16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Батинци осветлен патот и изградена пешачка патека

Во Батинци осветлен патот и изградена пешачка патека

batinci992

Јавното претпријатие за државни патишта постави ново осветлување во должина од 2,2 километри и изгради пешачка патека во селото Батинци.

Со 79 канделабри осветлен е делот на 500 метри од бензиската пумпа во Батинци во правец кон Марков манастир. Покрај ова, поставена е и нова сообраќајна сигнализација во должина од 10 километри.

Инвестицијата е вредна 30 милиони денари, обезбедени преку заем од Светска банка.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски на денешното официјално пуштање во употреба најави осветлување и доизградба и на пешачката патека од Батинци кон Драчево.

„На барање од граѓаните се појави потреба од продолжување на уште еден ипол километар осветлување и пешачка патека од Батинци кон Драчево. Во комуникација со Светска банка ги добивме првите позитивни сигнали и во текот на оваа недела официјално ќе аплицираме. Очекуваме за два до три месеци да заврши и овој дел од работите“, истакна Георгиевски.

Според градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, се работи за значајна инвестиција со која се зголемува безбедноста во сообраќајот и се подобрува животот на жителите на Батинци.

„Со пешачката патека и уличното осветлување се зголемува безбедноста на граѓаните на Батинци, а воедно тие добиваат и подобри услови за живеење и движење покрај патот“, нагласи Трајановски.

На официјалното пуштање во употреба присуствуваа и градоначалниците на Кисела Вода и на Батинци, Билјана Беличанец-Алексиќ и Азем Садику.

Јавното претпријатие за државни патишта ги започна градежните работи пред четири месеци.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП