе биде вашата конкретна област на која ќе се посветите во делот на привлекување странски инвестиции?

„Нашата цел како Влада е да го зголемиме значително нивото на странски инвестиции во овој мандат. Затоа очекувам фокусот да биде поширок – да се прошири доменот на инвестиции од фирми од области за кои Македонија веќе се покажува како одлична дестинација, како автомобилската индустрија на пример, но и да се привлечат инвеститори од нови сектори, како на пример информатички технологии и услужниот сектор, за кои Македонија исто така нуди одлични услови за бизнис“.

Дали со оглед на тоа дека сте биле консултант за инвестициско банкарство и стратегиски трансакции може да очекуваме да се насочите кон банкарскиот сектор?

„Македонија нуди одлични услови за бизнис во многу сектори. Од мојот краток период овде, впечаток е дека компаниите од производствениот сектор повеќе се присутни и тој тренд очекувам да продолжи. Би сакал да видам повеќе компании од услужниот и финансискиот сектор во Македонија затоа што мислам дека е битно за македонската економија да постои тој баланс меѓу производство и услуги. Го спомнавте банкарскиот сектор – според мое искуство тренд е во оваа дејност фокусот кон т.н. „centres of excellence“, со пренесување на дел од т.н. „back officе“ функции во земји во кои можат да се намалат трошоците за вакви операции. Мислам дека Македонија со одличниот даночен пакет, квалификуваната работна сила и ниските трошоци за бизнис создава одлични можности за ваквите услуги кои се даваат тука и дел од мојот фокус во овој мандат ќе биде насочен кон оваа цел, да се обидеме да донесеме повеќе инвестиции од оваа област“.

Кој регион ќе Ви биде во фокусот за привлекување инвестиции?

„Нашиот инвестициски тим има глобален фокус, но логично е да секој од нас во оваа работа го користи искуството и контактите стекнати претходно во одредени пазари. Затоа очекувам добар дел од фокусот да ми биде на британскиот пазар кој го познавам добро и кој има голем потенцијал и од кој очекувам повеќе инвестиции во овој мандат. Северниот дел на Европа, каде трошоците за бизнис се сеуште високи, исто така нуди одлични можности, а доста солиден потенцијал гледам и во Југоисточна Азија, каде исто така имам работено и чиј пазар го познавам добро“.

Владата презема низа мерки за привлекување странски инвестиции од кои има позитивен фидбек. Што според Вас може да се предложи за да има дополнителни резултати?

„Ако се има во предвид дека Македонија поинтензивно почна со процесот на барање инвестиции во услови на најтешка економска криза во светот, мислам дека резултатите досега се многу добри. Македонија ја има на мапата на поголемите светски компании, дел од нив веќе се тука, успешно работат и веќе го имаат проширено бизнисот, друг дел планираат да инвестираат во Македонија. Критичарите би рекле секогаш дека може и повеќе и тоа е наш фокус во овој мандат да го зголемиме тој обем и интензитет уште повеќе и обезбедиме повеќе инвестиции и нови работни места за доброто на граѓаните на Македонија“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП