20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМукаетов дел од светското друштво Млади глобални лидери

Мукаетов дел од светското друштво Млади глобални лидери

zivkomukaetov

Генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“ Живко Мукаетов стана дел од светското елитно друштво на Млади глобални лидери, чија главна цел е со заеднички напори и залагања да го направат светот подобро место за живеење.

Од компанијата соопштуваат дека како единствен претставник од Македонија во Класата 2014, пред да се стекне со престижната титула Млад глобален лидер, Мукаетов го поминал исклучително комплексниот, ригорозен процес на селекција кој се состои од неколку фази, а на чело на селекцискиот комитет е кралицата Ранија ал Абдулах од Хашемитското Кралство Јордан.

– Младите глобални лидери не се единствено исклучителни луѓе сами по себе, туку тие се лидери кои веќе имаат постигнато добри резултати во подобрувањето на состојбите во светот, рече главниот извршен директор на „Новите шампиони“ во рамки на Светскиот економски форум Дејвид Ајкман, изразувајќи надеж дека ова ќе резултира со промени кои ќе имаат глобално значење во вистинска смисла на зборот.

zivkomukaetov

Форумот на млади глобални лидери (ФМГЛ) е основан во 2004 година, од страна на Клаус Шваб, како независна фондација за тесна соработка со Светскиот економски форум.

Друштвото на Млади глобални лидери од основањето до денес ширум светот брои над 900 членови, а меѓу познатите млади глобални лидери во светски рамки се вбројуваат Мариса Маер, главен извршен директор на „Јаху“, Лари Пејџ, коосновач и главен извршен директор на „Гугл“, Чо Шун, актерка и амбасадорка на добрата волја (Програма за развој на Обединетите Нации), Насоко Јамазаки, јапонски космонаут и специјалист на мисијата во посадата на „СТС-Дискавери“.

Покрај Мукаетов, член на Форумот на млади глобални лидери од земјава е и Фатмир Бесими, кој дел од ова друштво стана во 2010 година, како тогашен министер за економија на Македонија.

Од илјадници номинации, годинава во редовите на друштвото на Млади глобални лидери успеаја да влезат 214 светски истакнати и докажани личности во рамки на својата дејност, од 66 земји низ седум региони во светот, од кои 46-мина се од Европа.

Покрај Мукаетов, на листата се најде и светски познатиот и признат шеф со македонско потекло, сопственик и основач на данскиот ресторан „Нома“ Рене Реџепи.

Меѓу останатите 212 истакнати личности во Класата на млади глобални лидери 2014, се Карл-Јохан Персон, претседател и главен извршен директор на шведскиот гигант „Хенес и Мориц АБ“, нам позната како „Х&М“, Франческа Карлеси, управен директор на „Дојче Банк“ Италија,  Наталија Војданова, топ-модел, основач и претседател на руската „Фондација отворено срце“, Авани Давда, главен извршен директор на индиската „Тата Старбакс лимитед“…

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП