19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – На собир на подунавските земји во Белград стана збор за соработката во воздушниот сообраќај преку поврзување на 14 земји, од кои осум членки на ЕУ и шест придружни членки. Со тоа се отвара пазар од 115 милиони патници годишно, што ќе значи повеќе работни места за белградскиот и регионалните аеродроми, особено што воздушниот сообраќај во регионот на југоисточна Европа во последно време забележува завидни резултати.

Никозија – Кипарската економија во вториот квартал западна во уште подлабока рецесија, со пад од 5,9 отсто на годишно ниво, покажуваат официјалните податоци. Објавените податоци се полоши од прелиминарните оценки за намалување од 5,4 отсто и укажуваат на најголем пад на кипарската економија уште од средината на 70-тите години од минатиот век. Приходите од туризмот малку помогнаа да се ублажат последиците од кризата, но бројот на туристите се намали во последните неколку месеци, што не ги потврди официјалните предвидувања за уште една одлична година во туристичкиот сектор.

Берн – Швајцарскиот федерален завод за статистика соопшти дека индустриското производство во Швајцарија во вториот квартал од оваа година забележа пат од 1,1 отсто во однос на истиот период во 2012 година. Според наводите од истите извори, до пад дошло и во вкупните приходи и тоа за 0,8 отсто, како и на нарачките за 4,2 отсто. Производството на електроника и часовници во второто тримесечје од оваа година забележало пад од 7,3 отсто. Гледано по сектори, во производството на кокс, нафтени деривати и хемиската индустрија, забележана е значителна активност, поради што дошло до пораст на производството од 17 отсто.

Париз – Францускиот премиер Жан Марк Еро се заложи за што поскоро воспоставување на европска банкарска унија, веднаш по завршувањето на германските избори кон крајот на овој месец. Напорите на лидерите на ЕУ за воспоставување на унија со единствен супервизор и механизам за донесување на одлуки се уште не вродија со плод, поради спротивставените ставови на некои влади за моделот и трошоците на проектот. Берлин веќе се изјасни против каков било нереален предлог во тој поглед, за да не дојде до дестабилизација на пазарот. – Се надевам дека по 22 септември, кога германската дебата ќе заврши и кога Германците ќе донесат одлука за нов канцелар, повторно ќе го покренеме прашањето за банкарската унија и дека таа набрзо ќе почне да функционира, изјави Еро во Стразбур.

Париз – Францускиот буџетски дефицит на крајот на јули годинава изнесуваше 80,8 милијарди евра, додека во истиот период лани тој беше 85,5 милијарди. Кога ќе се исклучат вонредните ставки, кои државниот буџет го оптоварија со 7,5 милијарди евра, може да се констатира подобрување на состојбата во буџетот за 12 милијарди евра на годишно ниво, објави француското Министерство за буџет. Во соопштението се истакнува дека ова е првпат од почетокот на годината буџетскиот дефицит да забележи пад, пред се благодарение на зголемените фискални приходи во првите седум месеци од оваа година за 9,6 отсто, што е повеќе од растот на буџетските трошоци (3,5 отсто). Вкупните државни приходи во истиот период пораснале за 8 отсто на 176,4 милијарди евра, додека трошоците изнесувале 235,5 милијарди.

Виена – Австриската нафтена компанија ОМВ соопшти дека пронашла нафта во Баренцовото Море. Членот на Извршниот одбор на ОМВ задолжен за истражување и производство, Јап Хујскес рече дека е многу задоволен со тој истражувачки успех. – Ова откритие значително ќе придонесе за долгорочен органски раст на ОМВ во северна Европа. Тоа е уште еден важен чекор по неодамна најавените трансакции со „Статоил“, кои опфаќаат удели во нафтените полиња Гулфакс и Гудрун, рече тој. Според првите проценки, се претпоставува дека на новоотркиената локација има рерзерви од 60 до 160 милиони барели нафта и од 10 до 40 милијарди кубни стапки гас.

Берлин – Спротивно на сите очекувања, германскиот извоз во јули опадна, додека увозот се зголеми. Тие податоци ја потврдуваат тезата дека внатрешната побарувачка го држи клучот на растот на германското стопанство оваа година, бидејќи глобалните економски услови влијаат на лошата динамика на извозот. Вредноста на извозот, корегирана за сезонските варијации, според податоците на германскиот Федерален завод за статистика, се намалила за 1,1 отсто, додека економистите очекуваа раст од 0,8 отсто.

Копенхаген/Лондон – Според податоците за првите шест месеци од оваа година, данската компанија „Лего“ изби на второ место во светот по производство на детски играчки. Во првото полугодие продажбата на „Лего“ е зголемена за 13 отсто на 1,8 милијарди долари. За споредба, фирмата „Хасбро“, која ка има лиценцата за играта монопол и која досега беше на второ место по производство на играчки, ја намали продажбата во првите шест месеци на 1,4 милијарди долари. Притоа во вториот квартал таа забележа пад на приходите во однос на истиот период лани. Најголеми светски производител на играчки останува американската компанија „Мател“, која го поседува брендот Барби.

Отава – Стапката на невработеност во Канада во август е зголемена за 0,1 процентни поени и достигна 7,1 отсто од работоспособното население, објави националниот Завод за статистика. Бројот на невработени Канаѓани претходниот месец е зголемен за 59.000. Најмногу работни места се отворени во здравствениот сектор и во секторот за социјална помош. Вработеноста е зголемена и во информативниот сектор, секторот за култура и забава, потоа во станбениот сектор и угостителството, како и градежништвото. Најголема стапка на невработени има во категоријата кај лица постари од 55 години.

Вашингтон – Стапката на невработеност во САД во август се намали за 0,1 проценти поени на 7,3 отсто и сега е на најниско ниво од декември 2008 година, објавија американските надлежни служби. Минатиот месец се отворени 169.000 нови работни места, но тој податок сепак е разочарувачки, оценуваат аналитичарите, бидејќи тоа е послабо од очекувањата. Минатата година, стапката на невработеност во САД беше 8,1 отсто или 12,5 милиони невработени, додека минатиот месец беа регистрирани се 11,3 милиони невработени лица.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП