20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИзградба на инфраструктура за населбата „Сончев град“

Изградба на инфраструктура за населбата „Сончев град“

soncevgrad65

Активности за урбанизација со коишто ќе се изгради потребната инфраструктура за населбата „Сончев град“, за која се очекува инвеститорот за 15 дена да добие одобрение за градење, најави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Според него, со планираните активности ќе се обезбеди канализациски систем за поголем дел од Општина Кисела Вода и водоснабдување за најголем дел од територијата на Општина Сопиште, а регионалниот пат за поврзување на Скопје со „Сончев град“, ќе биде завршен најдоцна до првиот квартал догодина.

Почната е постапка за реализација на проект за изградба на системот за водоснабдување за дел од населените места во општина Сопиште – Регионален водовод Патишка Река, што,  според Јанакиески, има големо значење за жителите на населените места во општината за решавање на проблемот со водоснабдувањето, за подобрување на животниот стандард, на комуналната инфраструктура и животната средина и за развој на општината.

Проектот опфаќа изградба на три делници од магистрален цевковод со вкупна должина од околу 22 километри, како и изградба на филтер-станица и пристапен пат до неа. За негова реалзиација се обебзедени 260 милиони денари во буџетите на Министерство за транспорт и врски и Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на РМ за буџетските 2015, 2016 и 2017. – Проектот треба да се доработи и очекувам во тек на оваа година да почне изградбата, информира Јанакиески на прес-конференција со градоначалниците на Скопје, Кисела Вода и Сопиште.

Ќе се реализира и проект за изградба на фекална канализација со две делници во населено место Сопиште и населбата „Сончев град“ со одведување кон постојните канализациски мрежи во општина Кисела Вода и општина Аеродром, за што се обезбедени 306.007.218 денари. Првата делница, во должина од 3,8 километри, е од населеното место Сопиште, низ населба Припор, по улица „Христо Татарчев“ до раскрсница бул „Србија“ со ул. „Борис Трајковски“. Втората делница, која треба да биде 7 километри, од населеното место Сопиште, поминува по регионалниот пат Р 302 и низ населено место Усје покрај Усјанскиот канал се врзува на постоечки колектор на ул. „Никола Божинов“ кој води кон препумпна станица во Аеродром.

– Имаме изработено главен проект и очекувам во рок од десет дена да биде распишан јавен повик за избор на градежна компанија, рече Јанакиески.

Во тек е, дпдаде, изградба на пат во должина од 4,5 километри, кој ќе го поврзува Скопје со населбата Сончев Град, инвестиција во вредност од 412.308.314 денари. Согласно динамиката патот треба да биде готов најдоцна до првиот квартал наредната година, а парите се обезбедени во буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.

Јанакиески очекува компанијата „Џевахир Холдинг“, инвеститорот кој на локацијата Сончев град треба да гради современ станбен комплекс со повеќе објекти, да ги уплати потребните комуналии и за 15-ина дена да го добие одобрението за градење. – Проектите се одобрени, пресметани се комуналиите и очекуваме во рок од 15 дена да се платат со што ќе се издаде одобрени за градење и ќе почне изградбата на Сончев град, рече Јанакиески, укажувајќи дека се направени проектите и оти се е согласно договорт и утврдените рокови.

Согласно договорот, инвестоторот по добивањето на одобрението за градење има рок од шест години да ја реализира инвестицијата и да го изгради комплексот.

Според градоначалничката на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ, изградбата на канализациската мрежа ќе одговори на потребите и барањата на околу 13.000 жители во Општина Кисела Вода.

– Со тоа значително ќе им се подобри и осовремени секојдневното живеење, а септичките јами ќе станат минато. Во завршувањето на примарната канализациска мрежа на овој капитален проект на Министерството за транспорт и врски и Град Скопје ќе се приклучи и Општина Кисела Вода преку изградба на секундарната канакзиациска мржа, рече Беличанец Алексиќ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП