29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИгнорирањето на климатските и енергетските политики на ЕУ ќе ја оддалечат ...

Игнорирањето на климатските и енергетските политики на ЕУ ќе ја оддалечат Југоисточна Европа од ЕУ

carbon-dioxide-pollution

Додека Советот на ЕУ утре ќе расправа за Рамката за клима и енергија во периодот 2020-2030, предложена од страна на Европската комисија, денес, за време на јавната расправа во Европскиот парламент, невладините организации побараа поцврсти енергетски и климатски обврски во престоечката ревизија на Договорот за енергетска заедница, кој ги спојува земјите од Западен Балкан, Украина и Молдова.

Споменатиот предлог на ЕК повикува на обврзувачка цел за намалување на емисиите на стакленички гасови
за 40% до 2030 година и како таков беше критикуван, и од страна на Европскиот парламент и од други
институции и организации дека не е доволно амбициозен. Затоа, целото внимание утре ќе биде насочено кон
шефовите на европските држави, кои се повикани да ја дискутираат иднината на климатските и нергетските
политики на ЕУ. И покрај фактот дека поголемиот дел од земјите во Енергетската заедница се стремат да
станат членки на ЕУ во следната деценија – Србија и Црна Гора веќе ги отворија преговорите, додека другите се очекува да следат набрзо – ниедна од државите сеуште нема усвоено цели за намалување на емисиите на стакленички гасови.

Гарет Танкосиќ-Кели, Директор на SEE Change Net, и еден од панелистите на денешната расправа за иднината на Енергетската заедница, потенцира дека игнорирањето на ЕУ целите за 2020, 2030 и 2050 само ќе го оддалечат регионот на Југоисточна Европа од патот кон ЕУ. „ Земјите од Југоисточна Европа сакаат да
бидат дел од ЕУ, но непреземање на овие стандарди сега, ќе го направи тоа во иднина многу потешко и
поскапо. Во политиката можеби една седмица е долг период, но во енергетското планирање една деценија не
е ништо. Во моментов се соочуваме со овој конфликт на интереси.“

Примерот на Хрватска јасно покажа со какви драстични промени ќе се соочат земјите во процесот на
усвојување на легислативата на ЕУ, при тоа оставајќи многу ограничен простор за учество на јавноста во
овој процес и голем број на несигурности во исполнувањето на обврските. Ова особено важи за легислативата поврзана со енергија и клима.

Сепак, Енергетската заедница досега беше во голема мера фокусирана на транспозиција и имплементација
на законодавството од ЕУ во одделот енергија, додека само мали делови од законодавството за животна
средина се земени предвид.

„ Доколку се планира земјите од Енергетската зедница да станат рамноправен дел од европскиот пазар на
енергија од суштинско значење е во Договорот да се вклучи целиот спектар на директиви кои ги покриваат индустриското загадување и квалитетот на воздухот, но исто така и легислативата која ја поврзува енергијата со вода, отпад и биолошка разновидност“, коментираше Ангела Клаухен, експерт за политика во WWF. „

Земјите потписнички на Договорот за Енергетска заедница мора да работат во согласност со сите релевантни социјални и еколошки/климатски ЕУ директиви, преку автоматско и систематско ажурирање на Договорот и негово усогласување со релевантното законодавство на ЕУ. Сегашната ситуација, во која само еден мал дел од ова законодавство е усвоено од страна на земјите од Енергетската заедница, создава услови за т.н. “carbon leakage” или истекување на јаглероден диоксид и за “energy grabbing” односно приграбување на енергетските ресурси.“

Веруваме дека земјите од регионот треба да бидат поттикнати да развиваат енергетски стратегии кои се во
согласност со долгорочните цели на ЕУ и со тоа да се обезбедат соодветни инвестиции кои ќе водат кон де-
карбонизација на енергетскиот сектор и одржливо искористување на обновливите извори на енергија.

Ваквиот пристап ќе овозможи социјална и економска кохезија, како и распределување на бенефициите од
производството и потрошувачката на енергија, со што ќе се намали енергетската сиромаштија, а ќе се
зголемат можностите за одржливи работни места.

„ Невозможно е да се постигне вистински напредок и демократизација на општеството без отворена и
искрена дебата на сите актери“, изјави Драгана Милеусниќ од Climate Action Network Europe. „Затоа бараме
на претставници на граѓанскиот сектор од различни области да им биде дозволено учество во состаноците
на Енергетската заедница, како и во спроведувањето на Директивата за стратешка оцена на влијанието врз
животната средина. Најпосле, повикуваме на многу построги мерки против корупцијата и нелегалните
субвенции во енергетскиот сектор.“

Овие ставови ги делат македонските еколошки организации Аналитика, ЕкоСвест и Фронт 21/42, чии
претставници учествуваат во денешната јавна расправа во Европскиот парламент.

„Енергетиката го одредува степенот на развој на една држава, а инвестициите во енергетиката нејзината
иднина во секоја смисла. Се додека Македонија ја игнорира реалноста на енергетско-климатските цели на
ЕУ, но и глобалните трендови во оваа област, оневозможува реален напредок на нашето општество, а на
идните генерации им остава голем финансиски товар и загадена животна средина која нашите деца ќе ја
плаќаат и со пари, но и со здравје и со многу посиромашна природа.“ е ставот на Искра Стојковска од Фронт
21/42.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП