29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕсенска прогноза на ЕУ: Македонија со поголем раст на БДП од ЕУ...

Есенска прогноза на ЕУ: Македонија со поголем раст на БДП од ЕУ и САД

bdp

Европската комисија денеска излезе со есенска прогноза за економската состојба во Европската унија и светот, при што на Република Македонија и прогнозира дека 2013 година ќе ја заврши со раст од 2,1 проценти, што е повеќе од самата Унија и од Соединетите Американски Држави, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Во најновата прогноза што еврокомесарот за економска и монетарна политика, Оли Рен, ја претстави во европската престолнина, нашата земја како кандидат за членство во ЕУ, годинава ќе ја заврши со раст од 2,1 отсто, идната година со раст од 2,5 проценти, а 2015 година со раст од 2,9 проценти на бруто-домашниот производ. Во исто време, Унијата годинава ќе стагнира (0,0 проценти раст), идната година се очекува да има раст од 1,4 проценти, во 2015 година 1,9 отсто, додека САД годинава ќе ја завршат со 1,6 отсто раст на БДП, додека идната година и во 2015 година, БДП на најмоќната држава на светот се очекува да порасне за 2,6 проценти, односно 3,1 проценти.

Според есенското економско предвидување на Европската комисија публикувано денеска, Словенија и Кипар се единствените земји од Европската унија што и идната година ќе останат во рецесија. Годинава, Еврозоната во целост, како и уште 10 земји од Европската унија ќе имаат негативен раст на бруто-домашниот производ, додека само две земји ќе имаат одличен годинешен раст на БДП – Летонија (4,0%) и Литванија (3,4%). Освен овие две земји, поголем економски раст од Македонија, според Комисијата, годинава од ЕУ ќе има само уште Романија (2,2 отсто), а нашата земја ќе има идентичен раст од 2,1% со Јапонија.

Според прогнозата на Европската комисија, во споредба со 2010 година, кога процентот на невработеност во Македонија бил 32,0 отсто, истиот за период од пет години се очекува да падне за четири проценти и во 2015 година во нашата земја да има точно 28 отсто невработени од работоспособните лица. Она што се забележува како негативен тренд е растот на јавниот долг, кој од 25,8 проценти во 2010 година, годинава се очекува да изнесува 36,1 отсто, а во 2015 година да достигне 39,4 проценти од БДП. Сепак, ова е далеку помалку од 90 отсто од земјите-членки на Европската унија, но и речиси двојно помалку од минимум дозовлениот долг од 60 проценти на бруто-домашниот производ. Буџетскиот дефицит, пак, според Комисијата, на Македонија годинава ќе биде минус 3,7 проценти, што е за 0,3 отсто помалку од лани, со прогноза за две години да достигне минус 3,3 проценти.

Со наслов: “Почетното заздравување постепено зема залет”, неформалната влада на Европската унија за Македонија наведува дека “откако економијата стагнираше во 2012 година, аутпутот беше за 3,4 проценти повисок во првата половина на 2013 година во однос на истиот период една година преходно”.

– Иако од година до година стапката на раст на фиксниот БДП беше во опаѓање во последните четири четвртини, инвестициите останаа клучни за опоравувањето, со околу осум отсто раст во првите шест месеци. Приватната потрошувачка стагнира на годишно ниво, по зголемувањето пред една година. Извозот се зголеми за три отсто, а увозот малку се намали како одраз на забавување на увозните инвестициски инвестиции. Следствено, нето-извозот се покажа дека го повлече растот во однос на првата половина од претходната година. Перформансите во градежниот сектор беа особено силни, најверојатно се уште користејќи ги суштинските јавни градежни проекти во главниот град на земјата. Почетните надежи за пресврт во индустриското производство, базирано на силниот раст во првите месеци од 2013 година, потоа беа обесхрабрени, па зголемувањето на акумулираниот аутпут остана потиснат во првата половина од годината, појаснува ЕК за Македонија.

Според есенската прогноза, економскиот раст на нашата земја се очекува да се забрза со тоа што реалниот БДП е проектирано да се зголеми за два проценти оваа година, околу 2,5 отсто во 2014 година и 2,8 проценти во 2015 година.

– Инвестициите се очекува повторно да се забрзаат и според прогнозите да бидат главниот контрибутор за раст, најмногу на сметка на силните странски директни инвестиции и трошењето на јавните инвестиции, велат од Комисијата.

Во прогнозата за Македонија се посочува и дека сегашното и проектирано понатамошно зголемување на вработувањата и порастот на пензиите и социјалните трансфери од почетокот на оваа година се причина за позитивен поглед на приходот за еднократна употреба. Како и дека “бенигното сценарио за инфлација се очекува да придонесе за стабилизација на реалните нето-плати и дека дополнето со еластичниот раст на потрошувачкиот кредит, овој развој се очекува да доведе до повеќе позитивен придонес на домашната побарувачка од приватната побарувачка во однос на прогнозата.

Со насока дека “нето-извозот не придонесува за раст”, Комисијата прогнозира дека по негативното мерење на раст во 2012 и 2013 година, придонесот од нето-извозот на растот за Македонија е проектиран да остане широко неутрален до крајот на годинава, а повторно да стане негативен во следните две години оти извозот се подготвува во врска со посилниот раст на инвестициите.

– Трговскиот дефицит на стоката веројатно ќе се намали годинава, на сметка на релативно силниот раст на извозот, но повторно да се прошири следните две години. Увозниот раст ќе се засили со силната инвестициска динамика, водена од стартот на производството неодамна воспоставените странски инвестиции. Со сегашниот трансфер се очекува да се стабилизира на ниво пониско од 2012 година, кога беа остварени 21,7 проценти од БДП, дефицитот на тековната сметка, се на се најверојатно ќе се прошири до 2015 година. Директните странски инвестиции повторно се креваат по падот во претходната година. Во првата половина од годината, приливите изнесуваа 1,4 проценти од проектираниот годинашен БДП и се очекува да достигнат три отсто од БДП до крајот на годинава, наведуваат од Комисијата.

Според предвидувањата, се очекува продолжување на силниот раст на директните странски инвестиции за да се ублажи неодамна зголеменото потпирање на надворешното задолжување за финансирање на дефицитот на тековната сметка.

Дека “обновата на растот и последниот фискален стимул обезбеди импулс на пазарот на трудот” за Македонија, во Европската комисија се посочува дека генерално, опоравувањето во зародиш било поддршка за вработувањето кое беше повисоко за 4,3 проценти на почетокот на првата половина од оваа година, споредено со крајот на 2012 година.

– Во истиот период, стапката на невработеност се намалила и од 31 процент дојде до 28,8 отсто, што до одреден степен го одразува зголеменото активно учество на порано невработени лица на пазарот на трудот и построгите процедури за регистрација. Во однос на развојот на аутпутот, голем дел од новите работни места се создадени во градежниот сектор. Состојбата на пазарот на трудот останува особено тешка за младите лица, со стапка на невработеност на оние на возраст од 15 до 24 години на 51,7 проценти, што е сепак намалена за 1,3 отсто во однос на 2012 година. Со оглед на очекуваното повторно забрзување на растот на инвестициите и продолжување на активната политика на пазарот на трудот, вработувањето е проектирано да се зголеми уште повеќе во однос на прогнозата. Стапката на невработеност веројатно ќе се намалува маргинално за околу еден процент секоја година, ќе наведе Комисијата.

Во согласност со трендовите за вработување, се прогнозира дека просечната месечна исплатена бруто-плата се очекува постепено да се зголемува во Македонија, додека очигледната продуктивност на трудот веројатно ќе се намали оваа година, но повторно ќе се опорави во 2014 година со оглед на понискиот раст на вработеноста.

Неформалната влада на ЕУ посочува дека јавниот долг се очекува понатаму да расте во Македонија и дека фискалната позиција паднала зад целта меѓу јануари и август 2013 година, кога дефицитот на централната власт достигнал три проценти од целогодишниот проектиран БДП, што според Комисијата се должи на решавање на заостанатите долгови кон приватниот сектор, зголемување на пензиите и плаќање на социјалните трансфери и послабата од очекуваното наплата на приходите.

– Ова ја поттикна Владата да ја зголеми севкупната цел за дефицит од 3,6 проценти на 3,9 отсто. Оваа прогноза претпоставува дека општиот владин дефицит ќе се намали до 3,7 отсто оваа година и веројатно ќе опаѓа по 0,2 проценти секоја година до 2015 година, за сметка на кревањето на владините расходи, особено во јавната потрошувачка. Како и да е, и покрај намалувањето на нето-кредитирањето, нивото на долг на централната власт се очекува да расте. Тоа се зголеми за 13 проценти од 2008 до 2012 година, достигнувајќи 34 отсто од БДП, и е проектирано да се згоелмува до 39,4 проценти до 2015 година. Оваа бројка го исклучува долгот на државните компании, како што е Фондот за патишта, чиј биланс на состојба е погоден со кредит финансираните инвестиции во инфрастурктурата на Владата. Оттука, постепениот пад на буџетскиот дефицит не е доволен да се намалат или барем стабилизираат долговите, заклучува Комисијата во економската прогноза за Република Македонија.

Еврокомесарот за економска и монетарна политика, Оли Рен, на денешната прес-конференција истакна дека довербата во Европа се враќа, дека се враќаат инвестициите, дека 12 земји излегоа од дефицит и дека идната година само Кипар (минус 3,9% од БДП) и Словенија (минус 1,0%) ќе останат во рецесија.

– Ова се јасни знаци на пресврт, а економскиот раст ќе се преведе во вработување и сега очекуваме не да се прогласи победа и да не паднеме во задоволство, туку да ја продолжиме акцијата за одржлив раст и креирање на работни места што е најважно за Европа, посочи Рен.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП