24 април, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Филип Ивановски - Пакомак: Расте свеста за потребата од селективно...

Интервју со Филип Ивановски – Пакомак: Расте свеста за потребата од селективно фрлање на отпадот

pako1

  

1. Неодамна Пакомак спроведе истражување за еколошките навики и нивото на еколошка свест на граѓаните, кое покажа дека дури 31.9 % од Македонците го селектираат отпадот од амбалажа. Значи ли тоа дека полека и кај нас се подига општествената свест за корисноста и потребата од селективно собирање и рециклирање на отпадот?

Да, свеста се подигнува секако, но ќе може да кажеме дека сме задоволни кога процентот на оние граѓани кои не селектираат отпад ќе биде под 30%! Тоа е наша цел, бидејќи само така ќе може да дојдеме во ситуација 60% од вкупниот амбалажен отпад да се рециклира. Секако, паралелно со тоа, секоја година мора да се вложува во контејнери и канти за одделно собирање на амбалажниот отпад, што бара сериозни финансиски средства кои треба секоја општина да си ги планира во своите буџети, независно што и ние како Пакомак секако ќе учествуваме во тоа.

 

2. Сепак сеуште сме сведоци дека во одредени реони хигиената не е на завидно ниво, а ретко каде има контејнери за селективно фрлање отпад. Што се треба во иднина да се направи да се промени таа слика, во поголемиот дел од републиката?

За жал, тоа е реалноста. Сеуште во некои општини нема доволно контејнери ниту за комунален отпад, а не се ни размислува за посебни контејнери за амбалажен отпад! Промената на оваа слика е тесно поврзана со успешноста на претходно наведените планови и активности. Кампањите за подигнување на јавната свест и создавање можност граѓаните одделно да го одделуваат амбалажниот од комуналниот отпад се предуслов за успех на системот. Навиката за селектирање треба да ни стане дел од секојдневието, едноставно треба да дојдеме до фаза кога треба да ни биде непријатно ако празно шише фрлиме во друг контејнер освен во оној за амбалажен отпад.

Бенефитите од селектираното собирање на амбалажен отпад и неговото понатамошно рециклирање се повеќекратни. Прво, се штедат природните ресурси како што се нафтата за производство за нова пластика и дрвената маса за производство на хартија. За илустрација, преку Пакомак во 2012 година собравме и рециклиравме околу 4.000 тони пластична амбалажа со што се заштедуваат отприлика 3.500 тони нафта која инаку би се потрошила за добивање на таа количина пластика како нова суровина!

pako3

3.Колкав дел од амбалажниот отпад, всушност се менаџира сега, преку системот на Пакомак? Колкав дел потоа, се носи на рециклирање?

Во системот на Пакома се менаџира со над 40.000 тони амбалажен отпад годишно. Тоа е некаде околу 36% од вкупниот амбалажен отпад што се пушта на пазарот во Македонија. Доминантни фракции се амбалажите од хартија и пластика кои претставуваат над 65% од вкупните количини кои се менаџираат преку нас, потоа е стаклото со околу 20%, а металот, дрвото и композитните пакувања се во останатите 15%.

Од овие количини на рециклирање во 2013 ќе завршат над 8.500 тони амбалажен отпад, главно пластика и хартија. За жал најголем дел од овие количини се извезуваат како суровини за индустриите во соседните земји, нешто што ние како Пакомак ќе настојуваме да се промени во следниве години, бидејќи ние со таквата практика како земја губиме значајни девизни приходи годишно.

Со рециклирањето се продолжува животниот век на депониите бидејќи се намалува количината отпад што се депонира, а дава можност и за развој на солидна индустрија за рециклирање и отворање на нови работни места.

 

4.Пакомак ја продолжува еко-акцијата во скопските основни училишта, во соработка со локалните самоуправи. Како тече досегашната соработка, задоволни ли сте со одзивот и какви се идните планови?

Во делот на подигање на јавната свест, продолжуваме со активностите во основните училишта за собирање на ПЕТ амбалажа и во оваа учебна година. Од Септември со овие активности ги опфативме и сите училишта во општините Аеродром, Центар и Ѓорче Петров, со што во Скопје оваа аквија ја спроведуваме во вкупно 6 општини. Задоволни сме што компании како Шпаркасе и Алкалоид се вклучуваат со дополнителна финансиска и логистичка помош. Само во скопските општини, на над 30.000 основци и нивните семејства им е овозможено селектирање на ПЕТ шишињата од своите домови во посебни контејнери и канти. Поставивме инфраструктура и во основните училишта во Штип, Битола и Охрид каде очекуваме оваа година да заживее оваа еко-акција од која бенефит имаат сите, бидејќи директно  или индиректно вредноста на собраниот отпад од амбалажа им се враќа на училиштата, општините и на учениците.

Досега сме задоволни, но се разбира има простор за собирање повеќе амбалажа и овој период работиме на што поголема промоција и поддршка од страна на сите засегнати страни, а пред се на самите основци.

Добивме поддршка и од Министерството за образование, за оваа акција, со што се отвора можност за нејзино натамошно проширување. Досега со оваа аквија создадовме услови за делумна селекција на отпадот за околу 50.000 семејства во горенаведените општини, што е значителна бројка!

 

5.Пакомак беше дел од иницијатаивата  „Да ја исчистиме Македонијаˮ. Што покажува практиката, колку спонтаните и договорени еко-акции, влијаат долгорочно на свеста и еколошките навики кај луѓето?

Секако влијаат доколку се истрае во нивното спроведување и се прават континуирано. Но, две/три акции годишно секако не е доволно за промена на нашите еколошки навики како граѓани. Мора континуирано да се има на ум дека отпадот е ресурс кој може да се искористи, а неговата повторна употребна вредност носи долгорочни еколошки, но и финансиски бенефити за општините, но и за самите нас како граѓани. Ние како Пакомак, на разни начини се обидуваме оваа порака да ја пренесеме до сите граѓани, независно од возраста и социјалниот статус, во соработка со општините. Сите засегнати страни сме согласни дека тоа ќе продолќиме да го правиме и во наредниот период.

 

6. Колку компании досега се приклучија на системот на Пакомак?

До овој месец во нашиот систем беа вклучени над 630 компании. Наши членови се компании од разни индустрии и со различна големина. Некои од нив создаваат по неколку илјади тони амбалажен отпад годишно, други само стотина килограми… Но, сите тие се општествено одговорни со покажување грижа за амбалажата од своите производи кои по нивна конзумација треба преку нашиот систем да завршат повторно како суровина во производство на нова амбалажа или нови производи.

pako1

7.Дали очекувате исполнување на зацртаните цели во однос на националната стратегија од Законот за управување со отпад за оваа година?

Пакомак веќе две години по ред ги исполнува националните цели кои се дефинирани во законот. И оваа 2013 година ќе рециклираме 20% повеќе од 2012 година и ќе ги исполниме целите за 2013.

Но, до 2020 година треба 60% од амбалажниот отпад да го собираме и рециклираме, што нема да биде достижно ако не се вложува во комунална инфраструктура и кампањи за подигање на јавна свест. Тоа значи најмалку 2 милиони евра годишно вложувања во кампањи и инфраструктура, нешто што ние како Пакомак сами неможеме да го постигнеме без учество на општините. Но, веруваме дека и кај нив свесноста за ова расте и дека ќе резултира со една граѓанска зголемена еколошка свест.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП