25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИако е меѓу најбогатите луѓе, сепак тој тврди дека вози „стара“ лада

Иако е меѓу најбогатите луѓе, сепак тој тврди дека вози „стара“ лада

Владимир Путин, контроверзниот руски претседател, во пресрет на претседателските избори во март објави картичка со својот имот, на што е обврзан со закон. Но, нејзината содржина нема многу врска со другите извештаи во однос на средствата со кои располага.

Според официјалното соопштение објавено од страна на Централната изборна комисија на Руската Федерација, Путин располага со „лада“ од 2009 година и две советски „волги“ од шеесеттите години на минатиот век, стан од 75 квадратни метри во Москва, а заработил вкупно 38,5 милиони рубљи, односно 673 илјади долари во периодот од 2011 до 2016 година. Годишната претседателска плата, заедно со воената пензија врз основа на годините на служба во КГБ, му изнесува околу 112 илјади долари.

На банкарските сметки актуелниот руски претседател има 13,8 милиони рубљи, односно 241 илјади долари, како и 230 акции во банката „Санкт Петербург“, пренесува „Вашингтон пост“. Според овие податоци, Путин секако не е сиромашен бидејќи станува збор за земја каде што просечната плата во 2015 година е проценета на помалку од 6.700 долари годишно. Според ваквата статистика, Путин може да се вброи барем во горниот дел на средната класа во Русија.

Меѓутоа, неговите политички противници, како што е лидерот на опозицијата, кому му беше забрането да се кандидира на изборите, Алексеј Навални, тврдат дека Путин во текот на претседателската и премиерската функција натрупал огромно богатство врз основа на грабеж на државните институции и компании, особено оние кои работат со нафта, гас и други природни ресурси.

„По 14 години на власт во Русија и износот на парите што земјата ги заработи и износот на пари кои не се потрошени за училишта, патишта и болници, може да се заклучи дека сите тие пари се вложени во недвижнини, швајцарски банкарски, сметки и акции“, смета Бил Боудер, поранешен фонд-менаџер и критичар на Путин.

Зошто, тогаш и покрај ваквите тврдења, Путин не се појавува на листата на најбогати на „Форбс“, со познати милијардери како Бил Гејтс и Џеф Безос? Одговорот светските медиуми го лоцираат во фактот дека „Форбс“ од ваквите листи исклучува државници и „диктатори кои го направиле своето богатство единствено како резултат на нивната позиција на моќ“, пишува британски „Сан“.

Според информациите на овој британски медиум, аналитичарите велат дека Путин покрај „лада“ во својата гаража има и суперјахта наречена „Олимпија“ вредна од 39 милиони долари, колекција на часовници во вредност од 700 илјади долари, палата на Црното Море вредна над една милијарда долари и уште 20 „дачи“ (руско име за викендичка) расфрлани низ Русија, како и пристап до повеќе од 58 различни авиони и хеликоптери.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП