24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Загреб – На Генералното собрание на акционери на Кроациа Ерлајнс донесена е одлука за зголемување на основниот капитал на таа компанија за 126,3 милиони куни. – На завчера одржаното Генерално собрание на акционери на Кроација Ерлајнз ДД донесена е одлука дека постојниот основен капитал на компанијата ќе се зголеми за 126.282.000 куни, а сега тој изнесува 1.978.484.900 куни. Согласно на тоа ќе се издадат и 631.410 нови акции. Од вкупно 9.918.023 акции од нив 9.866.826 се со редовен номинален износ од 200 куни, а бројот на повластени акции изнесува 51.197 со номинален износ од 100 куни. Статутот на компанијата е во рамки на новите одредби. Зголемувањето на основниот капитал на компанијата е предвидено со програмата за реформи.

Њујорк – На Унгарската нафтена компанија МОЛ агенцијата Фич ја намали прогнозата од стабилна на негативна, потврдувајќи го долгорочно рејтингот од минус БББ. Фич наведува дека една од причините е и преголемиот капацитет во европскиот сектор за преработка на нафта, како и загубите во секторот за преработка во Хрватска, кои создаваат дополнителни притисоци на работата на унгарската компанија.

– Ревизијата за прогнозата одразува се поголеми притисоци на компаниите на сите подрачја, како и тесен простор за нови аквизиции со кои значајно и брзо би ги зголемила своите производи во дел од погоните – се вели во соопштението на Фич. Основен проблем на МОЛ моментално е монетизирање на ресурсите во Курдистан, а соочени се со продолжување на роковите, кои можат да се оддолжат и до 2018 година. – Тоа може да го одложи идното очекување на доток на пари, а може да резултира и со надминување на планираните трошоци – оценува Фич.

Белград – Србија е следна потенцијална инвестициска дестинација за италијанскиот дисконтен синџир Еуроспин, рече министерот Расим Љајиќ, по разговорот со сопственикот Луиџи Мион во Верона. Министерот за надворешна и внатрешна тргоција на Србија Расим Љајиќ се состана во Верона со сопственикот на италијанскиот дисконтен ланец Еуроспин Луиџи Мион, со кој разговараше за можностите за доаѓање на овој трговски ланец на пазарот на Србија.

Белград – ЕУ на Хрватска ќе дозволи да го задржи поволниот трговски режим во извозот на цигари во Србија, додека во Министерството за надворешна и внатрешна трговија на Србија за тоа се уште не се известени. Хрватска со влезот во ЕУ треба да остане без преференцијален статус кој го уживаше во извозот на цигари во ЦЕФТА регионот, кој подразбира значително пониски царини од што се во ЕУ. Царините на хрватските цигари во ЦЕФТА изнесувале од 10 до 15 отсто, а со влезот во ЕУ ќе бидат четири пати поголеми и ќе изнесуваат 57,6 отсто. Во Европската комисија за Танјуг беше објаснето дека Хрватска со влезот во ЕУ и напуштањето на ЦЕФТА, е доведена во неповолна положба во трговскиот режим со државите од регионот и дека ЕУ поради тоа ќе дозволи на Хрватска во некои области да го задржи стариот трговски режим.

Ричмонд – Американскиот производител на цигари Филип Морис Интернешенал соопшти дека профитот на компанијата во второто тромесечје паднал за осум отсто поради намалените испораки на цигари. Како што наведе Филип Морис, компанијата во кварталот заклучно со 30 јуни, остварила заработка од 2,12 милијарди долари или 1,30 долари по акција, што е пад од 2,32 милијарди долари или 1,36 долари по акција од истиот период лани, Ако се исклучи данокот на промет, приходите паднале за 2,5 отсто на 7,9 милијарди долари, наспроти повисоките цени.

Брисел – Американската компанија Монсанто, лидер во производство на генетски модифицирана храна, ги повлече своите барања за одгледување на нови типови на семе во Европската унија. Како причина компанијата ги наведе недоволно комерцијалните изгледи за такво одгледување. – Ќе ги повлечеме сите барања во следните месеци – рече претседателот и управниот директор на Монсанто за Европа, Хосе Мануел Мадеро. Монсанто наведува дека одлуката се однесува на пет барања за одгледување на генетски модифицарана пченка, едно барање за соја и едно за шеќерна репка.

Москва – Затајувањето на даноците и поделеноста околу состојбата на глобалната економија во момент на успорување на пазарите во развој, се главни теми на состанокот на министрите за финансии на Групата 20. Се работи за трет состанок на министрите за финансии и шефоци на централни банки на Г 20 од почетокот на оваа година, организиран пред самитот на Г 20 кој во почетокот на септември ќе се одржи во Санкт Петербург. Меѓу главните теми на септемврискиот самит на Г 20 ќе биде и напредокот кој е остварен на планот на соработка околу затајувањето на даноците. Еден неименуван извор соопшти дека приоритет на самитот ќе биде – Чекор кон поголема транспарентност и преземање на поостри акции против земјите со некооперативнни правни системи.

Њу Делхи – Арселор Митал, најголем светски производител на челик, објави дека се откажал од проектот за челичарница вреден 8,5 милијарди долари на истокот на Индија. Компанијата наведе дека се откажува бидејќи ни за седум години не го добила земјиштето за изградба. Тоа е втор удар оваа недела за индиската влада, која се труди да привлече странски инвестиции за да го поттикне стопанскиот раст.

Братислава – Најголема плата меѓу вработените Словаци има неименуваниот словачки банкар кој за една година успеал да заработи два милиона евра. Тој се најде меѓу 3.000 најбогати банкари во Европската унија чија годишна плата надминува милион евра. Меѓу најбогатите банкари во Европа, Словачка има само уште еден.

Брисел – ЕУ планира да ги ограничи надоместоците за користење на кредитни и дебитни картички во рамки на борбата против големите профити од страна на гиганти како Мастер Карс и Виса. Имено, Европската комисија идната недела ќе препорача ограничување на сите надоместоци на 0,2 отсто, од вредноста на трансакциите преку дебитните картички, т.е. на 0,3 отсто од вредноста на купувањето преку кредитните картички.

Рим – Во Италија, која влезе во рецесија кон крајот на 2011 година и каде невработеноста достигнува рекордни 12,2 отсто, моментално живеат 9,57 сиромашни. Од нив 4,81 милиони живеат на работ на сиромаштија, соопшти Националниот завод за статистика Истат. Бројот на сиромашните е 15,8 отсто од италијанската популација во 2012 година, што е за 2,2 отсто повеќе од 2011 година. Лицата кои живеат во крајна беда лани биле осум отсто од вкупната популација на Италија, додека во 2011 година таа стапка била 5,7 отсто.

Атина – Грчките пратеници изгласаа закон кој предвидува откази или префрлување на 12.500 вработени во јавниот сектор, главно наставници или општински работници. Затворање на работните места во државните служби бараат меѓународните кредитори за да одобрат нова транша за помош од 6,8 милијарди евра, во рамки на кредитот од 240 милијарди евра. Владата на Грција има поддршка од 155 од 300 пратеници, но законот се усвои тесно, бидејќи двајца пратеници на владејачката коалиција не ги поддржаа суштинските членови на законот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП