29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕлаборати за легализација ќе се примаат до 18 јуни догодина

Елаборати за легализација ќе се примаат до 18 јуни догодина

kik

Граѓаните кои имаат бесправно изградени објекти, а не поднесат елаборат во законски утврдениот рок до 18 јуни идната година ќе го изгубат правото на легализација.

Министерството за транспорт и врски засега не размислува за продолжување на рокот, а за социјалните случаи цените за изработка на елаборатот ќе бидат намалени за 50 проценти.

Податоците со кои располагаат надлежните покажуваат дека над 200 илјади граѓани и компании воопшто немаат поднесено барање за изработка на елаборат, а доколку тоа не го сторат во најскоро време, геодетските фирми не ќе бидат во можност навреме да ги изработат елаборатите.

– Граѓаните и компаниите во најкус можен рок да побараат изготвување на геодетскиот елаборат, а општините да им укажат дека доколку до 18 јуни не го поднесат елаборатот, ќе го изгубат правото на легализација. Доколку барањето не се поднесе до 18 јуни 2014 година тогаш се губи правото да се легализира објектот. Предметот ќе биде одбиен и потоа корисникот воопшто нема право да го легализира својот објект, без разлика дали претходно поднел барање за легализација или не, потенцира министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната прес-конферениција.

Во тој случај, објектот кој што нема да биде легализиран, ќе биде подложен на Законот за градење, односно може да биде срушен.

Според директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески, граѓаните мора во најкус можен рок да побараат изработка на елаборат затоа што геодетските фирми ќе бидат во неможност да ги изработат сите елаборати.

– Во Република Македонија има вкупно 149 регистрирани геодетски фирми и преку 200 илјади сеуште неподнесени барања за легализација. Доколку граѓаните овие барања не ги поднесат час поскоро во тој случај геодетските фирми нема да можат да стигнат во рокот утврден со закон да ги изготват елаборатите, истакна Трпески.

Податоците од Комората на трговски друштва за геодетски работи покажуваат дека вкупниот број на доставени барања за изработка на елаборат е 128.630 од кои 10 илјади се изготвени, а не се подигнати од страна на граѓаните.

Согласно менувањето на тарифникот за висина на надоместокот за извршени геодетски работи, социјалните случаи за изработка на елаборат ќе плаќаат по 1.000 денари, а цената на легализација за објекти од 51 до 150 метри квадратни се намалува од 41 на 20 денари за метар квадратен. Со оваа мерка се очекува да бидат опфатени околу 20 илјади граѓани социјални случаи.

Податоците од општините укажуваат дека постапката за легализација е целосно завршена за 60 илјади објекти, а од Агенцијата за катастар на недвижности досега има издадено имотни листови за 46.247 објекти. Најмногу легализирани објекти има во Скопје, по што следуваат Прилеп, Штип, Гостивар, Тетово, Куманово….

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП