29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – Во јануари треба да продолжи изградбата на Железничката станица „Белград-Центар“, позната како Прокоп, која треба да биде завршена за 18 месеци, пишува весникот „Новости“. „Железници на Србија“ ја завршија конкурсната документација за распишување на меѓународен тендер за продолжување на изградбата, а работите ќе бидат финансирани со кредит на кувајтскиот Фонд за арапски економски развој вреден околу 26 милиони евра.

Белград – Претседателот на Русија Владимир Путин ќе ја посети Србија кога ќе добие порака дека се завршени сите неопходни подготовки за почеток на изградбата на „Јужен поток“. – Се надеваме на порака наскоро, чекаме сигнал. Топката е на српска страна, рече амбасадорот на Русија во Србија, Александар Чепурин, во интервју за „Новости“. Тој смета дека ако српската енергетска бирократија работи нормално нема да има проблеми и изрази верување дека српското раководство ќе го разбере значењето и рационалноста на тој проект.

Подгорица – На дел од полуостровот Луштица кај Тиват и официјално почна изградбата на најголемиот туристички комплекс на јужнојадранскиот брег. Реализацијата на инвестиција ќе чини 1,1 милијарда долари. Уште со документи и компјутерска анимација, значи пред да биде фрлена првата лопата, на полјаната на Луштица, продадени се дури 120 куќи и вили во идниот туристички град. – Тоа навистина е неверојатно, изјави Самир Савирис, претседател на Ораскома, компанија која е главен инвеститор. Покрај брегот на Луштица, долг 35 километри, во фази ќе се гради комплекс во кој ќе има 275 резиденцијални вили, 271 куќа, осум хотели, две шеталишта на брегот, основно училиште, здравствен центар, голф терени, продавници…

Брисел – Производите кои излегуваат од лентите во Европската унија наскоро ќе мораат да имаат назначено земја на потекло, но ќе можат и да ја носат само ознаката „maed in Europe“. Комисијата за внатрешен пазар на ЕП го  поддржа предлогот да се одбележува непрехранбената стока за широка потрошувачка со цел за подобра контрола на квалитетот и сигурноста на стадардите. Ова треба да се воведе како обврска во цела Европска унија, а сите производи ќе мора да имаат обележано земја на потекло, земја членка или трета земја.

Њујорк – Гугл оствари подобри резултати од очекувание во изминатиот квартал и во периодот од јули до септември забележа профит од 2,97 милијарди долари. Приходите се зголемени пред се благодарение на огласите, а секторот за мобилна телефонија на Гугл кој го претставува „Моторола“ и натаму бележи загуби. Акциите на компанијата по објавувањето на податоците достигнаа рекордна вредност од 941,25 долари, со раст од шест отсто. – Имавме уште еден силен квартал, соопшти првиот човек на „Гугл“ Лери Пејџ.

Париз – Првпат по 2008 година вработените во Франција се задоволни од социјалната клима во фирмите и институциите, откри анкетата на центарот Обсерватуар Сего. Наспроти економската криза, самоубиствата и стресовите на работа, општествената клима се подобри во Франција, се наведе во истражувањето на овој центар кој ја мери социјалната клима во фирмите и институциите веќе 15 години, пишува францускиот весник „Фигаро“. Според резултатите од оваа анкета, 52 отсто испитаници на репрезентативен пример од 1.300 вработени, изјавиле дека се задоволни од атмосферата на работа, што е пет процентни поени повеќе во однос на 2012 година.

Мадрид – Неквалитетните кредити во Шпанија достигнаа 12,12 отсто од вкупните побарувања и изнесуваат 180,7 милијарди евра, соопшти Народната банка на Шпанија. Процентот на побарувањата кои доцнат со отплата е во постојан пораст од почетокот на финансиската криза во 2007 година, кога изнесуваше само еден отсто. Шпанија е во рецесија последните четири години а 26,3 отсто од работно способното население се без работа.

Брисел – Производите на компанијата „Нестле“ се меѓу петте најомилени брендови на светот, покажа истражувањето спроведено меѓу 70.000 потрошувачи ма 15 големи пазари. Според анкетата на глобалната компанија за истражување на јавното мислење АПЦО, „Нестле“ е највисоко рангирана компанија од областа на производството на храна и пијалоци. Рангирањето на компаниите е резултат на деценискиот истражувачки проект, кој ги вклучи и резултатите од истражувањето за 600 најголеми светски корпоративни брендови, се наведува во соопштението.

Пекинг – Кинеската Национална нафтена корпорација ЦНПЦ потпиша меморандум за разбирање со руската „Росњефт“ за експлоатација на нафтени резерви во источен Сибир. Според овој договор ЦНПЦ и „Росњефт“ ќе соработуваат на развојот на неколку големи нафтени и гасни полиња во Сибир и на Далечниот Исток, преку заедничка фирма во која руската компанија ќе има 51 отсто, а кинеската 49 отсто. Со нафтата која ќе ја произведуваат на овој начин ќе бидат подмирени енергетските потреби на источна Русија, а ќе се извезува и во Кина и други азиско-пацифички земји.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП