20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУсвоени измени и дополнувања на Законот за земјоделско земјиште

Усвоени измени и дополнувања на Законот за земјоделско земјиште

sobranie56

Собранието на Република Македонија во рамки на денешното продолжение на 84. седница во прво читање ги разгледуваше дополнувањата на Законот за земјоделско земјиште.

Како што образложи заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски преку Предлог-законот за дополнување на Законот за земјоделско земјиште првпат сега ќе може државно земјоделско земјиште да се користи за садење брзорастечки дрва.

„Сметаме дека оваа можност ќе придонесе за зголемен интерес за користење на земјоделското земјиште, но со тоа и со избор на самиот оној кој сака да се бави со овој бизнис во земјоделството да може да засадува и брзорастечки дрва. Значи, покрај тоа што ќе може да се садат долгогодишни насади, овошки, житни култури, градинарски култури, масленици… првпат со измените на овој закон се овозможува да може на државно земјоделско земјиште да се засадуваат и брзорастечки дрва“, рече Коњановски.

Втората измена, додаде тој, се однесува на секои пет години непрекинато садење на пченица на една земјоделска површина да мора согласно законот да се изврши промена на културата.

„Тоа е една агротехничка, агроеколошка мерка се со цел да си го зачуваме квалитетот на земјоделското земјиште од една страна и од друга страна со таа мерка ќе се придонесе и за поголем род, поголема ефикасност, но пред се поголема заштита на земјоделското земјиште“, рече Коњановски.

Пратениците од опозицијата дискусијата по законот ја искористија за да упатат критики за владината политика во земјоделството, за, како што рекоа, ненавремено доделување субвенции, за негрижа што се сади на државното земјиште што се дава под концесија.

Заменик министерот Коњановски истакна дека обвинувањата на опозицијата не се издржани и оти тоа може да се види и преку споредба на бројките и постигнатото во време кога тие имале можност да водат сметка за земјоделството и во време на оваа Влада.

„Во 2006 година имало само 600 договори за закуп на земјоделско земјиште, сега има повеќе од 8.000 склучени договори, во 2005-2006 извозот на македонско вино бил 645 илјади хектолитри, минатата година 1 милион и 150 хектолитри, 2006 година имало 2.000 хектари засадени со ориз, минатата година имавме повеќе од 4.000, тогаш субвенциите за тутун изнесувале 15 денари за килограм тутун и производство 24 илјади тони, сега се произведуваат над 300 илјади, а субвенциите изнесуваат по едно евро за килограм…“, рече Коњановски.

Панче Орцев забележа дека решението кое предвидува брзорастечки дрва да се садат на земјиште кое се наоѓа над 700 метри надморска височина, за да не се загрози другото земјоделско земјиште и да можат да се садат други култури, може да се применува само за државното земјиште.

„Тоа може да се прави со државно земјиште, а на оние кои садат на свое земјиште никој не може да им нареди што да садат. Може само да се условат дека нема да добијат субвенции, но тоа е се“, рече тој.

Пратениците денеска расправаа и во прво читање ги усвоија измените и дополнувањата на Законот за трговските друштва, Законот за семејство и Законот за медицинските студии и континуирано стручно усовршување на докторите на медицина.

Целта на овој предлог-закон е дополнување на постоечката одредба за годишната програма за обука на докторите на медицина, специјалистите и супспецијалистите и донесувањето Годишен план за едукација на избраните лекари во Република Македонија, со што ќе се постигне подигнување на нивото на знаењето на докторите на медицина и избраните лекари.

Менде Диневски од СДСМ побара да се прецизира на чиј трошок ќе се спроведува континуираната задолжителна едукација. Ако се остави тоа да биде на нивен трошок тоа, рече, би значело дека ќе им се земе една плата.

Реплицирајќи му Пачемски од ВМРО-ДПМНЕ истакна оти во законското решение стои добро дека тоа ќе биде на товар и во организација на Министерството за здравство.

Предложениот закон, смета Станка Анастасовска од СДСМ, не е ништо друго освен извадени одредби од Закон за здравствена заштита и прикажување дека се прават некакви реформи.

Во рамки на 84. седница пратениците ја започнаа и расправата по предлог измените и дополнувањата на Законот за заштита на културното наследство.

Предложената измена е со цел да се олесни продажбата на антиквитетите и уметнички или други предмети на колекции што немаат статус на заштитени добра според одредбите на Законот во смисла на тоа сите формалности кои се потребни да бидат исполнети за да може да се извезе доброто во странство да се завршат при купувањето на добрата.

Со предложените решенија се поедноставува постапката за изнесување антиквитети и уметнички или други предмети на колекции што немаат статус на заштитени добра во странство, во смисла уверение за извоз и изнесување за извоз и изнесување во странство да обезбедуваат галериите и другите правни и физички лица кои вршат нивна продажба.

Во Законот е содржана прекршочна одредба доколку трговецот со антиквитети, уметнички или други предмети на колекции и другите правни и физички лица кои вршат продажба на антиквитети, уметнички или други предмети на колекции пушти во продажба добра без да обезбеди уверение од Управата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП