19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПо откажувањето на ,,Трансмет”, РЕК Битола распиша нов тендер за ископ на...

По откажувањето на ,,Трансмет”, РЕК Битола распиша нов тендер за ископ на јаловина

По откажувањето на ,,Трансмет” од договорот за ископ на јаглен во РЕК Битола, распишан е нов тендер за избор на фирма за ископ и транспорт на јаглен и јаловина. За да се покрие периодот од три месеци до избор на нова фирма, кој ќе се изврши преку јавна е-аукција,  склучен е привремен договор за ископ согласно со Законот за јавни набавки кој предвидува услови од крајна итност за да може да продолжи производството на електрична енергија во РЕК Битола.

Истиот ден кога ,,Трансмет“ го извести АД ЕЛЕМ дека се повлекува од договорот, во РЕК Битола беа повикани да дадат свои понуди фирмите: ,,Рудкоп”- Битола, ,,Пелистер”- Битола, ,,Машинокоп”- Кавадарци, ,,Илинден”- Струга и ,,Топлина”- Охрид. Првичната цена која РЕК Битола ја доби изнесуваше 100 денари за гигаџул (ден/ GJ), додека последната понудена цена, на која и беше склучен договорот со фирмата ,,Пелистер” изнесуваше 87,80 ден/ GJ, информираат РЕК Битола.  Според нив, овој договор ќе важи во следните три месеци, до кога се очекува преку тендер и со јавно електронско наддавање да биде избрана фирма што ќе го врши ископот на јаглен во РЕК Битола.

Во соопштението се додава дека е во завршна фаза тендерската документација за купување сопствена механизација за ископ на јаглен, со што АД ЕЛЕМ ќе го елиминира или ќе го сведе на минимум ангажирањето надворешни фирми во оваа државна компанија, односно намерата на раководството е АД ЕЛЕМ и нејзините подружници при производството на електрична енергија да се потпираат на свои ресурси, наместо за тоа да се исплатуваат приватни фирми.

Согласно со направената физибилити студија од страна на Секторот за развој и инвестици во РЕК Битола, за целосна набавка на сопствена опрема ќе бидат потребни 64, 5 милиони ера. Во прва фаза, сумата за набавка ќе биде 24 милиони евра и тендерот се очекува да биде распишан до крајот на февруари.

Тендерот за купување механизација кој претходното раководство на АД ЕЛЕМ го распиша пред неговото разрешување, беше запрен по насока на новата Влада, поради потреба од повторна проценка на потребите кои беа наведени во документацијата за тоа што е планирано да се купи и во која количина, како и условите според кои понудувачите можат да учествуваат на тендерот. Целта на новата проценка меѓу другото е и да се даде можност да учествуваат што повеќе фирми и да има поголема конкуренција на тендерот, односно да се елиминираат можностите за фаворизирање одредени понудувачи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП