28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАAнгличанец ајварот од Mакедонија го нуди како светски производ

Aнгличанец ајварот од Mакедонија го нуди како светски производ

filipevans5erf46er4fgr

Англичанецот Филип Еванс, готвач по професија и вљубеник во храната, но и претприемач со страст за маркетингот и за развој на производството, им го нуди ајварот од Македонија на Британците, но и го промовира како светски производ.

Еванс живее во Македонија веќе пет години и во овој период успеа да стане коосновач на фирмата „Пелагонија“ за која работат 650 македонски семејства, произведувајќи ајвар што потоа се пласира на британскиот пазар, но и на пазарите од Дубаи до Норвешка.

Појавата на еден, за британската јавност нов продукт што го нуди фирма со која раководи британски претприемач промовирајќи го како негов производ, направен врз основа на традиционалните македонски рецепти, предизвика интерес во бизнис круговите во Лондон. Особено што ајварот од „Пелагонија“ на Еванс, се продава во синџирот од 200 супермаркети на компанијата „Вејтроуз“, која е насочена кон потрошувачите од британската средна класа, во која се делува поотмено, а цените се повисоки од обично.

Тоа беше повод, лондонски „Дејли Телеграф“ да се занимава со „феноменот“ на досетливиот Англичанец и со неговиот ајвар од Македонија, откривајќи им го на својот круг читатели производот што Македонците го знаат одамна како редовна зимница од своите мајки и баби.

Еванс, кој има дипломирано кулинарство, проиводство на храна, производствен развој и маркетинг, признава дека до 2009 година, до доаѓањето во Македонија, не знаел за ајварот. Весникот пишува дека ајварот е одомаќен во земјата, но и на Балканот, па многу македонски семејства не само што знаат самите да го прават во домашни услови, туку и имаат развиено свои, сопствени рецепти.

Се изработува во септември, кога црвените пиперки се најсвежи и најевтини, вели овој лондонски весник, објаснувајќи дека тоа е најдобриот начин да се приготват пиперките за да се јадат преку целата зима.

За производство на овој производ и за негово нудење на пазарите надвор од регионот, Еванс се одлучил во 2011 година, кога на една изложба за храна, учествувал со свој рецепт за ајвар кој предизвикал интерес кај луѓето од компанијата „Вејтроуз“ кои трагале по нешто ново за лондонскиот и за британскиот пазар.

За потребите на пазарот, Еванс ја тргнал буквата „ј“ од зборот, па во Велика Британија и на сите други пазари сега се нуди како „аивар“ што, според неговото објаснување, е не само полесно за изговарање, туку и за паметење и за препознавање.

За промоција на македонскиот ајвар тој успеал да обезеди препорака со рецепт и од популарниот британски готвач и сопственик на синџир од ресторани и продавници Џејми Оливер, што уште повеќе ја поттикнало продажбата. Освен во „Вејтроуз“ ајварот на Еванс се продава и преку интернет, а и во 300 други независни продавници и специјализирани деликатеси.

Велика Британија останува најголем увозник на ајварот „Пелагонија“, но тој се нуди и во 13 други земји, па минатата година фирмата има раст од 76 отсто, а оваа година се планира зголемување за нови 50 отсто. По „освојувањето“ на Европа, сега се планира свртување и кон пазарот во Азија, на кои „аиварот“ ќе се нуди како производ од нелути печени црвени пиперки, со сопствен бренд за продажба.

Во разговорот за „Дејли Телеграф“ Еванс вели дека вооушевен што во Македонија има цела низа квалитетна храна, која е непозната за странските пазари, па сега ќе се обиде да го обнови „феноменот на хумусот“.

Хумусот прв пат се појави на британскиот пазар во осумдесетите години на 20 век, а сега 25 отсто од британските семејства имаат хумус во своите фрижидери, заедно со пестото, маслинките или на сонце сушените домати, објаснува Еванс.

Тој е уверен и во натамошната популаризација на ајварот, тргнувајќи од тоа дека ако тој се наметна во Британија, може насекаде.

 

„Верувам во тоа, зашто е навистина чудно што ајвараот досега немаше свое место на пазарот во светот“, вели за „Дејли Телеграф“ Филип Еванс.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП