24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКапиталните расходи во 2013-та година за 6,5 посто повисоки од 2012-та

Капиталните расходи во 2013-та година за 6,5 посто повисоки од 2012-та

kapitalni rashodi 22

Капиталните расходи како најразвојна компонента на Буџетот во 2013 година беа реализирани во износ од 16 милијарди 611 милиони денари што претставува зголемување од 6,5 проценти во однос на 2012 година, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во образложението на Завршната сметка за Буџетот за 2013 година која денеска беше усвоена во Собранието на Република Македонија.

Тој истакна дека ваквите бројки се резултат и потврда на здравaта политика која ја води Владата во економската сфера.

„Ова претставува потврда на една здрава политика во делот на зголемување на износот на капитални расходи и реализација на проекти кои на краток рок овозможија ангажман на домашната индустрија и градежништвото, а на подолг рок овозможуваат подобрување на конкурентноста на македонската економија“, рече Ставрески.

Притоа посочи неколку, како што рече, позначајни проекти и износи на средства во делот на капиталните расходи.

„Една милијарда и 582 милиони денари беа наменети за реализација на проектот на Коридорот 10 – изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, финансирана од буџетски средства, од ИПА средства, како и од кредити од ЕБОР и Европската инвестициска банка, за реконтрукција на железничкиот Коридор 10 беа потрошени 678 милиони денари, во комуналната инфраструктура за водоводи и канализации беа потрошени 964 милиони денари. Во здравствениот сектор се инвестираа 2 милијарди 252 милиони денари во делот на капитални расходи наменети за изградба и реконструкција на ЈЗУ и набавка на медицинска опрема, амбулантни возила… Во образованието, спортот и детската заштита за изградба на училишта и реконструкција на училишта, изградба и реконструкција на спортски сали, игралишта, детски градинки во 2013 година се потрошени 1 милијарда 935 милиони денари“, рече Ставрески.

Во завршната сметка на Буџетот за 2013 година се наведува дека тој се реализирал според планираното. Реализацијата изнесувала 96,13 проценти, со висок степен на реализација на приходите и редовно исплаќање на обврските.

Расходите се реализирани со 159.505 милиони денари, приходите со 140.248 милиони денари и дефицитот е во рамки на планираното од 19.257 милиони денари. Македонската економија во 2013 година оствари раст од 2,9 проценти што е над проекцијата од 2 проценти. Оствареното над планираното се должи на растот на градежништвото и индустријата.

Вицепремиерот и министер Ставрески истакна дека во овој период на криза не било секогаш лесно да се реализираат зацртаните поитики, но оти Владата одговорила на најдобар начин без дополнително да го оптовари стопанството, а со навремена исплата на обврските.

Тој потенцира дека и во 2013, како и претходните години, износот на глоби и казни во однос на вкупните приходи во буџетот е исклучелно низок и лани по овој основ се слеани во Буџетот 532 милиони денари, или 0,38 отсто од вкупните приходи во буџетот.

„Тука завршува приказната дали глобите и казнената политика и работењето на УЈП се користи за прибирање приходи во буџет. УЈП како и во секоја држава е должна да ги прибере даночните приходи во буџетот. Исклучително високото ниво на респонзивност на даночните обврзници покажува дека во Македонија даночната политика е здраво поставена, а тоа значи дека со ниски даноци, кои се најниски во Европа, успеавме да ја прошириме даночната основа и поголем број фирми да се решат да плаќаат даноци доброволни, односно да преминат од сивата економија и на тој начин во буџетот се слеваат повеќе приходи и стопанството е помалку оптоварено. Тоа е најдоброто нешто што една влада може да го направи за стопанството“, истакна министерот за финансии.

Македонската економија во 2013 година оствари раст од 2,9 проценти што е над проекцијата од 2 проценти. Оствареното над планираното се должи на растот на градежништвото и индустријата.

„При донесувањето на Буџетот за 2013 година слушнавме еден тежок вокабулар од опозицијата, многу политички квалификации, многу апокалиптични сценарија за тоа дека со таков буџет ќе ја потонеме РМ, ќе доживееме грчко сценарио, економијата ќе колабрира, пензионерите нема да добиваат пензии, а субвенциите повторно ќе бидат намалени. Економијата во 2013 година не само што не доживеа колапс, туку со тој буџет којшто го поддржаа пратениците од парламентарното мнозинство оствари исклучително добри резултати“, рече Ставрески.

Во тој контекст посочи на фактот што Македонија ја заврши 2013 година со реален пораст на БДП од 2,9 проценти што претставува едно од најдобрите остварувања во Европа имајќи предвид дека европската економија во истата година оствари минимални позитивни стапки на раст блиски до нула проценти.

Растот на економијата, рече, беше сесрдно поддржан со високиот износ на капитали расходи од Буџетот и со навремената исплата на обврските кон стопанството.

„Тоа беа двете клучни политики што во 2013 година претставниците на парламентарното мнозинство ги поддржаа и коишто помогнаа со навремена реализација на плаќањата, а кои со високиот износ на капитални расходи да се оствари позитивна стапка на раст на македонската економија“, рече тој.

Пратениците кои дискутираа по завршната сметка истакнаа дека иако постоел обид од опозицијата за опструкција на донесувањето на Буџетот, се покажало дека тој бил исклучително добро проектиран така што овозможил редовно извршување на обврските на државата, реализација на инвестициите, исплата на социјални трансфери…и овозможил економски раст од 2,9 проценти во услови на, како што истакнаа, голема финансиска светска криза.

Собранието претпладнево во рамки на осмата седница во прво читање го прифати Законот за еднократен отпис на долговите на граѓаните.

Првичните проценки се дека со ова решение ќе бидат опфатени меѓу 50.000 и 100.000 граѓани, меѓутоа конечните податоци за вкупниот број граѓани и износот кој ќе биде отпишан ќе зависи од тоа колку граѓани ќе се пријават и колку ќе ги исполнат условите.

Барањата за отпис на долговите граѓаните ќе ги поднесуваат во центрите за социјална работа во местото на живеење во рок од 30 дена од објавување на повикот од страна на Министерството за финансии, а за прифаќање на барањето ќе одлучува посебна комисија формирана од министерот за труд и социјална политика.

Ќе се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити класифицирани во категорија Г и Д од страна на банките, а кои не се обезбедени, како и за радио дифузна такса.

Со предложениот закон заедно со главниот долг треба да се отпишат и каматите, како и трошоците за нотари, извршители. За отпишаниот долг доверителите, односно банките, ЕВН, топлификација ќе добијат право на даночен кредит во висина на одреден процент на долгот кој нема да биде повеќе од 10 отсто од отпишаниот долг.

Со ова решение се предлага да се отпишат долговите на три најранливи категории граѓани, односно корисниците на социјална помош и постојана парична помош, невработени лица кои активно бараат работа подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност или потешка болест настанати во последните пет години.

Услов за првите две категории за да ја користат оваа мерка е да немаат остварено дополнителни приходи поголеми од 105.600 денари во 2013 година и да не поседуваат друг имот освен станот или куќата во која живеат.

Собранието денеска ги донесе одлуките за надомест на трошоците на учесниците во изборната кампања од чија листа на кандидат е избран претседател на Република Македонија за 2014 година и на учесниците во изборната кампања од чии листи на кандидати не е избран кандидат за претседател на Република Македонија. Усвоени се и одлуката за надомест на трошоците на учесниците во изборната кампања од чии листи на кандидати се избрани пратеници во Собранието и на учесниците во изборната кампања од чии листи на кандидати не се избрани пратеници, како и одлуката за измена на одлуката за избор на членови на комитети и други тела кои ги избира Собранието, за избор на членови на Комитетот за односи меѓу заедниците, за утврдување на составот на Буџетскиот совет на Собранието и за избор на претседател, членови и заменици членови на Советот на Собранискиот канал.

Парламентот ја усвои и одлуката за упатување нов јавен повик до овластените предлагачи за доставување предлог кандидати за членови на програмскиот совет на Македонската радиотелевизија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП