25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЖените и парите - работат повеќе, заработуваат помалку

Жените и парите – работат повеќе, заработуваат помалку

Од 743.451  вработени во Македонија 39.2% се жени, а 60.8% се мажи. Жените во просек заработуваат 12.5% помалку од мажите. Истовремено 75% од работодавачите се мажи.

743.451  вработени – 39.2% жени, 60.8% мажи

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во работен однос се 291.416 жени, односно 39.2% од вкупниот број на вработени.

Македонската државна статистика нема податоци за просечната плата според полот односно за разликите во приходите меѓу мажите и жените, но оние кои се бават со оваа проблематика велат дека има големи отстапувања.

Според истражувањето на Институтот за економски истражувања и политики „Finance think“ во Македонија жените во просек заработуваат 12.5% помалку од мажите.

Анализите на здружението „Реактор истражување во акција“, пак, покажуваат дека додека 59% од дипломираните студенти, 59% од магистрите и 57% од докторите на науки се жени а 75% од работодавачите се мажи.

Истото истражување покажува и дека од 120 пратеници во Собранието 75 се мажи, од 25 министри 21 се мажи, а од 81 градоначалник 75 се мажи.

Жените работат и дома

Според „Реактор истражување во акција“ жените трошат 18 пати повеќе време на миење садови од мажите, 9 пати повеќе време на готвење, 12 пати повеќе време на чистење и 5 пати повеќе време на грижа за децата.

Државниот завод за статистика, пак, пресметал дека жените во Македонија просечно дневно поминуваат  по 1 час и 50 минути на гледање телевизија. Во урбаните средини на забава и култура поминуваат просечно дневно по 2 часа и 16 минути, што е двојно повеќе од жените во руралните средини, односно 1 час и 13 минути.

Жените се побезбедни возачи

Според Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот (РСБСП) околу 70 до 80% од жртвите во сообраќајни незгоди се од машкиот пол, а 20 до 30 % од женскиот пол.

Анкетно истражување направено од РСБСП покажува дека 60% од жените возачи се убедени дека тие се подобри возачи од мажите, 88% од жените сметаат дека агресивното однесување во сообраќајот е карактеристично за мажите, 60% дека мажите се неодговорни учесници во сообраќајот, 63% дека мажите и жените се рамноправни учесници во сообраќајот, а 37% дека мажите се доминантни и не ги почитуваат жените како рамноправни учесници во сообраќајот. Најголемиот дел од жените сметаат дека мажите се агресивни и тоа сериозно им пречи и им влијае во сообраќајот.

Родова нееднаквост и во Европската Унија

Анализите на Евростат покажуваат дека на ниво на Европската Унија (ЕУ) жените во просек добиваат околу 20% пониски плати од мажите. Разлика има во сите земји членки. Најмали разлики од 5.5% има во Луксембург и Италија, а најголеми од 27% во Естонија, како и од 22% во Чешка, Австрија и Германија.

Податоците на Евростат покажуваат дека за секое 1 евро што ќе го заработат мажите, нивните колешки за истата работа добиваат по 84 евро центи.

Нееднаквоста меѓу мажите и жените на пазарот на трудот во ЕУ не постои само во висината на платите, туку и во раководните позиции што ги заземаат. Така, во 2015 година само една третина од менаџерите во ЕУ биле жени, иако припадничките на понежниот пол учествуваат со 43% во вкупната работна сила.

Како се слави 8-ми Март низ светот?

Идејата за одбележување на посебен ден посветен на жените потекнува од почетокот на 20-от век, а на неа посебно инсистираше социјалистичкото движење. Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 г. под закрила на Втората интернационала во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911, овој празник по прв пат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. На 8-ми март 1913 година жените ширум Европа одржуваат мировни собири.

Дури на 28 ноември 1978 од Обединетите нации е предложено 8-ми Март да се слави како интернационален Ден на жената, како ден на достигнувањата на жените, без разлика на националноста, етничките, јазичните, културните, економските и политичките разлики.

Денес, 8 март е државен празник само во малку земји како Русија, Белорусија, Молдавија, Украина, Ерменија, Монголија, Узбекистан, Виетнам, Кина. A Република Македонија е една од ретките земји во кои се празнува Меѓународниот ден на жената, иако овој празник има само симболичен статус и нема политички конотации.

Во Македонија родовата еднаквост е гарантирана со Уставот. Постојат и Закон за еднакви можности меѓу мажите и жените, Стратегија за родова еднаквост, Закон за спречување дискриминација.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП