24 април, 2024
ПочетнаКАРИЕРАЖените се послабо платени бидејќи се чувствуваат помалку вредни

Жените се послабо платени бидејќи се чувствуваат помалку вредни

Одамна со колегите рамноправно ја носиме работата, но износот за таа работа коj „легнува“ на нашите сметки не е рамноправен со износот на мажите. Позицијата и обврските се исти, но платата, покрај трите бранови на феминизам и преуредувањето на родовните стереотипи- не е истa.

Гордана Фргачиќ, со 12 годишно искуство како директорка на големи компании за човечки ресурси, говори за „женските“ плати и женскиот начин на преговарање околу платите.

„Жените често интервјуто за работа го одработуваат одлично, но кога ќе дојде до износот на платата, не им е пријатно да разговараат за тоа, исто како да дошле да волонтираат.“ И не е тоа така само кај оние жени што се јавуваат на огласите за пониско рангираните работни места, туку и кај прилично афирмираните менаџерки. Фргачиќ вели дека во својата кариера не сретнала жена, која за некое работно место барала поголема плата од мажите кои се кандидирале за истата работа. „До сега, доживеав само еден маж да ми каже дека не вреди толку колку што го плаќаме, а од жените тоа го слушам многу често кога ќе им кажам колкава плата нудиме.“

 

Три најголеми грешки

Во штотуку издадената книга „Зошто сме помалку платени?“, Фргачиќ анализира зошто жените, иако се образовани и способни, сепак се послабо платени. Три работи жените на интервјуто ги одработуваат најлошо- лошо одговараат на прашањата на работодавецот во врска со брачниот статус, деца и бременост, на прашањето колкава плата очекуваат и на прашањето кои се нивните мани.

 

„Не пелтечи кога бараш плата!“

„Бев потстанар со две мали деца, на работа сум, незадоволна, дадов отказ и одлучив за два месеца да најдам работа. На едно од интервјуата дојдовме до прашањето за семејство и деца, а јас прилично дрско им одговорив: Видете, за моите деца можам да ви зборувам два дена, навистина се прекрасни, но тоа нема врска со моите способности. Вас сега најмногу би ви одговарала некоја госпоѓица од 35 години и без деца, и која нема ни да се омажи, но знајте дека можеби не е ни половина добра како што сум јас…“

Другиот ден ја побарале и токму нејзе и ја понудиле работата.

Кога потенцијалниот работодавец ќе ги праша да ги набројат своите послаби страни, или што би сакале да поправат кај себе, жените неретко молчат, воопшто не даваат одговор, велат само „не знам“, наведуваат приватни работи кои не е добро да се споменуваат, а од кои може да се заклучи дека можеби се конфликтни или многу нервозни личности, или па се премногу искрени и ги истакнуваат оние мани кои за тоа работно место и не се баш најприфатливи. Тоа е прашање кое е стандардно на интервјуата, не е тешко да се предвиди, за него треба само паметно да се припремите.

 

Кој би бил добар одговор?

„Во такви случаи треба да ги бирате они слаби страни кои и така не можете да ги сокриете (значи, искрени сте), и не се клучни за тоа работно место. Тоа е кај секого различно и треба да размислите пред разговорот.“

Проблем се јавува и кога жените треба да ги набројат своите силни страни. „Тука жените се прескроми (како да ги немаат), или набројуваат способности како- тимски играч, добра, секогаш тука за другите, лесно помага, кооперативна, одговорна, лојална. Ретко ќе слушнете да кажат- извонредно организирана, одлична, одлична во управување, знае да ги придобие луѓето.“ Многу жени, во приватниот сектор работат многу сериозни и одговорни работи за смешни пари, а Фргачиќ тоа вака го коментира: „Да речеме, она мисли дека е во тежок вработувачки период, среќна е што воопшто има работа, по медиумите постојано се шири страв од отказ и невработеност и на разговорите за работа бара можеби и многу помала плата, отколку што може да добие. Што има од тоа работодавецот? Незадоволен работник, а кога ќе се собере се, тоа не е добро ниту за фирмата, ниту за работата. Важно е, пред разговорот да се распрашате за платите во таа индустрија и за работното место за кое конкурирате и добро да процените колку вредите. Јасно е дека во денешно време, кога многу луѓе се без работа, не е лесно да советувате некого дека таков став и настап ќе вроди со плод, бидејќи може да невроди, но мора да знаете колку можете да ризикувате.“

Книгата, вели, ја напишала за да ги поттикне жените да размислат и да заземат друг став. „Со години ја следам оваа област и гледам што „пали“, а што не. Жените имаат помали плати бидејќи се чувствуваат помалку вредни. Ако ние себеси така се гледаме, како другите ќе не доживеат? За работата и платата треба да се избориме, прво, вие мора да мислите дека навистина вредите, а тоа брзо ќе го сфати и работодавецот. Да престанеме, за својата позиција, да ги обвинуваме другите.“

 

Родни квоти?

Фргачиќ истакнува дека, воведувањето на родни квоти во политиката е добро, но не и во бизнисот. „Норвешка е најдобар пример за тоа дека родните квоти во бизнисот повторно водат до предрасуди и стереотипи, а не ги менуваат основните односи за моќ. Таму има 44 проценти високо позиционирани жени, но сепак не водат управи, туку се само членови на управи или седат во надзорните одбори и на други високи позиции. Некои од нив се членки на повеќе надзорни одбори и ги нарекуваат „златни здолништа„.“

Колку мажи кај нас се членови на повеќе надзорни одбори, па дали некој најде за потребно да ги коментира? Така ви залепуваат етикета „квота на жени“, сомневајќи се во вашите способности и мислат дека сте тука благодарение на квотите. Во политиката секако дека се потребни квоти бидејќи, меѓу другото, не можеме да дозволиме, одлуките за законите кои се однесуваат на жените, да ги донесуваат само мажи.

 

Мајка со деца и кариера е најтешко  

Фргачиќ, мајка на три деца, тврди дека мајчинството не е препрека на патот до кариерата, но дека на вработените мајки- сепак им е многу тешко. „Нема да ве лажам- потребна е добра организација за да успеете се да поврзете. А ако дома имате слабак кој мисли дека е „вистински маж“, можете веднаш да поднесете барање за развод или да се откажете од кариерата.“

Таа истакнува дека нејзиниот сопруг и е огромна поддршка. Третото породилно отсуство го комбинирале заедно- таа првите шест, тој другите десет месеци. „Многу често слушам разговори за унапредувања и зголемување на плати кога за жените се кажува: „Таа нема да може на додатно школување, има деца“. Или: „Не е тоа за неа, не може таа да патува има деца“. Дури и реченици како: „Тоа е машка работа, жената би ја потиснала“. Единствено исправно во тој контекст да кажеме: „Колешката тоа го заслужи и треба да и дадеме можност. Да ја прашаме неа што мисли за тоа, па самата нека одлучи.“

 

Десет златни совети

Гордана Фргачиќ во кариерата, како директорка за човечки ресурси, интервјуирала стотици кандидати за работа. Еве неколку нејзини совети наменети на кандидатките:

 

1.Мажите најчесто не мислат дека се премногу млади или премногу стари- во главно мислат дека се премногу добри- нека ви биде тоа на ум, следниот пат кога ќе се посомневате во себе. Бидете „несвесни“ за своите години- мажите најчесто се, и тоа како, несвесни.

2.Морате да ја познавате областа за која разговарате, бидејќи десет пати повеќе ќе ве проверуваат ако сте жена и постојано ќе се обидуваат да ја покажат својата надмоќ.

3.Ако пред вас навредуваат друга колешка, немојте да биде сигурни дека за вас имаат подобро мислење.

4.Позади високата позиција и скапото одело, најчесто и понатаму се крие преплашено и несигурно детенце.

5.Слабите мажи се плашат од силни и успешни жени и ќе направат се за да ги задржат „таму каде што им е местото“.

6.Во работата, како жена, нема да најдете поголем непријател од повреденото машко его.

7.Нема функции кои жената не би можела да ги изврши еднакво добро како и мажот- можете се.

8.Немојте да го потрошите зборот „толеранција“- за некои работи не треба да имате ниту разбирање, ниту толеранција.

9.Нема да стекнете почит ако се „лигавите“ некому.

10.Способноста некој да биде подобар или полош раководител, нема врска со полот, но жените ретко се поддржуваат меѓу себе, за разлика од мажите (ми дојде на ум онаа: раздели па владеј).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП