29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНова украинска инвестиција од 18 милиони долари и 150 нови работни места

Нова украинска инвестиција од 18 милиони долари и 150 нови работни места

investiraj-vo-makedonija

Нови 150 вработувања ќе донесе новата украинска инвестиција на компанијата „Енергија“ Лтд. од Киев, која се занимава со производство на иновативни технологии за прочистување на вода.

Компанијата веќе има регистрирано фирма во Македонија во февруари годинава и во моментот се завршуваат проектантските активности околу изградбата на објектот којшто треба да биде изграден на површина од околу 20.000 метри квадратни во Технолошко-индустриската зона Скопје 2.

Инвестицијата на својот Фејсбук профил денеска ја најави премиерот Никола Груевски.

– Честитки до граѓаните, нова инвестиција од 18 милиони долари, нови 150 директни вработувања. И ова е разликата која ти ја препознаваш, напиша Груевски на Фејсбук.

Директорот на Дирекцијата на технолошко-развојните зони Виктор Мизо изјави дека за компанијата веќе е обезбедена локација од околу осум хектари во непосредна близина до фабриката на „Ванхул“.

– Она што е важно дека тие планираат почетокот на градба да биде во втората половина на оваа година и компанијата треба да започне со работа кон средината на идната година, рече Мизо, додавајќи дека покрај директните вработувања инвестицијата ќе донесе и околу 50 индиректни.

Вкупниот обем на годишното производство ќе биде околу 20 милиони евра и целото производство ќе биде наменето за извоз во земјите од Далечниот исток, Америка и Африка.

Првите контакти со компанијата се остварени уште во 2009 година за време на првата бизнис презентација на македонскиот владин тим во Киев, а потоа во 2010 година е остварен вториот контакт за време на Меѓувладината седница за трговска, економска и научно-техничка соработка кога компанијата најавила генерална определба за инвестирање во Македонија.

– Фокусот на работењето на македонската дипломатија останува и во делот на економијата и привлекувањето инвестиции. Ова е еден позитивен пример дека и дипломатијата може соодветно и конкретно да придонесе во привлекувањето на нови инвеститори, истакна македонскиот амбасадор Илија Исалковски, кој бил директно вклучен во разговорите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП