19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСамарас ветува дека суфицитот во Буџетот ќе стигне до Грците со ниски...

Самарас ветува дека суфицитот во Буџетот ќе стигне до Грците со ниски приходи

Antonis Samaras

Атина, 13 март 2014 (МИА) – Грчкиот премиер Андонис Самарас е одлучен да го исполни ветувањето и да го распредели најголемиот дел од проектираниот примарен суфицит на ранливите социјални групи, и покрај информациите дека „тројката“ го смени својот став во врска со ова прашање, јави дописникот на МИА од Атина.

„Катимерини“ од свои извори дознава дека Самарас е одлучен, како што вети неколку пати, да даде 70 проценти од примарниот суфицит за 2013 година, чија висина нема да биде одредена до април, на припадници на полицијата, армијата и на пензионери со ниски примања. Ова повторно ќе предизвика судир меѓу грчката Влада и претставниците на странските кредитори кога ќе продолжат преговорите. „Тројката“ е проти овој план, и наместо тоа предлага тие средства да се повлечат од износот со кој Грција ќе го надмине суфицитот за 2014, кој е поставен на цел од 2,9 милијарди евра.

– Наводната промена на мислењето ја вознемири Владата која се подготвува за локални и регионални избори во мај и не може да си дозволи да прекршува ветувања, коментира „Катимерини“.

Инсистирањето на странските кредитори да се постигне договор во преговорите до недела исто така ги налути грчките власти, кои истакнуваат дека не може да се наметнува краен рок.

Клучен камен на сопнување во преговорите е спроведувањето на одредени структурни реформи, кои имаат за цел укинување на бариерите за конкуренција и се утврдени во извештајот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), и вознемирија специјални групи на интерес. Владата врши притисок против барањата на „тројката“ на супермаркетите да им се даде право да продаваат лекови за кои не треба рецепт. Исто така, што се однесува до барањата за продолжување на рокот на траење на млекото , грчката страна стои на ставот дека нема да се сложи за реформи кои ќе им штетат на интересите на грчките производители.

Претставниците на „тројката“ денеска се враќаат во Атина каде ќе ги продолжат разговорите по тридневната пауза поради состанокот на Еврогрупата во понеделникот во Брисел, на кој функционери од еврозоната ја повикаа Атина што побрзо да ја заврши долготрајната ревизија на нејзината економија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП