28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Сахара груп“ почнува со реорганизација на „Џумајлија“

„Сахара груп“ почнува со реорганизација на „Џумајлија“

Subrata roy--621x414

Претставници на индиската „Сахара груп“ утре доаѓаат повторно во Македонија за да започнат со реорганизација на агрокомбинатот „Џумајлија“.

Првите градежни работи ќе започнат до октомври, а активностите ќе се засилат на пролет, објави ТВ Алфа. Во наредните три години ќе бидат изградени четири одвоени фарми за крави кои ќе бидат целосно климатизирани и со оддели за механичко молзење, високотехнолошка млекарница, како и објекти за производство на добиточна храна. Дваесетте илјади крави ќе пристигнат од Холандија, во неколку фази. Целата инвестиција е проценета на 211 милиони евра – 60 милиони во првите 8 месеци, 70 милиони во наредните 12 и уште 80 до крајот на тригодишниот период.

Ќе се вработат 2.000 луѓе од различни профили поврзани со земјоделството, но агрокомбинатот ќе соработува и со локалните сточари. Новите технологии би требало да им ги зголемат приносите и до 30 отсто.

Според договорот склучен со Министерството за земјоделство, за земјиштето претставништвото на Сахара на државата во наредните 15 години ќе и плаќа закупнина од 121.000 евра годишно. Ове беше повод за реакции – според опозицијата субвенциите ќе биле поголеми од надоместокот за концесија. Власта тогаш возврати дека за таа површина максималниот износ на субвенции не надминува 85.000 евра,  и оти опозиционерите се обидувале да ги избркаат странските компании.

„Џумајлија“ е вториот најголем агрокомбинат во Македонија. Поседува 6.000 хектари обраболиво земјиште и 6.000 хектари пасишта, винарска визба, млин, фарма со капацитет од 1.000 овци и 200 крави. Пред да пропадне годишно произведуваше над 20.000 тони житни и фуражни култури.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП