29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБуџетот неразвоен, не носи ништо ново, смета опозицијата

Буџетот неразвоен, не носи ништо ново, смета опозицијата

budget

Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет Марјанчо Николов смета дека и овој Буџет не носи ништо ново.

– Владата ќе продолжи да троши повеќе, граѓаните ќе станат уште посиромашни, а богатите побогати. Идната, 2014-та, ќе биде уште една изгубена година за македонската економија, рече  Николов по излагањето на вицепремиерот и ресорен министер Зоран Ставрески.

Николов оцени дека ова е буџет со кој власта ќе се обиде со големи расходи да ги купи наредните избори. – Не е случајно што планирате зголемување на пензии, социјална помош, субвенции. Ако Буџетот е развоен како што велите, зошто тогаш планирате повеќе пари за стариот театар, 399 милиони денари, отколку за гасификација, 250 милиони, зошто повеќе за зградата на Министерството за финансии, 755 милиони, отколку за инвестиции во железничката инфраструктура, 573 милиони?, праша Николов.

Тој обвини дека само за изградба на административни згради се предвидени 1,8 милијарди евра, додека за развој на енергетика и за малите и средните претпријатија, 6, односно 10 милиони денари. Долгот на Македонија ќе биде поголем од растот на БДП, а ваквата пракса, укажа, трае од 2009 година.

Николов предочи и дека се продлабочува дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Дискусијата ја почна со ретроспектива на досегашните економски политики на ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека оваа партија во изминатите 16 години изработила 12 буџети, ова е 8-ми по ред, но сите биле енормни, се трошеле огромни пари на граѓаните и стопанството, вкупно 16,5 милијарди евра.

– Ова се убедливо најслабите резултати од самостојноста на Македонија или од 1996 година кога е постигната макроекономската стабилност, посочи Николов.

На тоа реплицираше Ставрески со став дека резултатите што ги остварува оваа Влада се конкретни, мерливи, видливи и секој може да ги воочи.

– Граѓаните кажаа дека сакаат друга политичка гарнитура и тоа ве боли. Првпат имате многу малку аргументи што покажува дека Буџетот е одлично скроен, но тоа не значи дека нема проблеми, напротив. Ни претстои уште многу работа, рече вицепремиерот.

Колку фабрики отворивте во Кавардаци, Битола, Демир Хисар, Штип, Скопје, колку вработувања креиравте, колку училишта, патишта, водоводи изградивте, им помагавте ли на земјоделците, на лицата со посебни потреби, глуви, слепи, без екстремитети, колкави беа субвенциите, беа само некои од прашањата што му ги упати Ставрески на Николов.

Граѓаните, додаде, најдобро знаат кој, што и колку сторил, веќе не веруваат во политичари кои само зборат, а ништо не прават. Помина времето на таквите политичари.

– Резултатите ги ценат и меѓународните институции, ММФ, Светска банка,… И тие се огласија, потврдија дека македонската економија заздравува многу подобро од очекуваното и дека е една од најуспешните во Европа. Сепак, најзначајно е што мислат граѓаните, а тие тоа го кажуваат на демократски начин, седум пати досега, иако од вас цело време ги слушавме истите зборови, „следниот пат ќе видите“. И видовме. Не се плашиме да се соочиме со граѓаните, ниту со вас, рече Ставрески по што го покажа и графиконот кој споредбено ги претставува стапките на невработеност во времето на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

Ставрески потврди дека Владата гради административни згради за да не одат, како што рече, парите за кирии кај олигарсите, но во исто време се градат и школи, патишта, болници, водоводи, се зголемуваат пензиите, субвенциите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП