29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСКМ: Конвенцијата за контрола на тутунот штетна за тутунопроизводството

СКМ: Конвенцијата за контрола на тутунот штетна за тутунопроизводството

stopanskakomora

– Рамковната конвенција за контрола на тутунот усвоен од страна на Светската здравствена организација во 2003 година е штетна за тутунопроизводството во Македонија, предупредуваат од Стопанската комора на Македонија.

Во Конвенцијата меѓу другото се препорачува намалување на површините со тутун, како и намалување на субвенциите за овој вид производство.

– Рамковната конвенција е процес кој ќе трае. И да се донесе, Македонија не е обврзана да ги спроведе препораките, но ако почнат голем број земји да го намалуваат производството, тој процес ќе се одрази и кај нас, посочи Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.

Примената на оваа конвенција, сметаат од Комората, ќе влијае негативно врз тутунопроизводството и индиректно врз економскиот развој на државата. Со намалувањето на производството, велат од Комората, ќе биде засегната егзистенцијата на многу семејства, а негативно е и тоа што на почвата на која се одгледува тутунот, не може да се одгледува друга култура.

– Испитувањата кои ги вршеше Институтот за тутун покажаа дека друга култура, за жал, не може да се одгледува на површините каде има засадено тутун. И да се одгледува некоја друга култура, приносите ќе бидат мали, нагласи Ристовски, додавајќи дека одгледувањето на тутунот нема негативни последици врз здравјето на луѓето, почвата и животната средина.  Од Комората апелираат надлежните институции да испратат свои претставници на состанокот што при крајот на овој месец треба да се одржи во Женева и да го изнесе својот став во врска со препораките од оваа Конвенција.

Според Комората, она што засега треба да го стори државата е да ги задржи постоечките површини со тутун и да продолжи поддршката за производството на оваа култура.

Во Македонија се одгледува ориентален тутун кој е застапен само три до четири проценти во цигарите. Во 2013 година беа произведени 29 илјади тони тутун, а годинава се очекува многу поголем принос. За реколтата 2013/14 година беа склучени 42.367 договори со што засегнати се околу 42 илјади семејства.

Годишно во светски рамки се произведуваат осум милиони тони тутун. Најголеми произведувачи се Кина, Бразил и Индија, а во земјите од Европа најмногу тутун се произведува во Турција.

Рамковната конвенција за контрола на тутунот е усвоена во 2003 година, а стапи на сила во 2005 година. Договорот го имаат ратификувано 176 држави во светот, а меѓу нив е и Македонија во 2006 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП