25 април, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУВисар Фида: Со неодамнешните економски реформи, Македонија го создаде најатрактивниот пакет во...

Висар Фида: Со неодамнешните економски реформи, Македонија го создаде најатрактивниот пакет во Европа (Интервју)

fida2

Во рамките на широката проценка на инвестициската клима во Македонија, не постои сомнеж дека секоја земја има некои клучни фактори кои може да бидат искористени за да се привлечат странските инвеститори. Генерално, како би ја опишале сегашната клима за инвестирање во Македонија и кои се факторите на кои може да се потпре земјата?

Македонија останува атрактивна бизнис дестинација во време кога намалувањето на трошоците и подобрувањето на ефикасноста на работењето е од клучно значење за да биде поконкурентна и подобро позиционирана. Со слободен пристап на пазарот, ниски даноци и цени, одлична гео-стратешка положба, одлична инфраструктура и достапна квалификувана работна сила, деловното опкружување во Македонија стана многу поволно за инвестиции.

Во светлината на постигнување на оваа цел, неколку главни реформи се воведени за да се олесни влезот на странски инвеститори во земјата.

Како резултат на тоа, освен атрактивниот даночен пакет, конкурентната и достапна квалификувана работна сила, инвеститорот може да регистрира нова компанија за помалку од четири часа, има одлична инфраструктура, дигитален телекомуникациски систем, широка автопатна мрежа, два меѓународни аеродроми со редовни врски со главните европски центри и слободен пристап до пазар од 650 милиони корисници од земјите членки на ЕУ, ЕФТА и ЦЕФТА, како и Турција и Украина.

Владата воведе посебни стимулации за компаниите кои работат во рамките на ТИРЗ: ослободување од плаќање на ДДВ и царински давачки за извозно производство, субвенција до € 500,000 кон трошоците за градење и закуп на земјиштето за до 99 години за симболична цена.

Со неодамнешните економски реформи, Македонија го создаде најатрактивниот пакет во Европа.

 

Квалификувана и достапна работна сила, гео-стратешка позиција и огромниот потенцијал на пазарот, се на пример исто така фактори кои ги имаат земјите гиганти. Дали мислите дека Македонија е подготвена да се натпреварува со „поголемите”?

Секако дека Македонија може да се натпреварува со земјите гиганти кога станува збор за странски инвестиции. Од една страна квалификуваната работна сила се разликува во однос на платата. Македонија нуди квалификувана работна сила чија просечна бруто месечна плата изнесува помалу од 500 евра што е три пати помалку од платата во Словенија на пример. Од друга страна пак, достапноста на таа квалификувана работна сила е поголема во помалку развиените земји бидејќи невработеноста е поголема. Исто така, Македонија нуди даночни олеснувања кои се неспоредливи со оние на големите земји. Предводена од про-бизнис Владата, Македонија смело се разликува во однос на странските директни инвестиции и сетот на бизнис и инвестициски стимулации кои ги нуди.

 

Колку изнесува стапката на Странските директни инвестиции сега, а колку изнесувала во изминатиот период?

Од независноста на Македонија до сега околу 4,4 милијарди долари странски капитал е влезен во земјата. Во 2012 година имаме 132 милиони долари странски директни инвестиции што е 1,4% од БДП. Во изминатиов период имаме раст на странските директни инвестиции од 2005-2007, опаѓање во 2008 и повторно раст 2008-2011 година. Македонија која е дел од глобалниот амбиент ги чуствува промените на истиот, па затоа и гледаме промена во изминатиов период во однос на СДИ, поточно пад во 2012 година. Од друга страна пак, ние работиме континуирано, секојдневно имаме посети, секојдневно комуницираме со заинтересираните компании, преговараме и  инвестициите доаѓаат, тие се тука,  дури и во околности какви што беа изминатата година во економиите на повеќето европски земји.

 

Додека привлекувањето на нови инвеститори е очигледно постојана мисија, подеднакво важно е одржувањето на постојните инвеститори во земјата. Дали може како потпора да се искористат нивните успешни приказни за промоција на бизнис климата во земјата?

Се разбира дека веќе присутните глобално познати компании, кои изградија свои фабрики во Македонија и работат овде, претставуваат многу важна референца и за останатите компании кои размислуваат околу идната локација каде што би можеле да го шират своето производство.  Нивните изјави за работењето овде се исклучително важни во привлекувањето и на останати глобални компании. Многу е полесно кога ќе наведете дека такви познати имниња веќе се присутни тука. Тоа е и потврда за компаниите и им го олеснува процесот на донесување на одлука.

fida1

 

Агенцијата за странски инвестиции постои од 2004 година, и се занимава со промоција на трговијата на меѓународно, регионално и национално ниво и со привлекување на странски инвестиции во националната економија, а исто така и со промоција на македонската бизнис заедница. Во иднина, кои се Вашите главни амбиции како директор на Агенцијата?

Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, за ова време откако сум јас Директор, активно и успешно работеше на полето привлекување странски инвестиции и од неодамна промоција на извозот.

Во текот на 2012 година се организираа многу бизнис-форуми на неколку континенти, како дел од активностите на Владата за промовирање на државата и на бизнис климата во неа. И годинава ќе имаме такви бизнис форуми. Тоа се покажува како најефективна форма на таканаречениот филд маркетинг, кој подразбира промотивни активности, близок контакт со компаниите, таргетирање на одредени кластери и производно ориентирани компании и до сега имавме одлични резултати. Како  и до сега, целта наша не е само да се запознаат и да се убедат компаниите да инвестираат во Македонија, туку и да дојдат, да ја посетат, да ја стават во нивните идни инвестициски мапи. Исто така, се оди на тоа и да се подобри имиџот на државата во светот, да се создаде свесност кај луѓето дека постоиме како бизнис дестинација и да им кажеме кои се условите за инвестирање. Најавивме неколку проекти кои ќе започнат со инвестиција годинава.

 

Кои се стратешките локациски предности кои Македонија ги има во поглед на транспортот, логистиката и дистрибуцијата?

Македонија се наоѓа на крстосницата од Коридорот 8 (Исток-Запад) и Коридорот 10 (Север-Југ) кои се едни од назначајните европски коридори. До најголем број од европските градови со камион може да се стигне за максимум 24 часа. Иако директно не излегува на море, може да се користат пристаништата на соседните земји кои се најблиску и тоа Солун е на одалеченост од 80км од границата, а Драч е на одалеченост на 150км од границата.

 

Кои се Вашите предвидувања за странските инвестиции во Македонија во 2013 година?

Оваа  година многу нови глобални компании ја посетија Мекедонија. Некои од нив започнаа со реализација на нивните инвестиции, некои донесоа одлука да инвестираат во Македонија, а со уште неколку компании од различни земји се наоѓаме во различни фази на разговори и во прединвестициска фаза.

Очекуваме реализацијата на сите тие инвестиции до  крајот на оваа и почетокот на следната календарска година. За нас е најважно дека тие ќе бидат тука и дека се движиме во добра насока.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП