28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПовеќе од 30.000 Македонци од Австралија протестираа против промена на името(фото)

Повеќе од 30.000 Македонци од Австралија протестираа против промена на името(фото)

Протестниот марш, кој успешно го организираа здружени и обединети, сите македонски општествени, културни, социјални и црковни здруженија, започна пред сиднејскиот Town Hall и течеше низ централните сиднејски улици, се до Martin Place, каде што се одржаа главната, официјална манифестација.

На овој грандиозен настан австралиската химна ја испеја Милица Кипровска, македонската химна ја испеја Благојче Петров, a aбориџанскиот благослов за одржувањето на настанот на австралиско тло го даде, македонскиот зет, абориџанецот Брет Гроган.

Пред присутните говореа: Џошуа Шерман, Жаклина Михајлова, Игор Марковски, Душан Ристески и Крис Каранфиловски. Во обраќањето беше истакнато дека македонските основни човекови права се загрозени и дека не треба и не смее светот да ги затвора очите пред геноцидот врз македонскиот народ кој трае од 1912 година до денес!

“Таканаречената Македонска Влада нема мандат за да си разговара и преговара за името на Македонија, да ја менува историјата на Македонија, да го омаловажува и безвреднува македонскиот јазик”, беше истакнато на Протестот.

“Затоа од македонските политичари, се бара безусловно да се прекинат разговорите и преговорите за името на државата, да се отфрли законот за употреба на јазиците, со кој што се редефинира унитарноста и државноста на Македонија, да се ослободат од затвор и притвор и од гонење, осудените од случувањата на 27 април 2017,  да се укине притворот за Едмонд Темелко, градоначалник на Општина Пустец”, побараа Македонците од Австралија. Тие побараа македонските епископи да го повлечат барањето за прифаќање на Бугарската црква за мајка црква, зашто тоа е не канонско и е антиисториско.

Ученикот Игор Марковски во својот говор се праша: „Зарем постојат татковци  и мајки во Македонската влада и Парламент , кои сакаат нивните деца да бидат живи духови, жив пепел, прашина која треба лесно да ја избришат? Зарем постојат некои други татковци и мајки, кои што кројат политика во Европа и во Европската Унија, во НАТО, во соседните држави, кои со своите постапки покажуваат дека е доблесно да се краде? Да, токму така, сите оние кои разговараат, преговараат и се токмат да ѝ го сменат името на мојата родна Македонија, за мене се крадци! Како утре ќе живеат нивните деца, кога е видливо, дури и за едно дете како мене, дека сите сакаат, бесправно и бесрамно, да се „накитат со македонски пердуви“?

На протестот беше истакнато дека: „Ако се избрише Македонија од светската карта – светот ќе биде посиромашен и физички и духовно за една грандиозна големина! Ако се избрише Македонија од светската карта – и  за малцинствата во неа ќе биде многу лошо! Ако се избрише Македонија од светската карта и нашите грлати соседи ќе изгубат многу, зашто, ова што нам ни се случува денес, утре ќе стане нивна стварност“!

“Ние, Македонците во Австралија, ќе ги користиме сите дозволиви средства, секогаш, секаде и пред секого, за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата”, беше истакнато на протестот.

“Протестот се одржа достоинствено и горди сме дека сме чесни МАКЕДОНЦИ кои си ги ценат македонските корени и го носат светиот македонски КОД во гените”, се вели во соопштението.

По Протестот , во своите извештаи, сиднејската полиција изјави : „Ова е најголемиот протест одржан до сега, на кој учествуваа преку 30 000 луѓе!“

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП