19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУнгарска национална трговска куќа во Скопје

Унгарска национална трговска куќа во Скопје

ungarska kuka mk

„Македонија во изминатиот период постигна извонредно добар економски резултат што е за респект. Тоа е воедно и добра шанса да ја унапредиме досегашната соработка, особено меѓу малите и средните претпријатија како мотор за подобрување и влечење напред на трговските односи“, истакна денеска заменик министерот за надворешени работи и трговија на Унгарија Петар Сјарто, пред отворањето на Унгарската трговска куќа во Скопје.

Целта на Унгарската трговска куќа, рече, е да изгради што поефикасни и подобри партнерски односи меѓу компаниите.

„Владата на Унгарија се обврза да работи на унапредување на билатералните односи со Македонија. Во нашата надворешно-трговска стратегија, оваа земја има истакнато место и се смета за посебно важен партнер“, нагласи Сјарто, додавајќи дека двете земји имаат одлични политички односи и Македонија, во сите аспекти, може да смета на унгарската поддршка, посебно кога станува збор за зачленувањето во ЕУ и НАТО.

Шефот на македонската дипломатија Никола Поповски оцени дека отворањето на Унгарската трговска куќа е уште една потврда за одличните односи меѓу двете земји, како и за заедничкиот интерес за натамошно јакнење и на политиките и на економската соработка.

Со Унгарија, напомена, делиме иста визија – за отворен простор, зголемена соработка, инвестиции, трговија и поголемо присуство во регионот.

„Убеден сум дека оваа мудра одлука на унгарската Влада, да отвори Трговска куќа во Скопје, ќе ги интензивира бизнис контактите и ќе ги зацврсти воспоставените односи меѓу деловните заедници“, посочи Поповски.

Во контекст на евроатлантската и европската интеграција на Македонија, министерот заблагодари за, како што истакна, принципиелната, постојана поддршка од унгарска страна.

„Македонија природно припаѓа во големото европско семејство не само поради географската положба, туку и зашто со голем број европски земји дели силни историски и културни врски, исти вредности. Верувам дека следниот ваков јубилеј ќе го одбележиме како две земји членки на НАТО и ЕУ“, подвлече Поповски.

Тој се осврна и на јублејот – 20 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Унгарија. Со заемни напори, низ две децении, рече, изградивме пријателски односи, негувавме континуиран, мошне активен политички дијалог и воспоставивме партнерска соработка во многу области.

Отворањето на Унгарската трговска куќа е дел од стартегијата „Отворање кон Исток“ што ја изготви унгарската Влада со цел подобрување на можностите на унгарските фирми за настап на странските пазари. Вакви канцеларии Унгарија лани отвори во Јордан, Азербејџан, Саудиска Арабија, Русија, Кина, Казахстан, Турција и Обединетите Арапаски Емирати.

Годинава, пак, по отворањето на уште три претставништва, во Сингапур, Виетнам и Лаос, следи ова, во Македонија.

„Македонските компании максимално да ја искористат можноста за воспоставување или јакнење на веќе етаблираните партнерства со фирми од Унгарија“, порача минисетрот за економија Беким Незири. Тоа, потенцира, ќе отвори нови правци во трговската соработка.

За се што им е потребно во насока на воспоставување нова и јакнење на досегашната соработка, нашите, но и унгарските претпријатија, ќе може да се обратат до Унгарската трговска куќа од каде барањата се дистрибуираат директно, до Централата.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП