19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоволната бизнис клима пресудна за инвестирањето на „Веибо груп“ во Македонија

Поволната бизнис клима пресудна за инвестирањето на „Веибо груп“ во Македонија

veibogrup479917DBF38A4E295A76A07CB314F6DB

Поволната бизнис клима, квалитетната работна сила и можностите за брзо производство и достава се дел од причините поради кои меѓународната мултинационална компанија „Веибо Груп“ ја избра Македонија како земја за инвестирање во конкуренција на неколку други држави.

Директорот на компанијата Селчук Алперен денеска во Скопје изјави дека зоната која ќе ја основаат во Македонија ќе биде најголема интегрирана текстилна зона во Европа.

– Голем дел од нашите инвестиции во Македонија ќе придонесат за зголемување на вработеноста, но и ќе се подобри состојбата на фирмите со кои ќе соработуваме. За почеток нашата инвестиција ќе биде околу 180 милиони, а ќе достигне до 400 милиони долари. Ќе се отворат околу 4.000 до 5.000 работни места и за околу пет години очекуваме извозот да достигне од 600 до 800 милиони долари, истакна Алперен.

Планот на компанијата е да изградат ткајачница, предилница, фарбара и погон за производство, што ќе значи враќање на базичниот текстил во Македонија. Целиот комплекс ќе се протега на површина од околу 40 хектари во североисточниот дел на државата.

Изградбата на објектите треба да започне во втората половина на годинава, а веќе од идната година се очекува да се реализира и првиот извоз.

Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, ефектите од инвестицијата ќе бидат повеќекратни затоа што не само што ќе се намали невработеноста во овој дел од државата, туку и согласно плановите на компанијата ќе се произведуваат и репроматеријали кои досега текстилните фабрики во државата ги набавуваа од увоз.

– Инвестиција од ваков обем има многу позитивни ефекти кои ги очекуваме. Покрај значителното намалување на невработеноста во овој дел од државата, целта ни беше да го таргетираме и проблемот на текстилната индустрија. Овој сектор со години се мачи да ја задржи конкурентноста пред се поради тоа што во Македонија речиси сите репроматеријали коишто се користат доаѓаат од извоз, што ги зголемува трошоците. Нашата цел беше да донесеме инвеститори кои голем дел од репроматеријалите ќе ги произведуваат во Македонија, нагласи Пешевски.

Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони Виктор Мизо информираше дека зоната ќе биде во близина на Ранковце, но оти се уште се дефинираат точните параметри.

Првиот контакт со компанијата е направен во декември 2013 година. „Веибо груп“ е меѓународна мултинационална компанија која се занимава со производство на кошули, костими, палта, јакни и пантолони. Своите производи ги пласира на пазарите во САД, Велика Британија, Франција, Германија, Русија, Италија, Шпанија, Кина, Јужна Кореја и Јапонија. Соработува со повеќе познати светски брендови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП