25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Екогерила“: Бројот на болни деца двојно намален по затворањето на „Југохром“

„Екогерила“: Бројот на болни деца двојно намален по затворањето на „Југохром“

Бројот на болни деца со распираторни болести во Полошкиот Регион двојно се намалил по затворањето на фабриката „Југохром“ минатата година. Ако во 2015 година бројот на болни деца бил 31,446, во 2017 бројот се намалил на 18 578, објави движењето „Екогерила“ повикувајќи се на податоци од Институтот за јавно здравје.

Со официјалните мерења на Министерството за животна средина, фабриката „Југохром“ предизвикала 60 отсто од загадувањето во Тетово и околината, со што градот стана еден од најзагадените градови во Европа, според Светската здравствена организација. „За време на работата на ‘Југохром’ годишниот просек ПМ10 изнесуваше 145, со затворањето на истата просечното загадување во 2017 година паѓа на 61. Тетово беше европски шампион во загадување, а денес е на 7. место во Македонија“, објави денеска движењето „Екогерила“.

Како застрашувачки доказ, велат од таму, е бројот на заболени деца на возраст од 0 до 6 години со проблеми со дишењето, каде разликата е речиси двојно помала. Од движењето наведуваат дека во 2015 година, кога работел „Југохром“, овој број изнесувал 31.446 случаеви, додека во 2017 година кога не работел овој број се намалил на 18.578 случаеви.

„Значи, со фактите со кои располагаме, мисијата на овие граѓански организации не завршува тука. Сега почнуваме со нова мисија – правна помош за граѓаните чиешто здравје е оштетено од страна на ‘екоцид’ предизвикан од оваа фабрика. Во соработка со адвокати, правници и експерти за заштита на животната средина, ќе им помогнеме на сите оштетени граѓани со тужби за да ја надоместат предизвикана штетата. Исто така, ќе поднесеме кривична пријава до обвинителот за оние кои ја дозволија и предизвикаа оваа бавна смрт на граѓаните на Тетово и пошироко“, велат од „Екогерила“.

Од таму велат дека во Велес дури и по 15 години од затворањето на топилницата, почвата е загадена, а присутни се и негативните ефекти врз здравјето на граѓаните. Од таму велат дека за поздрав се кривичните пријави во Битола, против поранешните директори на РЕК Битола кои со своите постапки ги загрозувале здравјето и животната средина на граѓаните. Истата одговорност, велат од „Екогерила“ треба да се бара и за загрозување на животот на луѓето во Полошкиот Регион.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП