29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТурската централна банка ја зголеми основната каматна стапка

Турската централна банка ја зголеми основната каматна стапка

turkey_central_bank

Централната банка на Турција доцна синоќа донесе одлука за зголемување на својата основна каматна стапка, во обид да го запре натамошниот пад на вредноста на турската лира во однос на доларот и еврото.

Одлуката беше донесена на вонредната седница на Комитетот за девизна политика на Централната банка, и покрај острото противење на турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган на зголемувањето на каматите.

Основната дневна каматна стапка е зголемена од 7,75 на 12 проценти, а неделната од 4,4 на 10 отсто, се наведува во соопштението на банката.

По одлуката за зголемување на каматите, вредноста на турската национална валута синоќа веднаш порасна, дотигнувајќи 2,18 лири за долар од 2,25 лири за долар, колку што вредеше во текот на вчерашниот ден пред заседанието на Комитетот. Во понеделеникот лирата го забележа најнискиот курс од 2,39 лири за долар.

Ердоган во периодот пред локалните избори сака да оддржува висок економски раст и е непомирлив противник на зголемувањето на каматните стапки. Според него, на оваа мерка инсистира „каматното лоби од шпекуланти, кое сака да го намали растот и да ја поткопа економијата“.

„Сакам да знаете дека како и секогаш јас сум против зголемување на каматите“, рече Ердоган вчера, неколку часа пред вонредната седница на Централната банка.

„Но, се разбира, јас немам власт да се мешам во работата на Централната банка, која ја носи одговорноста за овие одлуки“, додаде турскиот премиер.

Централната банка на Турција соопшти дека нејзина цел со оваа одлука е да ја намали стапката на инфлација, која во декември достигна 7,4 отсто. Банката информира дека ќе поддржува високи камати се додека инфлацијата не падне, притоа прогнозирајќи дека до средината на 2015 година таа би требало да биде намалена до пет отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП