19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Брисел – Индустриското производство во еврозоната порасна во април над очекувањата и со надеж дека презадолжениот блок на земјите конечно ќе се стабилизира, покажаа официјалните податоци во Брисел. Индустриското производство е зголемено за 0,4 отсто во април во однос на нивото од претходниот месец, кога порасна за 0,9 отсто, соопшти Европскиот завод за статистика. Во однос на април 2012 година, индустриското производство е намалено за 0,6 отсто, по многу остриот пад од 1,4 отсто од март. Во ЕУ индустриското производство истовремено падна за 0,8 отсто во април, по падот од 0,9 отсто од март.

Лондон – Здружението на британските банкари ББА најави измени во одредување на лондонската меѓубанкарска камата Либор, во рамки на обидите да избегне повторување на ланскиот скандал. Во соопштението на ББА се наведува дека публикацијата на индивидуалните предлози на банките за Либор ќе бидат под ембарго три месеци, во рамки на обидите да се избегне повторната манипулација со таа каматна стапка. Ваквата измена ќе стапи на сила на 1 јули.

Берлин – Европскиот парламент и ММФ застанаа во одбрана на Европската централна банка, во момент кога највисокиот германски суд води истрага околу легалноста на антикризните мерки на ЕЦБ. – Невообичаените околности бараат невообичаени мерки – изјави директорката на ММФ Кристин Лагард, за германскиот Зидојче цајтунг. – Одлуката ЕЦБ да го води спасувањето измени се. Со програмата за купување на обврзници ОМТ, се избегна катастрофа – додаде Лагард.

Париз – Послабиот раст на глобалната економија ја загрозува побарувачката на нафтата, соопшти Меѓународната агенција за енергетика. – Се очекува релативно слабите макроекономски услови да го намалат растот во 2013 година – соопшти ИЕА. Оваа агенција благо ја намали прогнозата за раст на потрошувачката на нафта, наведувајќи дека побарувачката оваа година ќе порасне за 785.000 барели нафта дневно на 90,6 милиони барели дневно, што е раст од 0,08 отсто, во однос на претходната прогноза.

Берлин – Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека Германија мора да ги ограничи субвенциите во областа на обновливите извори на енергија, поради развој на електромрежата и намалување на растечките цени на електричната енергија. Меркел укажа дека новите извори кои ја користат енергијата на сонцето, ветерот и водата мора повеќе да учествуваат во финансирање на трошоците за ширење на електричната мрежа. Бумот во секторот за обновлива енергија, која веќе произведува една четвртина струја во Германија, предизвика големи проблеми во енергетската инфраструктура на земјата која е изграден асо капацитет за неколку големи енергетски постројки наместо за илјадници мали обновливи извори.

Берн – Европската унија побара од Швајцарија да покрене преговори за договорот од 2005 година, за даночење на заштедите на граѓаните на ЕУ во швајцарските банки, соопшти Министерството за финансии во Берлин. Министерката за финансии Евелин Видмер Шлумф прими барање од Брисел, пред посетата на комесарот на ЕУ за даночење Алгирдас Шемете на Швајцарија, наведе Министерството. Финансиската криза го сврте вниманието на затајувањето на даноците, сметајќи дека земјите на ЕУ се обидуваат да ги зголемат буџетските приходи на разни полиња.

Лесковац – Земјоделците на југот на Србија очекуваат просечен род на пченицата од четири тони по хектар, што е најдобар принос во последните седум години. Во текот на денешната манифестација Ден на полињата на житото, на една парцела на Земјоделското училиште во Лесковац, оценето е дека временските прилики се добри за пченицата и дека треба да се очекува богата жетва. Експертскиот соработник на Земјоделската советодавна стручна служба во Лесковац Новица Миленковиќ, рече за Танјуг дека родот ќе биде рекорден под услови до жетвата да нема големи временски непогоди.

Љубљана – Комисијата за труд, семејство и социјални прашања на словенечкиот парламент, го поддржа владиниот предлог закон со кој пазарот на труд во Словенија ќе остане затворен за работниците од Хрватска и по влезот на таа држава во Европската унија. Владата законскиот предлог го образложи со податокот дека во Словенија невработеноста е во критичен пораст, па на заводот за вработување се пријавени околу 124.000 лица, додека стапката на невработеност е највисока од 1993 година. Покрај тоа, словенечкото министерство за труд и социјална политика наведе дека во Хрватска стапката на невработеност е околу 22 отсто, па отварањето на пазарот на трудот за хрватските работници би ги намалило изгледите за вработување на државјани на Словенија.

Берн – Горниот дом на швајцарскиот парламент го одобри тајниот договор на Берн и Вашингтон, со кој ќе се реши спорот околу наводното учество на швајцарските банки во затајување на данок, во кој се вклучени американски граѓани. За усвојување на договорот гласаа 24 члена на Советот на држави, со 15 против и двајца отсутни. Контроверзниот договор сега треба да го одобри и долниот дом на парламентот, Националниот совет, чија дебата се очекува во вторник.

Москва – Италија оваа година ќе го зголеми купувањето на руски гас три пати, соопшти Гаспром по средбата на Алексеј Милер, претседател на тој гасен гигант со Паоло Скарони претседател на италијанската компанија Ени. Значаен раст на испораките во Италија забележан е во април и мај. Според податоците на Гаспром, во првото тромесечје 2013 година испораките се зголемени еден и пол пати, на 6,82 милијарди кубни метри, што е речиси половина од обемот на испораки за цела ланска година. Во последните три месеци Гаспром ги зголеми испораките на гас во странство поради недоволни временски услови и растот на цените на пазарот.

Софија – Инфлацијата во Бугарија во мај се стабилизира на 2 отсто, откако со месеци беше во пад, во време кога земјата се бори со се поголема сиромаштија и се привикнува на новата влада. Инфлацијата минатиот месец на годишно ниво мируваше на 2 отсто, колку што изнесуваше во април, откако од почетокот на годината беше во пад, а цените на храната и комуналиите, главни покренувачи на инфлацијата, беа стабилни, покажаа официјалните податоци во Софија. На месечно ниво, потрошувачките цени во Бугарија паднаа за 0,1 отсто во мај, откако во април се намалија за 0,4 отсто. Според усогласениот индекс на потрошувачките цени, кој како мерка за инфлацијата го користи Европската централна банка, инфлацијата минатиот месец на годишно ниво порасна за 1 отсто, во однос на 0,9 отсто од април.

Париз – Додека сите големи програми наменети за вооружување постепено се намалуваат, Франција има намера да пружи гаранции на Десовата Авијација за одржување на динамиката на испораки на француската војска по 11 Рафалови авиони годишно, во период од 2014 до 2016 година. Државата сака да го поддржи купувањето на Рафаловите авиони за француската војкса, за да се поттикне извозот, но и развојот на другите програми во рамки на компанијата. Ваквата одлука е донесена за да не се доведе во прашање производството, кое не смее да падне под 1 авион на Рафал месечно, бидејќи тоа би го загрозило целиот ланец од 500 помали и средни компании, кои работат за оваа авионска компанија.

Париз – Најмалку 4,2 отсто француски компании од 2009 до 2011 година го преселиле производството, соопшти Националниот институт за статистика и економски студии Инсее. Најголем број француски фирми се преселени во ЕУ, а не како што се очекуваше во земјите со забрзан стопански раст. Преработувачката индустрија, како и фирмите кои се бават со информатичка технологија и телекомуникации, најмногу се опфатени со таквиот тренд.

Њу Делхи – Индустриското производство во Индија е зголемено во април за 2 отсто, помалку од очекуваното, но тие податоци останаа во сенка на зголемената прогноза на кредитниот рејтинг од негативен на стабилен. Растот на индустриското производство во третото по големина азиско стопанство, потфрли во однос на очекувањата на пазарите дека производството ќе напредува за 2,4 отсто, а априлскиот резултат доаѓа по растот од 3,4 отсто од претходниот месец. Меѓутоа, добри вести за владата на премиерот Махмохан Синга, донесе бонитетната агенција Фич, која прогнозата на индискиот кредитен рејтинг од негативна ја зголеми на стабилна.

Багдад – Владата на Ирак објави нова енергетска стратегија на земјата, која предвидува продажбата на нафта до 2030 година да достигне вредност од 6.000 милијарди долари. Производството на нафта планираат да го зголемат на 4,5 милиони барели до 2014 година, а до крајот на оваа деценија на 9 милиони барели дневно. Во долгорочна перспектива, Багдад планира да достигне производство од 12 милиони барели дневно.

Лондон – Иран минатата година изби на прво место по резерви на гас, бидејќи неговите докажани резерви беа 33,6 билиони кубни метри, додека руските паднаа на 32,9 билиони кубни метри. Податоците се објавени во Статистичкиот преглед на светската енергетика, кој го издава британската компанија Бритиш петролеум. Во 2011 година Техеран го зазема второто место со резерви од 33,1 билион кубици, додека руските резерви на гас беа 44,6 билиони кубни метри.

Љубљана – Речиси половина корисници на интернет во Словенија 46 отсто купуваат на интернет производи од странство најмалку еднаш годишно, покажа најновата анкета за употреба на интернетот, која ја спроведе анкетната фирма Гемиус. Анкетата покажа дека околу 4 отсто корисници на интернет купуваа онлајн секоја недела, а 8 отсто секој месец. Околу 18 отсто испитаници навеле дека ретко купуваат на интернет, додека 15 отсто од нив рекле дека тоа го прават неколку пати годишно.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП