29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРечиси половина од зградите имаат управител или заедница на станари

Речиси половина од зградите имаат управител или заедница на станари

exter_04

Над 45 проценти од станбените згради во државата ангажирале управители или формирале заедница на станари со што ги исполниле условите од Законот за домување.

Анализите направени од Министерството за транспорт и врски и Регулаторната комисија за домување покажуваат дека од донесувањето на законот досега вкупно 4.577 згради се управувани од страна на управител или од заедница на станари од вкупно регистрираните 10.000 со последниот попис. Од нив, 1.609 згради имаат склучено договор со фирма која се грижи за одржувањето, а 2.969 згради имаат формирано заедница на станари.

– Ако на почетокот тенденцијата беше станарите да формираат заедница на станари, сега повеќе се ангажира управител. Во последните година дена драстично е зголемен бројот на зградите со кои управуваат лиценцирани управители, истакна денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Тој очекува дека во следниот период уште поголем број згради ќе се одлучат да склучат договор со лиценцираните фирми за управување или ќе формираат заедница на станари. Најави мини кампања преку која граѓаните ќе се информираат за можноста да поднесат барање до Основниот суд Скопје 2 за назначување на управител доколку неможат да се договорат со останатите станари.

Во наредниот период Министерството ќе побара и состанок со Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) со цел општините да назначат комунални инспектори кои треба да го следат спроведувањето на законот бидејќи досега само 30 од нив имаат назначено вакви инспектори.

Податоците со кои располага ресорното Министерство покажуваат дека од донесувањето на законот досега до Комисијата за домување се пристигнати 75 барања за посредување во спорови. Во моментот, лиценца за управување со станбени згради имаат добиено 31 фирма во која се вработени 252 лица и над 1.000 лица преку договори за тековни услуги.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП