28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПремиерот Груевски во официјална посета на Словенија

Премиерот Груевски во официјална посета на Словенија

nikola-gruevski-nova

Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски денеска ќе престојува во еднодневна посета на Република Словенија при што ќе реализира билатерални средби со словенечкиот државен врв.

За време на престојот премиерот Груевски ќе има тет-а-тет средба со словенечката премиерка Аленка Братушек, а ќе се сретне и со претседателот на Република Словенија Борут Пахор, како и со претседателот на Собранието Јанко Вебер.

На средбите, јави известувачот на МИА, се очекува да се потврдат добрите билатерални односи помеѓу двете држави кои во континуитет се развиваат, како и да се разговара за можностите за продлабочена економска соработка во областите каде постои заемен интерес. Меѓу другото, ќе се разговара за евроатланските интеграции на Република Македонија, активностите што се преземаат и улогата на Словенија како активен поддржувач на нашето интегрирање во ЕУ и НАТО.

Предвидено е да се одржи и пленарна, на која освен премиерите Груевски и Братушек, ќе учествуваат и ресорните министри од двете држави.

По завршување на седницата ќе се потпише меморандум за соработка од областа на спортот, кој што ќе го потпишат директорот на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија Александар Пујовски и  министерот за образование, наука и спорт на Република Словенија Јернеј Пикало.

Во состав на владината делегација која ја предводи премиерот Груевски  се и министрите за надворешни работи Никола Попоски, за траспорт и врски Миле Јанакиески и за образование и наука Спиро Ристовски.

Македонија и Словенија се пријателски држави. Имаат многу блиски политички односи. Словенија е голем поддржувач на македонската евроинтеграција. Отворени прашања меѓу двете земји нема.

Република Словенија е значаен надворешно трговски партнер на Република Македонија и за 2012-та таа се наоѓа на 11-то место на листата на најголемите трговски партнери на Македонија.

Во структурата на извозот од Македонија во Словенија доминантни се делови и прибор за моторни возила, делови од седишта, вино, свежо грозје, домати, лекови за малопродажба, текстил.

Според податоците на НБРМ вкупниот кумулативен прилив на странски директни инвестиции од Словенија за периодот 1997-2012 изнесува 364,43 милиони евра или околу 10.37 проценти од вкупниот прилив на странски директни инвестиции во земјава.

Најголем прилив на словенечки капитал е забележан во 2008 и 2009 година. Словенечки инвеститори имаат акции во Комерцијална и Охридска банка, а Нова Љубљанска банка е сопственик на Тутунска банка.  Првата Покојнинска дружба и Нова Љубљанска банка се коосновачи на двата приватни пензиски фонда. Во 2007 отпочна со работа  првото брокерско друштво со целосно странски капитал Илирика од Љубљана. Скопски саем е исто така со словенечки капитал. Во 2009 Телеком Словенија го презеде Космофон-ОНЕ, преземени се и Вардар осигурување од Триглав, Монтинг од Метроит…

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП