24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ: Економската активност од 3,9 проценти над очекувањата

НБРМ: Економската активност од 3,9 проценти над очекувањата

nbrm1111

Народната банка на Република Македонија според најновите оценки не очекува големи промени на амбиентот за спроведување на монетарната политика. Очекува показателите за адекватност на девизните резерви и натаму да останат во сигурна зона. Инфлацијата значително забавува, економскиот раст е солиден, додека остварените и оценетите поместувања на кредитниот пазар сугерираат на можност за постепено слабеење на надолните ризици поврзани со динамиката на кредитната активност.

Ова е оценката на Кометот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија кој на вчерашната седница ги разгледа состојбите во банкарскиот сектор, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и најновите макроекономски показатели, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Во соопштението од НБРМ се наведува дека при вакви поволни економски услови, во следниот период НБРМ главно ќе биде насочена на следењето на остварувањето на проектираната патека на девизните резерви и случувањата на девизниот пазар и ќе ја приспособува монетарната политика соодветно на тоа.

Економската активност за првото тримесечје од годинава оствари солидна стапка на раст од 3,9 отсто, што е нешто посилен во однос на очекувањата. Најновите индикатори во реалниот сектор упатуваат на понатамошно задржување на поволните трендови и во текот на второто тромесечје од годината, чија динамика е слична на оцените во априлските проекции. НБРМ и понатаму не очекува раст што ќе биде доволно силен за да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата во форма на инфлациски притисоци и позначајно влошување на надворешната позиција.

Најновите податоци за инфлацијата во јуни 2014 година покажуваат засилување на годишниот пад на цените (од -0,6% во мај на -1,1% јуни). Девизните резерви забележаа пад, што е повисок од проектираниот за вториот квартал, но анализирано преку показателите на адекватност на девизните резерви, тие и понатаму се движат во сигурна зона, односно укажуваат на доволно ниво на девизни резерви за справување со евентуални, непредвидени шокови.

Податоците за кредитниот пазар за мај 2014 година покажуваат значително забрзување на кредитните текови во текот на месецот, во поголем дел насочено кон корпоративниот сектор. Кредитните текови, според НБРМ, се нешто подобри од очекуваното во рамки на последните проекции. Од друга страна, динамиката на раст на депозитната база е умерена и нешто послаба од очекувањата. Однесувањето на банките на кредитниот пазар сигнализира постепено подобрување на очекувањата на банките и нивните оцени за ризичниот профил на кредитната побарувачка. Воедно, овие движења укажуваат и на преносниот ефект на досегашното монетарно олабавување врз кредитната активност. Сепак, во услови на неизвесен амбиент, НБРМ смета дека и натаму се присутни надолните ризици околу кредитирањето на приватниот сектор, заради што треба време за да се оцени постојаноста на позитивните придвижувања на кредитниот пазар.

Како и претходно ризиците за основното макроекономско сценарио главно се од надворешна природа и се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и растот на светските цени на енергијата и храната. Како фактор на ризик остануваат ефектите од случувањата поврзани со конфликтот во Украина, поплавите во регионот, како и новонастанатите случувања во Ирак и Либија. Ризиците од овие случувања, како што наведува НБРМ, може да се остварат преку нестабилност на цените на енергентите и на житните производи, а воедно може да влијаат и врз очекуваното економско закрепнување, што наметнува потреба од постојано следење на настаните.

Во домашната економија, ликвидноста на банките во јуни се задржа на стабилно ниво, а банките ги користеа расположливите депозити кај Народната банка за надминување на краткорочните ликвидносни флуктуации под влијание на автономните фактори. Во јуни, банките активно тргуваа на пазарот на неколатерализирани депозити, а умерена трговска активност имаше и на секундарниот пазар. На девизниот пазар, движењата беа под влијание на вообичаени сезонски фактори.

НБРМ ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа ќе ја приспособува монетарната политика.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП