25 април, 2024
ПочетнаЗДРАВЈЕИ со здравата храна треба да се има мерка

И со здравата храна треба да се има мерка

hranastres1

Многумина мислат дека ако јадат здрава храна, веќе се на добар пат да ослабат, да ја одржат својата линија или да го зачуваат здравјето и не треба да внимаваат на количината што ја внесуваат, бидејќи, нели, таа е здрава.

Но, и со здравата храна може да се претера. Ако јадете јаболка, бидејќи се здрави, не значи дека дозволено е на ден да изедете еден килограм. Ви пренесуваме кои можат да бидат потенцијалните негативни ефекти при претерано консумирање на одредени видови на храна и колку е посакуваната количина.

Јаткасти плодови

Јаткастите плодови се најздрави „грицки“ кои имаат најмалку калории, а доволна количина на протеини, влакна, омега-3 масти, витамин Е и масти кои го чуваат срцето. Но, иако се најмалку калорични од сите останати грицки, сепак имаат калориска вредност која може да „накачи“ неколку килограми ако се претера. Оревите содржат 80 проценти масти, а една чаша од овие јаткасти плодови содржи до 200 калории.

Колку треба да јадете: 28 грама јаткасти плодови дневно. Препорачливо е да одберете плодови со лушпа кои треба да ги чистите, како на пример кикиритки, ф’стаци и ореви, бидејќи ќе изедете 45 проценти помалку.

Риба

Познато е дека рибата е одлична за здравјето – содржи омега-3 масти кои ги намалуваат воспаленијата во телото, спречуваат срцеви заболувања, рак и артритис. Плус, рибата се смета како храна за мозокот, бидејќи го подобрува памтењето и вкупните когнитивни функции.

Но, одредени видови на риба содржат високи количини на жива која се поврзува со зголемен ризик од срцеви заболувања. Високата концентрација на жива може да предизвика проблеми при пораѓање, а може да го оштети и нервниот систем на детето. Некои видови на риба, особено масните и тие кои се уловени во близина на индустриски подрачја може да содржат опасни материи кои можат да бидат канцерогени и кои го ослабуваат имунолошкиот систем.

Колку треба да јадете: До 300 грама риба неделно. Рибите кои имаат ниско ниво на жива се конзервирана туна и лосос.

Овошје

Ако сакате и уживате во јадењето овошје, тоа е плус за вас, бидејќи тоа е полно со антиоксиданси кои штитат од многу болести и богато е со влакна. Но, иако е овошјето здраво, сепак содржи многу шеќери (фруктоза) поради што не се препорачува да се претера во неговата консумација.

Колку треба да јадете: 600 до 800 гр. овошје вкупно на ден.

Темно чоколадо

Многумина ги израдува фактот дека темното чоколадо се смета за здрава храна, благодарение на оксидансите со кои изобилува. Темното чоколадо не е добро само за вашето срце, бидејќи го смалува крвниот притисок, туку може да го подобри и расположението, зголемувајќи го нивото на серотонин.

Сепак, не заборавајте дека чоколадото има калории и висока концентрација на масти и шеќери, а ако се претера може да доведе до зголемен ризик од дијабетес и дебелеење.

Колку треба да јадете: Околу четири до шест коцки чоколадо е препорачаната количина. Кога бирате темно чоколадо, осигурајте се дека тоа содржи 70 проценти или повеќе какао.

Житарици

Сите нутриционисти препорачуваат чинија житарици за појадок. Тие се богати со влакна кои го намалуваат лошиот холестерол. Но, проблемот настанува кога луѓето ги засладуваат житариците со шеќер и поради благиот вкус, ги консумираат во поголема количина од препорачаната.

Колку треба да јадете: половина шолја суви житарици. Ако не ви се допаѓа вкусот, додадете зачини како цимет, морско оревче или екстракти со арома.

Одамна е познато дека се што е претерано, не чини. Тоа важи и за здравата храна. Не го оспоруваме фактот дека треба да се храните здраво, но обидете се да не претерувате ни во тоа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП